Соопштенија
ФРОДЕМ: Време е за конечно расчистување на работите во ВМРО-ДПМНЕ
„Зарем беа потребни пет години и неколку порази по ред некој да се сети дека се потребни персонални промени во ВМРО-ДПМНЕ. И тоа не кој било, туку на тоа сега се сетија ‘главешините’ на ‘Мериот-коалицијата’, во која најгласни се старите поданици, креатори и верни поддржувачи на режимот на Груeвски. Се работи за бивши министри со мандат од десетина години (како, на пример, д-р Смрт и врвен експерт за образование), бивши градоначалници со два, три, па и четири мандати (Коневски, Стамнов, Латиновски и др.), бивши директори на служби (Мијалков и др), бивши и амнестирани пр(л)атеници и кој сè уште не. Заеднички именител на сите нив не е тоа што се бивши, туку тоа што подолго време го немаат тоа што го имаа цврсто во рацете додека му служеа на бегалецот од Будимпешта. Пари, власт, моќ и неодговорност. Заедничко им е и тоа што ниту еден од ‘главешините’ на наменската коалиција досега не е осуден за сторениот криминал и злосторството врз граѓаните за време на режимот благодарение на кокетирањето и пазараењето со најголемиот политички конкурент, кој сега е на власт. За жал, повеќето од нив бесрамно, само заради лични и лукративни интереси, му дадоа поддршка на преспанскиот договор и на промената на уставно име на државата“, соопшти ФРОДЕМ.
Партијата наведува дека како прва партиска фракција уште од 2015 година, додека со партијата раководеше бегалецот од Будимпешта, со сесрдна поддршка од сегашниве „главешини“ на „Мериот-коалицијата“, бараше персонални промени и демократизација на партијата. Поради искрените и чесни барања, фродемци неосновано беа етикетирани како предавници и беа исклучувани од партијата, и тоа од страна на докажаните криминално-кодошки структури, кои со години беа во врвот на партијата и кои сега бараат промени. За среќа, времето покажа кој е кодош, предавник, арамија, лицемер, лажен патриот, пресметлив политичар, дрзок крадец, а кој држи до себе и до своите чесни патриотски и национални цврсти заложби и ставови.
„ФРОДЕМ постојано бараше неслективно расчистување со криминалните партиски структури, кариеристи, прислужници, бандити, непринципиелни и дезидеологизирани персони желни за власт по секоја цена. Баравме да се стави крај и да им се каже довидување на сите оние што живееа и профитираа од државата и партијата. Но, за жал, сето ова беше игнорирано. Поради сопствениот комодитет, се молчеше. Сакаме да веруваме дека времето на молчење помина и дека сега е време за конечно расчистување на работите.
Во име на членовите на ФРОДЕМ по којзнае кој пат повторуваме дека ВМРО не заслужува да ја рушат, а најмалку да ја водат кадри што зад себе имаат куп кривични пријави, ниту вмровци по професија и потреба, а најмалку партиски профитери и слугувачи на режимот. ВМРО не смее и понатаму да остане прибежиште и дувло на обвинети и осомничени криминални структури, одродници, платеници и политичари незаситни од желбата за власт, крадење и лично богатење. Партијата не треба повторно да биде отскочна штица за персони што имаат нескриени амбиции преку грбот на членството повторно да дојдат до власт, да крадат, да се богатат и притоа да не одговараат. Не смее да се дозволи поделба и разнебитување на партијата само поради тоа што така си замислило лицето З.З. во договор со верните поддржувачи и креатори на режимот, кои имаат само една и единствена цел – спас и амнестија за сторениот криминал и повторно грабеж на народните пари.
Секој обид за игнорирање на овие по којзнае кој пат јавно кажани ставови ќе биде уште подлабоко навлегување во чизмите на поранешниот претседател на партијата и враќање на незаситните и алчни поддржувачи и блиски на бегалецот од Будимпешта. Не смее да се дозволи реализација на тајниот договор за поделба и разнебитување на ВМРО. Само кристално прочистена и сплотена партија, која доследно ќе ги спроведе сите демократски процеси и процедури (вклучувајки го и изборот на претседател на партијата), може да ги победи мрачните партиско-криминални сили, кои до гола кожа го соголеа граѓанинот, а притоа не одговараа за ништо“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Соопштенија
Нова акција на „Спорт лајф“ – „Кој е твојот среќен тип?“
Во обложувалниците на „Sport Life“, во тек е акцијата „Кој е твојот среќен тип?“. Среќната игра ќе им донесе на обложувачите на Sport Life, многу „седумки“: главна премија од 777.000 денари и по 7 (седум) вредносни ваучери од 500 денари за секој од победниците во поединечните етапи на акцијата.
