Соопштенија
Колев: Палењето на знамето на држава која дала државјанства на илјадници Македонци е невоспитано

Да го запалиш знамето на државата која прва нè призна и испрати јасен сигнал кон целиот свет дека Македонија ќе биде самостојна и суверена држава, да го направиш на тој или претходниот ден по 29 години, е повеќе од јасна порака, вели Петар Колев, претседател на ГДУ.
„Да го запалиш знамето на државата која образовала илјадници твои деца, дала државјанства на илјадници твои граѓани, комшии, роднини кои работат низ цел свет и праќаат пари на своите семејства за да ги спасат од глад и мизерија, во која држава и денес функционираат фирми на твои сограѓани, роднини и комшии, а печалбите ги трошат во Македонија е меко кажано невоспитано“, смета Колев.
Проблемите и нерешените прашања се решаваат, додава тој, но комшиите и роднините остануваат.
Тој вели дека жали за тоа што се случило и вели дека се надева дека сфаќаме како општество колку е болно и навредливо кога некој ќе ти го запали националниот симбол и каква навреда е тоа.
„Ни се случувало многу пати да гори и македонското знаме, но, за волја на вистината, никогаш не било палено во Бугарија или од Бугари туку од други наши соседни земји, но и наши сограѓани од друга етничка припадност. Палењето на национални симболи е кривично дело, извршено од индивидуалци и очекувам институциите да си ја завршат својата законска обврска, бидејќи сум убеден дека ние како општество не сме должни да го носиме срамот и навредите предизвикани од индивидуални постапки“, вели Колев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Алијансата за Албанците и Алтернативата: Полицијата на Оливер Спасовски испровоцира несразмерни инциденти на протестот за „Монструм“

Денес, кога беше предвидено да се одржи најавениот мирен протест против одлуката на монтираниот процес „Монструм“, полицијата на Оливер Спасовски се погрижи да го спречи овој протест и дури со таквото спречување да провоцира несразмерни инциденти, велат од коалицијата меѓу Алијансата за Албанците и Алтернативата.
Од таму велат дека и покрај барањето на организаторот, семејството на казнетите во случајот „Монструм“, кои претходно го информирале Министерството за внатрешни работи за организирање на протестот, полицијата со големо засилување со блиндирани возила и специјални единици не им го допушти патот и така ги спречи протестантите да стигнат до нивната дестинација.
„Како што знаеме, секаде во светот протестантите се тие што го одредуваат местото на одржување протест и во секоја демократска држава на светот тие, освен информирање на полицијата, немаат никаква друга обврска“, се наведува во соопштението.
Од Алијансата за Албанците и од Алтернативата велат дека ова е уште еден доказ дека по падот на режимот Груевски – Ахмети, на повидок е новиот режим Заев – Ахмети.
„Исто како и бандите на Груевски некогаш, така и денес полицијата, наместо да биде на страна на граѓаните, таа ги спречи во нивното слободно изразување јавно мислење и во правото за мирен протест. А оваа појава се именува само како диктатура. Ни помалку ни повеќе. За потсетување, вакви сцени денес може да гледаме само во Белорусија, Венецуела и во Русија. А дали оваа зборува за нови сојузници на овој режим или, пак, ова е само вежбање врз грбот на Албанците, тоа треба да го објаснат тие што ја користат полицијата на народот против народот“, велат од коалицијата.
Од таму велат дека пратениците на коалицијата меѓу Алијансата за Албанците и Алтернативата денес биле таму за подржување на протестот и без никаква друга претензија. Дури, велат од таму, како што можевме да видиме, тие помагаа во смирување на тензиите останувајќи таму заедно со народот и со правото на народот.
„Сепак, ние сме убедени дека во Северна Македонија сменети се само актерите, а сценариото и сценаристите остануваат исти. Затоа, како што го уривавме режимот Груевски – Ахмети, ни преостанува да го урнеме и овој режим бидејќи немаме друг спас од диктатурата“, велат од Алијансата за Албанците и од Алтернативата.
Соопштенија
Обединетата македонска дијаспора бара сеопфатна македонска стратегија против Ковид-19

