Македонија
Куќниот притвор на Камчев стигна пред Врховниот суд
Откога двапати по ред му беше потврдена мерката куќен притвор од Апелациониот суд на бизнисменот Орце Камчев, осомничен во истрагата за „Империја“, минатата недела четворица негови адвокати до Врховниот суд поднеле жалба повикувајќи се на начелното правно мислење за рокот за истраги на СЈО, дознава „Макфакс“.
Според нашите сознанија, до крајот на неделава врховните судии ќе одлучуваат за жалбата на Камчев. Ако кривичниот совет на Врховниот суд го следи начелното правно мислење за ограничениот рок за истраги на СЈО, тогаш може да се очекува оваа жалба да биде прифатена и Камчев да биде пуштен да се брани од слобода.
СЈО во петокот ја информира јавноста дека по доставени предлози, Апелациониот суд Скопје донел решенија со кои им се продолжува куќниот притвор во траење од 30 дена за осомничените Јордан Камчев, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ.
На осомничените Тодор Мирчевски и Зорица Арсовска одземени им се пасошите и треба еднаш неделно да се јавуваат во судот. За нив СЈО не побара да им биде продолжен куќниот притвор и тие се на слобода.
Во „Империја“ осомничени се Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска-Камчева, Христина Камчева-Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски за неколку кривични дела.
Според СЈО, лицата се осомничени за злосторничко здружување, оштетување или повластување доверители, злоупотреба на службената положба и овластувањето, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.
Во предистражната постапка, со преземање разни истражни дејства, како и со примена на посебни истражни мерки, обезбедени се доволно докази, од кои, според СЈО, произлегло основано сомнение дека во периодот од 2002 до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица што биле или се во нивна сопственост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.