Македонија
„Почнавме да го корнеме злото што го насади ДУИ, ја отвораме најрешителната офанзива против коцкарските картели“, велат од „Влен“

„Со усвојување на Предлог-законот за игрите на среќа од страна на Владата, ја отвораме најрешителната офанзива против коцкарските картели која со години ја претвораше сиромаштијата на Албанците во своја валута. Го наследивме општеството во кое секој агол, од селските улици до центарот на градовите беше обележан со светкави излози на казина и обложувалници. Над 7 000 VLT-апарати безмилосно им ги празнеа џебовите на нашите граѓани, додека претходната власт се колнеше во ‘економски развој’“, велат од „Влен“.
„Го прекинуваме тој порочен круг: со овој закон ќе се отстранат 4 000 апарати, со што коцкарската инфраструктура се намалува за најмалку 70%. Ова е само прв, но огромен чекор кон целосно прочистување на теренот.
Законот предвидува забрана на рекламирањето на коцкањето, нема повеќе агресивни спотови што го мамат младиот ум со блескави ветувања за „брза среќа“.
Казината и обложувалниците исчезнуваат од населбите каде што има млади луѓе. Околу секој образовен објект воспоставуваме заштитен појас од 500 метри за децата да стигнат до училишниот праг без да минат низ коцкарски коридор.
Ја затвораме вратата и за лакомите лиценци: од сега, нема повеќе една дозвола за бескрајни филијали. Даночните обврски и лиценцните такси драстично се зголемуваат, а секој обид за заобиколување на системот ќе завршува со конфискација и кривична одговорност.
Нашата борба не застанува на физичките адреси, ја прошируваме и на интернет. Досега блокиравме повеќе од 200 нелегални онлајн страници што тивко им се инфилтрираа во домовите на граѓаните, претворајќи го приватното секојдневие во казино без ѕидови.
Свесни сме дека коцкарските картели се добро организирани и опасни противници чии пипци не признаваат граници, ни политички, ни етнички, ни верски. Но решителноста на ВЛЕН е посилна. Оваа борба ја водиме за нашите семејства, за нашите деца и за иднината која им ја должиме.
Почнавме да ја уринавме империјата на коцкањето што ја градеше ДУИ врз бедата на народот.
Ова е почетокот на една нова ера во која „Влен“ ќе остане строго на своите позиции сè додека ракот на коцкањето не биде целосно искоренет од нашето општество“, се наведува во соопштението на „Влен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Активни 5 пожари

Центарот за управување со кризи информира дека до 13:00 часот се евидентирани вкупно 7 пожари на отворен простор, од кои: 5 се активни, еден е под контрола и еден е изгаснат.
Активни пожари:
Општина Желино – с. Желино према Еребино, планина Жеден (нискостеблеста шума, грмушки и ниска вегетација)
Општина Василево – с. Нивичино (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација)
Општина Македонски Брод – с. Грешница (мешана шума и ниска вегетација)
Општина Македонски Брод (реактивиран) – помеѓу с. Црешнево, с. Локвица и с. Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација)
Општина Прилеп – помеѓу селата Царевиќ и Смолани (мешана шума и нискостеблеста вегетација)
Под контрола е огнот кај селата Џидимирци, Крушје и Иванковци каде гори мешана нискостеблеста деградирана шума.
Изгаснат е пожарот во Општина Македонски Брод, село Слатина.
Македонија
(Видео) Манасиевски: СДС во октомври ги очекува дебакл

СДС ги очекува невиден дебакл во Скопје. Изборите ќе ги изгубат во октомври, како што 1 + 1 = 2. Дното за СДС не е допрено, допрва ќе го допрат во октомври, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој истакна дека „СДС и Венко Филипче не успеале да мотивираат ниту еден човек со силен минат труд, па мораа да прибегнат да ја кандидираат Каја Шукова, од шинелот на Заев“.
„Шукова која беше државен секретар и министер за животна средина и не направи ништо позитивно, не остави ниту еден белег за државата, туку му слугуваше на Заев и неговите бизнис интереси, не може да биде ништо друго освен кандидат за пораз. Јасно и е и на самата Шукова дека ќе губи во октомври, а дека ќе треба да го преземе епитетот од Димитар Ковачевски за најслаб резултат на СДС во историјата. Само не и е јасно ниту на Шукова, ниту во СДС знаат што да прават, и што да зборуваат до избори, немаат ниту план, програма не се ни мачат да прават, ќе спојат 3-4 од минатите изборни циклуси, едноставно чекаат само да поминат изборите“, вели Манасиевски.
Според него, „Скопје ниту има потреба од егзибиции, ниту ќе ги допушти истите“.
„Во Скопје уште во прв круг победата ќе ја однесе Орце Ѓорѓиевски и ВМРО-ДПМНЕ“, кажа Манасиевски.
Македонија
АМСМ: Зголемена фреквенција на патиштата – на Табановце и Богородица се чека по 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради зголемена фреквенција на возила на ГП Табановце за влез и ГП Богородица за излез од државата, времето на чекање е околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.