Соопштенија
СДСМ: 12 отсто поголеми плати во образованието, СДСМ продолжува со покачување на платите

СДСМ продолжува со политиката на покачување на платите и вреднувањето на трудот на работниците, но само преку дијалог меѓу засегнатите фактори, велат од партијата на власт.
Потврда дека само преку социјален дијалог може да се дојде до решение, како што додаваат од СДСМ, е постигнатата согласност меѓу Владата и СОНК за зголемување на платите во градинките, основното и средното образование за 12 отсто.
„Покачувањето во согласност со ова усогласување треба да се реализира со ребалансот на буџетот. За жал, штета поради штрајкот на СОНК претпреа учениците губејќи две недели настава и дополнително ќе се утврди како соодветно да се надомести. СДСМ секогаш била и ќе биде на страната на работниците и во изминатиот период ги покачи платите во образованието 21 отсто“, потенцираат од оваа партија.
Додаваат дека како одговорна партија ќе продолжат посветено да работат на подобрување на животниот стандард, дури и во услови на најголема економска криза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Герасимовски: Позорникарите ќе се грижат за безбедноста на граѓаните во секое маало во Центар

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, со претставници од Министерството за внатрешни работи и инспектор за превенција на криминалитет при СВР Скопје оствари средба со граѓаните што живеат околу Зелениот пазар. На средбата жителите се запознаа со маалските редари, кои ќе се движат низ овој дел од населбата. Од позорникарите граѓаните добија совети како да го обезбедат домот пред заминување на годишни одмори, но и поддршка секоја сомнителна активност да ја пријавуваат. Исто така, на средбата стана збор за засилени акции на дивите продавачи, како и разговор со позорникарите за секое прашање што ги мачи граѓаните и се однесува на совет за безбедност на домовите и животот на граѓаните.
„Со маалските полициски службеници на терен се враќа спокојот на граѓаните. Мене ми е мило што и Министерството за внатрешни работи имаше слух за ова барање на граѓаните и одговори на потребите. Во следниот период ќе продолжи патролирањето на полициските службеници во секое маало и тие ќе нè заштитуваат нас и нашите деца. Со самото присуство на позорникарите ние родителите ќе си ја вратиме сигурноста и чувството за безбедност“, изјави Герасимовски.
Маалските позорникари на денешната средба со граѓаните споделија основни совети за подигнување на безбедноста на домовите и повикаа на пријавување на сомнителни активности на телефонскиот број 192.
Инаку, маалските полицајци позорникари најпрвин ќе се вратат во Општина Центар, а потоа и во неколку општини во градот Скопје. Тие треба да обезбедат безбедна детска игра и безбедност за тинејџерите, личната сигурност и заштита на имотот на граѓаните, спречување извршување казниви дела и загрозување на безбедноста на сообраќајот на патиштата.
Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Македонија е на економското дно во регионот – по ребалансот, кризата уште ќе се влошува

Владата на СДСМ и ДУИ е виновна поради економската катастрофа што ни се случува. Македонија има најмал раст на БДП во регионот, Македонија има најмалку странски инвестиции во регионот, Македонија со двоцифрена инфлација има една од најголемите стапки во Европа и регионот, Македонија е една од најкорумпираните и најсиромашни држави во Европа. Ете ова е резултатот од политиките на оваа власт, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека сега со ребалансот на буџетот потврдуваат дека немаат никаква визија како да се справат со кризите што самите ги разгоруваат. Со ребалансот се кратат капиталните инвестиции, кои во секоја нормална економија се двигател на развојот. Со ребалансот се предвидува намален раст на БДП за оваа година од 1,4 % што значи дека за истиот процент ќе порасне и долгот на државата. Долгот веќе е 7 милијарди евра со тенденција до крајот на годината да стигне 8 милијарди евра.
Наместо да се засрамат, од СДСМ се гордеат што во буџетот за 2022 година имаат стотици милиони евра непродуктивни трошоци. Овие стотици милиони евра, доколку беа наменети за стопанството и граѓаните од почетокот на годината, немаше да има 4.000 затворени компании за три месеци, немаше да има над 35 % граѓани во ризик од сиромаштија, немаше да има половина милион лица што живеат само со 150 денари дневно, немаше да има вртоглава инфлација на основните животни потреби од 30 до 100 %, немаше да има страв и неизвесност.
Оваа Влада и пред, а особено по ребалансот, нема капацитет да се справи со кризите. Напротив, уште повеќе кризите се продлабочуваат, се вели во соопштението.
Економија
СДСМ: Пратениците да го поддржат ребалансот на буџетот за поголеми плати и пензии и заштеда на 200 милиони евра

Владата предводена од СДСМ го утврди ребалансот на буџетот за 2022 година. Овој ребаланс е исклучително важен со оглед на тоа што со него за време на најголема светска економска и енергетска криза се прават сериозни кратења во делот на расходите, а средствата се пренаменуваат за мерки и помош на граѓаните и компаниите, се вели во соопштението од СДСМ.
Заштедата од 200 милиони евра ќе се искористи за засилена заштита на животниот стандард на граѓаните, особено на ранливите категории, за финансиска поддршка на ликвидноста на компаниите, но и за повеќе средства кон земјоделците со цел зголемено производство на храна.
Од партијата наведуваат дека преку брзи и ефикасни мерки се справуваме со последиците од светската економска криза покажавме дека и во време на најголемата криза платите и пензиите може да растат, трошоците да се намалуваат, а стандардот на граѓаните да биде заштитен.
Сите пратеници од сите пратенички групи да се вклучат конструктивно во носење на овој ребаланс затоа што е особено важно помошта кај граѓаните да биде постојана и навремена.
Наместо со блокади и кочења, опозицијата да придонесе со аргументирана дебата и конструктивност во носењето на ребалансот.
СДСМ останува посветена на реализација на мерки и политики, кои се во интерес на граѓаните и државата, се вели во соопштението.