Македонија
Пендаровски во Израел: Двете држави ја споделуваат трагедијата на холокаустот во кој беа убиени илјадници Евреи
Претседателот Стево Пендаровски, кој во Ерусалим ќе учествува на форумот по повод Меѓународниот ден за сеќавање на холокаустот – 27 Јануари, и 75-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор на смртта „Аушвиц-Биркенау“, денес се сретна со претседателот на Израел, Реувен Ривлин.
„Претседателот Пендаровски нагласи дека двете држави ја споделуваат трагедијата на холокаустот во кој беа убиени илјадници Евреи од нашата држава, што претставува ненадоместлива загуба за нас. Претседателот ја истакна улогата на еврејската заедница во Република Северна Македонија изразувајќи уверување дека таа и натаму ќе продолжи да го дава својот активен придонес за севкупниот развој на државата, како и во негувањето на добрите односи меѓу двете земји“, соопштија од кабинетот на Пендаровски.
Тој информирал дека од декември 2019 година Република Северна Македонија е асоцијативна членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот и ќе се заложи да стане полноправна членка во 2021 година.
Исто така, Пендаровски се заблагодарил за поддршката што Израел ѝ ја дава на Северна Македонија во изминатиот период, од стекнувањето на нашата независност, додавајќи дека постојат можности за интензивирање на економската соработка.
Двајцата претседатели размениле информации и мислења за состојбите на Балканот и за блискоисточниот регион. На средбата беше изразено задоволство од одличната соработка меѓу Северна Македонија и Израел на билатерален и мултилатерален план.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Приведен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче
Полицијата во Охрид го приведе А.И.(48), затоа што го фотографирал гласачкото ливче на избирачкото место 1271 во Охрид.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од СВР Охрид.
Македонија
ОЈО Делчево истражува обид за изборен поткуп со бесплатно вградување водомери
Основното јавно обвинителство Делчево истражува предмет за изборен поткуп со бесплатно поставување водомери. Обвинителот Џељаљ Бајрами, претседател на Комисијата на Јавното обвинителство за следење на евентуални кривични дела поврзани со изборите извести дека се издадени наредби за увид во службената документација на Јавното претпријатие „Комуналец“ во Делчево.
„Во текот на вчерашниот ден во Основното јавно обвинителство Делчево е заведен предмет по барање на Министерството за внатрешни работи за кој се побрани наредби за вршење увид во службената документација на Јавното претпријатие ’Комуналец“ со цел да се проверат наводите за евентуално сторено кривично дело поткуп при избори и гласање. Се работи за наводно поставување водомери во поголем број населени места во таа општина. Дадена е наредба за проверка на службената документација во претпријатието. Доколку се утврди дека има елементи за сторено кривично дело поткуп при избори и гласање, предметот ќе се процесира понатака“, рече обвинителот Бајрами.
Во Основното јавно обвинителство Радовиш денес е пријавено дека во село Бучим еден од гласачите, наводно, го покажал гласачкото ливче кон еден од набљудувачите од една политичка партија. И за овој настан обвинителот Бајрами рече дека се дадени насоки за проверка на наводите и доколку постојат елементи за сторено кривично дело и овој предмет ќе се процесира.
Обвинителот Бајрами рече дека од аспект на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денешниот изборен ден се одвива без поголеми нарушувања и нерегуларности.
Македонија
Одѕивот до 13 часот е 26,35 отсто – најмногу гласале во Новаци, а намалку во Врапчиште
Процентот на избирачите кои гласале до 13 часот е 26,35 отсто, информираше претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Според податоците, најголема е излезноста во Новаци – 42,87, а најмала во Врапчиште 10,18 отсто.
Заклучокот е дека досега гласањето се одвива мирно на сите избирачки места.
До ДИК се доставени 140 приговори за заштита на избирачко право, од нив 16 се усвоени и на избирачите им е овозможено да остварат право на глас, 8 се отфрлени како неуредни, а 9 одбиени. Останатите се во обработка.