Соопштенија
СДСМ: Мицкоски ќе биде запаметен по тоа што ги рушеше националните позиции во однос на Бугарија

Христијан Мицкоски, со своите неодговорни и недржавнички постапки, ги поткопа, ги загрози националните позиции во однос на Бугарија во клучни моменти, реагираат од партијата на власт.
„Државниот и националниот интерес на граѓаните треба да биде заеднички именител на сите одговорни политичари и политички партии во македонското општество, но јавноста сведочи дека тоа не е Христијан Мицкоски. Тој учествувал на конгрес на ЕПП, на кој е усвоена резолуција, која иако повикува на почеток на преговори со ЕУ, во еден дел ги содржи ставовите на Бугарија, односно тврди дека не сме ги почнале преговорите со ЕУ затоа што не биле постигнати опипливи резултати во однос на спроведувањето на билатералните договори со Бугарија.
Ова е во спротивност со резолуцијата за македонските позиции и црвени линии донесена во македонското Собрание и поддржана од сите партии“, стои во писмената реакција од страна на СДСМ.
И наместо да излезе пред граѓаните, како што додаваат од таму, да одговори зошто прифатил резолуција спротивна на македонската резолуција, Мицкоски со денови молчи и се крие.
„Мицкоски ќе остане запаметен по тоа како ги рушеше државните позиции во однос на Бугарија и како ги предаде македонските национални интереси. Но, ниту Мицкоски не може да го поништи тоа дека Република Северна Македонија ги исполни сите услови за почеток на преговорите со ЕУ, а нивното непочнување е само поради блокадите на Бугарија. Дури и со одлука на Европскиот совет е потврдено дека ги имаме исполнето сите услови за почеток на преговорите. Тоа е факт признаен и потврден од сите“, е наведено во напишаното од страна на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
СДСМ: Нервоза во ВМРО-ДПМНЕ, со деструкции во Собранието не се брани криминал

Расте нервозата во белата плата, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието по налог на Мицкоски се обидуваат да создадат тензии и инциденти за да го одбранат криминалот, соопшти владејачкиот СДСМ.
„Секогаш кога во Собранието се расправа за закони од правосудството, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се нервозни, деструктивни, прават тензии, ги малтретираат пратениците и вработените во собраниските служби, а често се обидуваат да испровоцираат и физички пресметки. Јавноста се увери дека ВМРО-ДПМНЕ е виновникот што го предизвика инцидентот во Комисијата за европски прашања.
Но, тоа не е првпат. И претходно пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се однесуваа дрско и безобразно и на Комисијата за политички систем и на Комисијата за образование кога претседателките на комисиите беа физички напаѓани од страна на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ ги поминува сите граници на нормалност и пристојност, но треба да знаат дека бадијала прават тензии, одговорност за секој криминал ќе има, не се брани криминалот со деструкции во Собранието“, се вели во соопштението.
СДСМ како парламентарно мнозинство нема да дозволи во Собранието да надвладее хаосот, обидите на ВМРО-ДПМНЕ за блокади повторно ќе бидат неуспешни, порачаа од СДСМ.
Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: Народот ги чувствува осиромашувањето и националното понижување, а го гледа и насилството на власта

Насилството на Арбр Адеми покажува дека нервозата во владејачката коалиција станува сè поголемо. Но, таквата нервоза нека си ја манифестираат дома или на партиските состаноци, а не во Собранието, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Да навредуваш, влечеш, гаѓаш со тврди предмети и да расфрлаш инвентар не прилега никаде, а најмалку во законодавниот дом. За ова свое поведение, Арбр Адеми треба да одговара пред Јавното обвинителство бидејќи со намера се обиде да му нанесе тешки повреди на свој колега пратеник. Ако имаат доблест СДСМ и Ковачевски, нема да се прават наивни и да релативизираат, туку ќе побараат тргање на имунитетот на Арбр Адеми и одговорност.
Целата јавност го виде насилството на Адеми и тука не им поминуваат оправдувања за хибридни напади, странски служби или играње на национална карта. Адеми дивееше и тоа го видоа сите“, се наведува во соопштението.
Од таму додаваат дека доколку, пак, на СДСМ и на ДУИ ваквите инциденти им се смислено сценарио за одвлекување на вниманието на јавноста, и тогаш се лажат.
„ Граѓаните ем ќе го запамтат дивеењето и примитивизмот на власта во Собранието, но во исто време ќе го чувствуваат осиромашувањето, кое им се случува со двоцифрената инфлација и новото поскапување на струјата. Граѓаните ќе ги паметат и испадите на Адеми и на Талат Џафери, ама и распродажбата на националните и државните интереси, која се прави на тајните преговори за протоколите, кои треба да ги содржат сите бугарски барања.
Граѓаните гледаат со каква насилничка, неодговорна, ненародна и криминогена власт си имаат работа и затоа бараат промени. Тие промени ќе се случат на следните предвремени парламентарни избори“, порачаа од опозициската партија.
Македонија
СДСМ: Нема да дозволиме хаос, ВМРО-ДПМНЕ нема да ги спаси криминалците, сите ќе одговараат

Од партијата на власт оценуваат дека секогаш кога темата правда е на дневен ред во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ е нервозна, деструктивна, прави тензии, а вчера, како што појаснуваат, дури се обиделе да испровоцираат и физичка пресметка на седницата на Комисијата за европски прашања.
„ВМРО-ДПМНЕ жестоко ги брани криминалците на режимот и секогаш, ама секогаш, е против функционален судски систем. Проблемот со недостиг на судии ВМРО-ДПМНЕ не сака да се реши, само за да се намали ефикасноста на судскиот систем и во надеж дека тоа ќе значи забавување на предметите што директно водат до белиот дворец. Затоа ВМРО-ДПМНЕ од петни жили се труди да ја блокира собраниската комисија, да не се продолжи мандатот на судиите и така да се забават судските предмети“, се истакнува во реакцијата од СДСМ.
Антонио Милошоски, за кого има веќе неколку предмети, додаваат од таму, е главен иницијатор на тензиите во Собранието, можеби затоа што лично е засегнат.
Не е првпат, потенцираат од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ да се однесува агресивно и деструктивно кога се работи за закони за правдата, така се однесуваше и при носењето на Законот за Јавното обвинителство, го блокира и Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.
„Ако досега не му беше јасно на ВМРО-ДПМНЕ, треба да му стане јасно, никој нема да побегне од правдата. СДСМ и парламентарното мнозинство нема да дозволат хаос, нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ да ги спасува криминалците, секој што згрешил пред законот, ќе одговара!“, се прецизира во писмената реакција од СДСМ.