Соопштенија
СДСМ: 27 април е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ

27 април е најцрниот датум во историјата на македонската демократија. Вооружени насилници, поттикнати од ВМРО-ДПМНЕ, извршија упад во Собранието обидувајќи се да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во собраниските служби, да го урнат уставниот поредок и државата да ја втурнат во пропаст, соопшти СДСМ.
„Тие насилници беа поддржани со присуство пред Собранието и лично од страна на Христијан Мицкоски. 27 април е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ, партија во која и по 5 години нема никаква промена.
Мицкоски не е поместен ниту милиметар од режимската насилничка матрица на неговиот шеф и ментор Груевски.
Пет години од 27 април, од денот кога Собранието беше претворено во крваво поле за одбрана на криминалната власт на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски, Мицкоски и неговата партија сè уште стојат зад овие насилници. Едно е факт, насилниците никогаш нема да бидат уставобранители“, велат од владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: Ако СДСМ остане на власт до крајот на годината долгот ќе биде над 8 милијарди евра

Долгот во 2017 година беше 4.7 милијарди евра, ако СДСМ остане на власт до крајот на годината ќе биде над 8 милијарди евра. За 5 години СДСМ ја задолжи државата колку сите влади пред нив заедно, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„ Моментално јавниот долг е над 7 милијарди евра, а по земањето на заемот од ММФ од 900 милиони евра и еврообврзница, тој ќе биде над 8 милијарди, што во проценти од БДП е над 70%. За 5 години долгот е енормно зголемен без да има еден проект, ниту инвестиција.
Сите капитални проекти стојат во место. Нема Клиничка болница во Штип, ниту Клинички центар во Скопје. Автопатот Кичево – Охрид не може да мрдне од мртва точка. Пет години СДСМ буквално ги помина во криминал и корупција. Државата не само што стагнираше, туку и изгуби чекор со регионот, каде забрзано се инвестира во инфраструктура.
Пет години државата тоне. Доколку СДСМ остане на власт долгот само ќе се зголемува, а инвестиции и раст воопшто нема да има. Затоа потребни се предвремени парламентарни избори час поскоро“ додаваат од опозициската партија.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ за „криминални парцели“: Лицето кое се спомнува никогаш не било во работен однос во партијата

И вака оркестрирано обвинителство од СДСМ не можеше да најде ништо спорно кај претседателот Мицкоски, лицето кое се спомнува никогаш не било во работен однос во партијата, реагира ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата на владејачката партија дека во случајот „криминални парцели” вмешани се соработници на Мицкоски.
„Со новите кривични пријави на органите на прогон излезе на површина и виделина дека и вака оркестрираното обвинителство не можеше да најде ништо спорно кај лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, наспроти невистините диригирани од центрите под контрола на СДС.
Да потсетиме, СДСМ е партија која е осуден за клевета и лажни вести.
СДСМ според пресудата на Основниот суд треба да му се извини на претседателот Мицкоски за тоа што шири лажни вести и невистини.
Доколку имаше и најмал сомнеж, партиските обвинители и инспектори кои работат исклучиво по нарачка на СДС ќе направеа голем скандал од случајот. Наспроти тоа се докажа дека со месеци наназад центрите на СДСМ ја лажеа јавноста за што не е прв пат, исто како што нема да биде прв пат потребата да се извинуваат поради тоа.
Посоченото лице во случајот никогаш немал работен однос во ВМРО ДПМНЕ, а другото претставува фабрикувана и злонамерна лага од СДСМ да се одвлече вниманието од инфлацијата, поскапените производи, сиромаштијата, неуспесите на владата.
За разлика од СДСМ јасно кажуваме дека секој кој се огрешил прес законот треба да одговара низ законита и транспарентна постапка“, наведе ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.
Скопје
Герасимовски: Позорникарите ќе се грижат за безбедноста на граѓаните во секое маало во Центар

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, со претставници од Министерството за внатрешни работи и инспектор за превенција на криминалитет при СВР Скопје оствари средба со граѓаните што живеат околу Зелениот пазар. На средбата жителите се запознаа со маалските редари, кои ќе се движат низ овој дел од населбата. Од позорникарите граѓаните добија совети како да го обезбедат домот пред заминување на годишни одмори, но и поддршка секоја сомнителна активност да ја пријавуваат. Исто така, на средбата стана збор за засилени акции на дивите продавачи, како и разговор со позорникарите за секое прашање што ги мачи граѓаните и се однесува на совет за безбедност на домовите и животот на граѓаните.
„Со маалските полициски службеници на терен се враќа спокојот на граѓаните. Мене ми е мило што и Министерството за внатрешни работи имаше слух за ова барање на граѓаните и одговори на потребите. Во следниот период ќе продолжи патролирањето на полициските службеници во секое маало и тие ќе нè заштитуваат нас и нашите деца. Со самото присуство на позорникарите ние родителите ќе си ја вратиме сигурноста и чувството за безбедност“, изјави Герасимовски.
Маалските позорникари на денешната средба со граѓаните споделија основни совети за подигнување на безбедноста на домовите и повикаа на пријавување на сомнителни активности на телефонскиот број 192.
Инаку, маалските полицајци позорникари најпрвин ќе се вратат во Општина Центар, а потоа и во неколку општини во градот Скопје. Тие треба да обезбедат безбедна детска игра и безбедност за тинејџерите, личната сигурност и заштита на имотот на граѓаните, спречување извршување казниви дела и загрозување на безбедноста на сообраќајот на патиштата.