Македонија
Советот на амбасадорите ја повикува Бугарија да ја донесе вистинската одлука

Советот на амбасадорите изразува жалење поради ветото што го постави соседна Бугарија, со што се блокира почетокот на преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија. Со овој непримерен чин Република Бугарија не се претстави пред светот како европски ориентирана земја која ги почитува и применува европските вредности и стандардите на самоопределување, човековите права, демократијата, јазичните и културните вредности и различитости, се вели во соопштението.
Советот на амбасадорите смета дека доколку се пропушти можноста за соодветно решение до и на самитот на ЕУ, дека во рамките на неодамнешните реформи на процесот на проширување на Европската Унија, ќе биде испуштена можноста за корекција на принципот на општ консенсуз при донесување на одлуките со посовремен и поефикасен начин на донесување одлуки. Такво решение ќе придонесе Унијата да биде полиберална и да стане поефективна, порамноправна и подемократска и економски појака меѓународна организација.
Советот смета дека сегашните светски предизвици за човештвото, како борбата против меѓународниот тероризам, сиромаштијата и загадувањето на човековата околина, особено сега во време на борба против коронавирусот, може да се надминат единдствено преку здружување на народите и државите, а не преку разни меѓусебни блокади.
Советот исто така смета дека не може да се развиваат добрососедски односи меѓу земјите со негирање на минатото на народите, нивните јазични и културни вредности од позиција на примена на вето како екслузивно право на земја членка на Унијата кон земјите кандидати или аспиранти. Советот на амбасадорите ги повикува земјите членки на Унијата, а особено Република Бугарија, да вложат вистински напори и да придонесат на Европскиот совет да се донесе вистинската одлука – во декември оваа година Република Северна Македонија и ЕУ да ја одржаат првата меѓувладина конференција и да почнат преговорите за членството во Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ИК на ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски да предложи нови кадровски решенија, одењето на Таравари значи паѓање на уште една маска

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржа седница на која се дискутираше за актуелната економска и политичка состојба во државата
Во рамки на седницата, Извршниот комитет го овласти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да предложи нови кадровски решенија на позициите што досега ѝ припаѓаа на Алијансата за Албанците, по одлуката на Арбен Таравари да ја напушти владината коалиција.
Овој чекор на Таравари беше оценето дека претставува уште еден доказ дека групата на заштитници на криминалот и корупцијата добива нови редови. „Уште една маска падна, уште една илузија беше разоткриена“, пишува во соопштението.
„На политичката сцена се појави нов, добро координиран марионетски квартет: СДС, Алијанса, ДУИ и Левица – различни имиња, но ист газда. Различни маски, но ист сценарист. ДУИ со години инвестираше во создавање на лажни политички конкуренти кои всушност се негови продолжени раце. Така ги добивме СДС и Алијансата на Таравари – партии со речиси идентичен рејтинг, подготвени да бидат потрошени во функција на обидот за враќање на ДУИ на власт. И како што е случај со секоја потрошна роба, така и овие ќе бидат фрлени на политички отпад кога ќе ја завршат својата задача“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, жално е што токму ваквите политички привезоци најдобро се снаоѓаат во улога на сервилни помошници – без став, без визија, без достоинство.
„Но, да биде јасно: државата не оди во провалија. Од провалијата ја вадиме. А тоа што ги боли е фактот што веќе нема амнестии, нема рекети, нема наместени тендери. Боли што правдата конечно тропа на нивната врата. На крајот, нека викаат колку сакаат. СДС, ДУИ и нивните политички вазали веќе се осудени – од граѓаните на изборите. А вистинскиот суд – оној на правдата – допрва доаѓа“, се наведува во соопштението.
Македонија
Викендов дожд со температури под просекот за овој период од годината

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени, информира УХРМ.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Во четврток кон крајот на денот, во текот на ноќта и во петок под влијание на влажен бран ќе има врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. Во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно време со повремен локален дожд. Температурите ќе бидат под просекот за овој период од годината.
Македонија
Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ќе добие Факултет за медицина

Владата ја разгледа и усвои информацијата за потреба за основање на Факултет за медицински науки и здравство при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
„Формирањето на Факултетот за медицински науки и здравство како единица во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола претставува стратешка неопходност за унапредување на здравственото образование особено во Пелагонискиот и Југозападниот регион на Република Северна Македонија“, велат од Владата.
Новоформираниот факултет ќе има задача да биде правен наследник на Високата медицинска школа, каде освен тригодишни студии ќе може да се акредитираат четиригодишни студиски програми по медицински сестри и акушерки.
Од Владата велат дека имајќи го предвид фактот дека е потребно време да се испочитуваат мислењата од сите надлежни институции, како на пример да се разгледа проектот за основање на Факултетот за медицински науки и здравство како единица во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола од страна на Одборот за акредитација на високото образование, да се донесе закон за основање, и да се испочитува членот 149 од Законот, каде е наведено дека запишувањето на студии се врши врз основа на јавен конкурс кој го објавува универзитетот, односно самостојната висока стручна школа кој ги реализира студиите најмалку пет месеци пред започнувањето на наставата, Министерството за образование и наука предложи Факултетот за медицински науки и здравство да отпочне со работа од студиската 2026/2027 година, а во меѓувреме да се завршат сите постапки согласно Законот за високо образование.