Среќата треба да ја бараат во онаа игра со која ќе успеат да погодат тикет со најголем број натпревари со исто типување. Соодветно на тоа, играчите ќе се рангираат и на генерално ниво, до крајот на играта, и на седумдневно – етапно ниво.
Акцијата се однесува само за несистемските тикети, со погодени минимум шест натпревари со ист тип, со минимална квота од 1,50 по пар. Исто така, во пресметката за бодување и рангирање на тикетот влегуваат и натпреварите од понудата „Супер тип“ и натпреварите од понудата за обложување во живо.
Акцијата ќе трае до 25-ти април и важи за членовите на СЛ клубот со приложување на СЛ клуб картичката.
Сите информации за играта и тековното рангирање за генералниот и етапен пласман се објавени на вебстраницата на Sport Life и на официјалните канали на социјалните мрежи.
ПР текст
Соопштенија
Праизведба на претставата „Хенгинг Араунд“
Во Македонскиот народен театар, на 19 април, со почеток во 20 часот, ќе се одржи праизведбата на претставата „Хенгинг Араунд“ во режија и адаптација на Бојан Трифуновски, по текст на Љупчо Јованов.
Главните ликови 0 (Хенгинг) и 1 (Араунд) во оваа приказна се изгубени во светот на бајките и не се знае како влегле во овој свет, но главна цел им е да се вратат во реалноста, во нивните топли огништа. Можеби се Дисмас и Гестас, но пред да ги распнат можеби некако им избегале на Римјаните и продолжиле да го живеат својот динамичен живот, овој пат празен и лишен од средба со Спасителот. Можеби патем решиле да се смират, да создадат семејство со единствена цел – да умрат во длабока старост почитувани од пријателите и саканите и жалени од најблиските. Дали нивниот карактер, судбина, ги натерала повторно да си ја пробаат среќата и да почнат нова авантура, да влезат во нова приказна…
Целото дејство се случува во светот на бајките, а местото и времето се ирелевантни.
Во претставата играат: Сашко Коцев, Александар Михајловски, Стефан Спасов, Гораст Цветковски, Борче Начев, Ана Стојановска, Софија Насевска-Трифуновска и Нела Павловска.
Соопштенија
Претставен новиот атрактивен визуелен идентитет на автентичниот бренд Luda Mara
Со слоганот „Гледај го светот во очи“, винарската визба „Тиквеш“ го претстави комплетниот редизајн на брендот „Luda Mara“, именуван според името на реката што поминува низ Кавадарци. Таа со својата уникатна природа и бројните приказни и митови поврзани со неа, по многу нешта потсетува на автентичниот карактер на овие вина.
Под овој вински бренд ќе се задржат омилените вина од оваа линија произведени од локални сорти темјаника и вранец и тие ќе бидат надополнети со две уникатни купажи – „Luda Mara White Cuvée“ и „Luda Mara Red Cuvée“.
Приказната за вината под брендот „Luda Mara“ се темели на истоимената река која има симболично, но и суштинско влијание врз создавањето на виното и винската култура во кавадаречко. Низ историјата, таа со своите излевања ја збогатувала почвата каде се одгледува грозјето, со што го поддржувала и обликувала уникатниот карактер на вината што се произведуваат од неа, но истовремено носела и големи предизвици тестирајќи ја издржливоста на локалните жители и она што тие требало да го направат за да постигнат хармонија со нејзиниот ритам.
Окото како основен креативен елемент на брендот „Luda Mara” претставува повик похрабро да гледа на животот, да се биде отворен за нови можности и доживувања и меѓу другото да се открие вистинската суштина на „Luda Mara”.
„,Тиквеш’ останува посветен на градењето моќни вински брендови, кои ќе бидат прв избор на потрошувачите. Сигурни сме дека брендот „Luda Mara“ и вината кои се дел од него, со својот вкус и изглед, ќе предизвикаат интерес кај љубителите на добро вино и ќе ги заинтригираат. Со своите уникатни карактеристики овие вина се одговор на пазарните трендови и барањата на оние потрошувачи кои се во потрага по автентични вина кои се одлика на локалното поднебје од каде потекнуваат и со кое се поврзуваат, заедно креирајќи една совршена и возбудлива винска приказна“, истакнуваат од „Тиквеш“, објаснувајќи ги вредностите на винскиот бренд „Luda Mara”.
Освежувањето на оваа популарна винска линија, опфаќа целосен редизајн на визуелниот изглед на вината, со употреба на поексклузивна амбалажа, како и етикета со впечатлив дизајн што ја отсликува суштината на брендот „Luda Mara” и ја истакнува автентичноста на вината што го сочинуваат, цврсто воспоставувајќи ги на постојните и на новите пазари.
Четирите вина кои отсега ќе го сочинуваат брендот „Luda Mara“ од почетокот на април се веќе достапни на пазарот.
ПР текст