Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: Петре Шилегов со години го финансирал секс кампот каде се трауматизирани малолетни деца

Петре Шилегов со години го финансирал секс кампот каде се трауматизирани малолетни деца, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„Вчера објавивме документ – информација испратена до директорите на средните училишта на Град Скопје од кој се гледа дека и во 2021 година Шилегов го финансирал секс кампот. Според досега достапните информации. Шилегов го финансирал скандалозниот проект најмалку 2 години. Залудни се обидите на Шилегов да се отргне од одговорност. Од документот кој вчера го објавивме се гледа дека од страна на Град Скопје е испратена информација до директорите на средните училишта на Град Скопје за тоа кои проекти се избрани на јавен повик и финансиски и поддржани од Град Скопје. Во тој документ јасно е наведено дека проектите се насочени кон остварување на програмските цели на Град Скопје во областа на образованието“, велат од опозициската партија.
Од таму велат дека Шилегов знаел или морал да знае за проектот.
„Шилегов сноси морална и политичка одговорност за овој скандал. Со пари на скопјани е финансиран проект со кој се нанесени тешки психолошки трауми врз десетици малолетни деца. Шилегов е директно виновен за психичките лузни врз десетици малолетни деца“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ ги задолжува општините, Радовиш е нов на листата

„Неспособните локални власти на ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со неодговорно и расипничко раководење на општините. Локалните управи на ВМРО-ДПМНЕ предводени од шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски спроведуваат скапи и нетранспарентни задолжувања на општините на штета на граѓаните“, соопштуваат од СДСМ.
Од партијата велат дека „Аеродром, Бутел, Гази Баба и Прилеп се општините што преку обврзници ги задолжуваат граѓаните. Не се знае за што се наменети овие задолжувања, не се знае колку време ќе се отплаќаат, ниту колкава ќе биде каматната стапка. Но, јасно е дека граѓаните, наместо решавање на проблемите и нови проекти, добиваат долгови што ќе ги плаќаат со години“.
„И Општина Радовиш ќе се задолжува со 80 милиони денари или околу 1,3 милион евра преку кредит од комерцијални банки Ова е добро познатата практика на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2017 година, по 12 години владеење, ги оставија општините во долгови, со блокирани сметки. Сега повторно ги задолжуваат и им нанесуваат голема штета на општините и на граѓаните“, се вели во соопштението.
Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски и неговата Влада целосно се изгубија, политиката на свиткан ‘рбет носи само нови понижувања

Понижувањата и навредите што ги трпат Македонија и Македонците се резултат на погрешната политика на СДС. Изворот на ова е затруеното дрво, договорот со Бугарија што тие го донесоа, со кое отворија врата и дадоа легитимитет на негаторските изјави и постапки упатени кон македонскиот идентитет, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Резултатот на сето тоа денес се тензиите што се појавуваат, историски најлошите односи меѓу двете земји и скандалозните прослави на историски датуми со кордони, многу полиција и чествување далеку од очите на народот. Наместо за иднина, власта на СДС се согласи да се зборува за историја. Нема никаков инфраструктурен и економски бенефит за Македонија од ова.
Напротив, добиваме уцени и нови и нови барања, чија крајна цел веќе и не се крие, а тоа е однародување, што нема никаква врска со европските стандарди и вредности. Ковачевски и неговата Влада се целосно изгубени и со свиткан ‘рбет. Веќе не знаат како да се оправдаат за живиот песок во кој тонат и, за жал, ја влечат и Македонија“, велат од партијата.
Тие велат дека неопходни се избори што побргу, на кои граѓаните јасно и гласно ќе кажат што мислат за нивните погубни политики.
Економија
АД ЕСМ: Блокот 1 на РЕК „Битола“ исклучен од мрежа

„Утрово, Блокот 1 на РЕК „Битола“ е исклучен од мрежа поради интервенции во цевководниот систем на постројката, сервисни и ремонтни активности на мелничките кола и нега на постројките во машинската сала на блокот. Се очекува блокот да биде ставен во функција во следните 24-48 часа“ информираат од АД ЕСМ.
Од таму потсетуваат дека „поради енергетската криза во која се наоѓа земјата и потребата од постојано и зголемено производство на електрична енергија, ремонти и санација на блоковите, не се изведуваат како што вообичаено тоа се прави, со застои на производствениот процес на блокот во период од 60 до 90 дена“.
„Сите неопходни зафати во овој период се прават кога се апсолутно неопходни или кога ќе се укаже можност за тоа. Блокот 2 и Блокот 3 на РЕК ‘Битола’ во моментот работат без проблеми. Ремонтни активности на Блокот 2 се предвидени за следната недела. За целиот овој период, АД ЕСМ ги задоволува потребите за електрична енергија на потрошувачите со производство од другите свои капацитетите. Увоз на електрична енергија нема“, се вели во соопштението.