Македонија
РЕК Битола испрати свои пожарникари за гаснење на пожарот во „Жито Битола“
Две противпожарни возила и дваесет пожарникари и вработени во Службата за техничка сигурност при РЕК Битола активно се вкучија во гаснењето на пожарот во фабриката „Жито Битола“. Едно противпожарно возило на РЕК Битола со тројца пожарникари дежураа во текот на ноќта, заедно со колеги од противпожарната единица од Битола и будно ја следеа состојбата во опожарениот објект. Противпожарната служба на РЕК Битола останува на располагање за каква било интервенција, доколку има потреба од тоа.
„ РЕК Битола како општествено одговорна компанија во многу наврати учествува во различни акции за заштита на општественото добро. Противпожарната служба на комбинатот беше вклучена во гаснењето на пожарите што ја зафатија земјата минатото лето, а претходно и во гаснењето на депонијата Мегленци во близина на РЕК Битола.
Согледувајќи ја важноста на противпожарната служба за комбинатот, како и за градот и државата, Синдикатот на РЕК Битола, каде членуваат пожарникарите од РЕК Битола, и менаџментот на комбинатот договорија осовременување на опремата што ја користат пожарникарите при интервенциите, како и на униформите што ги носат вработените во службата.
Во фаза на потпишување се договорите за набавка на униформи за пожарникарите, на противпожарни одела, ракаваци и чизми во вкупна вредност од над четири милиони денари, односно околу 70.000 евра. Новата опрема ќе ја зголеми безбедноста на пожарникарите, а ќе ја зголеми и ефикасноста при интервенциите“ соопштија од компанијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.