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) изразува загриженост за доцнењето во набавката на вакцините Ковид-19 за Македонија и бара сеопфатна македонска стратегија во борбата против коронавирусот.
„Македонија се надева дека ќе добие 840.000 дози вакцини овој месец според шемата предводена од Светската здравствена организација за помош на посиромашните земји. Покрај тоа, таа се потпира на издвојувања од други земји, како што е донирањето 8.000 дози вакцини, штотуку примени од Србија. Некои вакцини исто така се очекува да пристигнат во Македонија подоцна во 2021 година преку Европската Унија. Владата на Зоран Заев побара помош од соседите Албанија, Бугарија, Грција и Србија, заедно со Полска и Унгарија“, велат од ОМД.
„Секоја земја се бори со Ковид-19. Она што е јасно е дека оние што сега гледаат нагорна насока имаат воспоставена сеопфатна стратегија веќе неколку месеци. Клучна компонента на ова е обезбедување програма за породување и вакцинација за да се победи Ковид-19“, вели Стојан Николов, претседавач на бордот на ОМД.
Според него, ситуацијата во Македонија е длабоко разочарувачка.
„Со вртоглаво зголемената стапка на смртност треба да се постават сериозни прашања за тоа како е дозволено ситуацијата во Македонија да заостанува толку многу зад остатокот од Европа. Како глобална група за застапување, ОМД работеше со партнери од целиот свет. Од прва рака видовме разни реакции на пандемијата на Ковид-19. Разочарувачки е што Македонија преку несоодветно лидерство и недостиг на стратегија е на дното на листата. Постојат безброј работи што треба да се направат повеќе за да се спасат и заштитат животи. Тоа почнува со транспарентно признавање на неуспесите досега и јасен план за приоритетите за дејствување во иднина“, вели Николов.
Соопштенија
Левицата: Правда ќе има само со конфискација на нелегално стекнатиот имот на Мијалков

Правда ќе има само со конфискација на нелегално стекнатиот имот на Сашо Мијалков, реагира Левицата по денешната пресуда од 12 години затворска казна за поранешниот директор на УБК.
„По фијаското со самопријавувањето на Мијалков во Обвинителството и скандалозната изјава на премиерот Заев дека тој лично координирал со акцијата како да е обвинител, а не премиер – денес беше изречена 12 години затворска казна за поранешниот директор на УБК. Се работи за еден од најголемите криминали и злодела на претходниот режим, преку кој масовно беа нелегално прислушувани тогашни критичари на власта, вклучително и претседателот на Левицата, Димитар Апасиев“, велат од партијата.
Со падот на тогашната власт, додаваат од Левицата, Сашо Мијалков продолжи да биде продолжена рака на новиот режим директно учествувајќи во недемократските процеси на новата Влада, како што беше насилната промена на уставното име. Впрочем, додаваат од партијата, семејните фирми на Мијалков неколкукратно ги зголемија своите профити преку државни тендери доделени токму од власта на СДСМ.
„И покрај помпезните изјави на власта дека со оваа одлука правдата е задоволена, политичката пракса во Македонија го покажува спротивното. Впрочем, денеска како главен преговарач со Бугарија и ревизор на учебници е поранешен премиер, кој беше осуден на три години затвор, пресуда што никогаш не стапи во сила. Да не заборавиме дека токму денешниот премиер на Македонија е аболирано лице, а како амбасадор во САД е испратен Фрчковски – лице со кое се поврзуваат многу скандали и контроверзии, особено од времето кога токму тој беше министер за внатрешни работи, при што се случи атентатот врз претседателот Киро Глигоров, случај што никогаш не беше расчистен. И на крајот, разните случаи на бегство и застарување на делата, како што е случајот токму со премиерот од претходниот режим – Груевски, остава голем сомнеж дека и во овој случај ќе се создадат слични околности што ќе значат прикриена амнестија на криминалецот или негова привилегирана положба на издржување на казната“, се наведува во соопштението.
За правдата да биде задоволена, Левицата смета дека потребно е спроведување конфискација, односно како што предвидува член 97 од Кривичниот законик: „Од сторителот ќе се конфискува имотната корист прибавена со кривичното дело што се состои во пари, подвижни или недвижни предмети од вредност, како и секоја друга сопственост.., а ако нивната конфискација не е можна, на сторителот ќе му се конфискува друг имот што одговара на прибавената имотна корист. Имотната корист се конфискува и од трети лица на кои е пренесена, без соодветен надоместок, ако не знаеле, а можеле или биле должни да знаат дека е прибавена со кривично дело“.
„Јасно е дека Мијалков ја злоупотреби својата политичка моќ преку која прибави огромна економска корист и политичко влијание, при што стана еден од најбогатите олигарси во државата. Токму концентрацијата на политичка и економска моќ ги предизвикува сите девијантни појави на системот – како неказнивост, корупција, уцени и сеење страв кон граѓаните. Затоа, не е доволно да се лиши Мијалков од слобода, туку нужно потребно е тој да се лиши од плодовите на неговите криминални дејства“, се наведува во соопштението.
- Книги2 месеци
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Црна хроника3 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Македонија3 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија2 месеци
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Регион2 месеци
(Видео) Прекината прес-конференција на градоначалникот на Бања Лука: „Луѓе ова е сериозен земјотрес“
- Регион2 месеци
(Видео) Снимен моментот на потресот во Петриња – луѓе не можат да се задржат на земјата
- Свет4 недели
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер