Домашен
Германската одмазда е сурова – Македонија сега само со теоретски шанси за Мундијал

Германија стана првата европска репрезентација која се квалификувала на Светското првенство во Катар во 2022, откако на Арената „Тоше Проески“ имаа слатка одмазда со 0:4 победа над Македонија, сведувајќи ги нашите шанси за второ место на табелата на ниво на теорија.
Со оваа победа, тимот на Ханси Флик, го стави во втор план шокантниот 1:2 пораз од Македонија во првиот меч во Дуизбург, и со седум победи во осум меча осигураа билет на Мундијалот. Мечот исто така беше посебен за Тимо Вернер, кој даде два гола за четири минути за да се оправда за промашувањата во првиот меч.
Од стартот на мечот стана јасно дека Германците одат на победа во Скопје, со постојан притисок на нашиот гол, и само одличниот Столе Димитриевски успеа да спречи водство на гостите, како и Тимо Вернер, кој ја погоди гредата во финишот на полувремето.
Но, во вторите 45 минути, „маншафт“ ја покажа силата. Прво во 50. минута, на совршена контра, ја истрчаа нашата одбрана и Каи Хаверц им донесе водство. Потоа на сцена стапи напаѓачот на Челси, Тимо Вернер, кој во 70. минута постигна прекрасен гол, за само четири минути подоцна да зголеми на 0:3. Џамал Мусијала, новата надеж на германскиот фудбал во 83. минута го претвори убедливиот триумф во вистинска катастрофа за тимот на Благоја Милевски.
Бидејќи Романија со 1:0 ја совлада Ерменија за своја одмазда, сега Романците се во совршена позиција да го обезбедат второто место – до крајот имаат домашен меч со Исланд и гостување кај Лихтенштајн, и со две победи сигурно ќе бидат втори, бидејќи имаат еден поен пред Македонија.
СП 2022 КВАЛИФИКАЦИИ, ГРУПА Ј
Македонија – Германија 0:4
Романија – Ерменија 1:0
Исланд – Лихтенштајн 4:0
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Домашен
Заедно на уште едно Светско: „скопско“ и РФМ повикуваат да навиваме сложно и сè е можно

„Навиваме сложно и сѐ е можно“ е главната навивачка порака која СКОПСКО ја испрати за поддршка на нашите ракометари, кои повторно ќе заиграат на Светско, овој пат во Шведска и Полска, од 12 до 29 јануари 2023.
Како горд поддржувач на македонската ракометна репрезентација и важен „играч“ во сите навивачки и славенички моменти, Скопско ја продолжи децениската соработка со Ракометната федерација на Македонија (РФМ) со специјално дизајнирана амбалажа, посветена и инспирирана од нашите репрезентативци.
„Во насока на креирање вистинска навивачка атмосфера, пред и за време на првенството, на пазарот се лансирани и специјално дизајнирани Скопско и Скопско Smooth пакувања кои се посветени на ракометот и македонската репрезентација. Продажбата на оваа специјална серија е веќе започната и ги содржи имињата, броевите и потписите на најистакнататите играчи од новата генерација ракометари, кои денес се носители на нашата игра, како и името на нашата најголема ракометна легенда и наш сегашен селектор – Кире Лазаров. Скопско има одговорност да го поддржи овој моментум и луѓето кои го даваат својот максимум на теренот – нашите ракометари и херои, а како автентичен македонски бренд е должен на луѓето да им даде глас и начин да ја искажат својата поддршка и гордост“ – изјави Катерина Теовска, маркетинг менаџер во Пивара Скопје.
Шестиот настап на Светските првенства, нашата репрезентација ќе го започне во Краков, каде ќе се играат сите натпревари од групата Ф, во која противници за влез во втората фаза ќе ни бидат Норвешка, Аргентина и Холандија.
„Нашите очекувања се секогаш високи, ние сме една млада екипа со неколку искусни играчи која ветува многу во иднина. Нѐ очекува можам да кажам една тешка група, ние сме максимално подоготвени и го продолжуваме тој континуитет на големи натпреварувања“ – изјави Филип Кузамновски и се заблагодари на поддршката.
На ова се надоврза нашиот млад репрезентативец Игор Ѓоргиев кој ја потврди спремноста на репрезентацијата и ја повика Фалангата од која очекува максимална поддршка.
ПР
Домашен
ОК Струмица Никоб ги отвора вратите за сите љубители на одбојката

ОК Струмица Никоб ги отвора вратите за сите љубители на одбојката и спортот, во вторник во СЦ Јане Сандански во Скопје сме домаќини на холандскиот шампион во одбојка, Dynamo Draisma Apeldoorn во елитното европско натпреварување ЦЕВ Европска лига на шампиони.
ОК Струмица е клуб со голема традиција од 75 години и како актуелен шампион во одбојкарското превенство на Македонија, а со поддршката од НИКОБ Групацијата како генерален спонзор оваа сезона, клубот е дел од елитното европско натпреварување ЦЕВ Европска лига на шампиони ( CEV Volleyball Champions League).
По тој повод ќе ни биде чест сите љубители на одбојката и спортот масовно да присуствувате и да не поддржите на првиот официјален натпревар во Европската лига на шампиони на ОК Струмица Никоб како домаќин на 27.09.2022 година во СЦ Јане Сандански Скопје во 19:00 часот, против Холандскиот шампион во Одбојка, Dynamo Draisma Apeldoorn.
Вашето присуство и поддршка би ни било од големо значење и ќе ни биде дополнителен мотив за победа и затоа Ве очекуваме заедно да ја прославиме првата победа на ОК Струмица Никоб.
Влезот за овој натпревар е слободен.
Изјава на македонскиот одбојкарски репрезентативец Владо Милев за медиумите по првиот натпревар во Холандија:
„Во вторник го играме реванш натпреварот од првото квалификациско коло од ЦЕВ Лигата на шампиони против екипата на Динамо Драисма Апелдорн. Првиот натпревар го загубивме со 3:0. Сметам дека тоа не беше нашето вистинско лице. Ова патување во Холандија беше за нас тешко бидејќи патувавме некомплетни, нашите тројца руски интернационалци беа одбиени за виза и не им беше дозволен влез во Холандија. Покрај тоа што бевме ослабени поради нивното не играње, тоа делуваше и демотивирачки цела екипа. Моравме да комбинираме со составот и реално немавме што да бараме резултатски на тој натпревар освен да се прикажеме во што подобро светло и по мотивирани да влеземе на вториот натпревар. Но , што е тука е , во Скопје ќе бидеме комплетни во полн состав и искрено верувам во успех и победа на нашата екипа на тој натпревар. Екипата на Динамо Апелдорн е составена од млади и перспективни играчи, сметам дека се квалитетни но исто така сметам и дека нашата екипа е подготвена да им се спротистави . Како предност го сметам домашниот терен но и тоа што во нашата екипа имаме доста искусни играчи кои на така битни натпревари можат да се справат со притисокот. Ова е прво историско учество за нашата екипа во Лигата на шампионите и за нас е од огромно значење да направиме добар резултат бидејќи ова го сметам како почеток на еден добар проект во одбојката во Македонија кој заедно со нашиот генерален спонзор Никоб групација планираме да го започнеме. Ја повикувам публиката да дојде во што поголем број затоа што сметам дека фалат добри натпревари и на клубско ниво“.
ПР
Домашен
(Видео) Фуриозни триесетина минути и триумф од 4:0 за Македонијa

Фудбалската репрезентација на Македонија го совлада Гибралтар со 4:0 на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, во четвртото коло од Лигата на нации.
Избраниците на Благоја Милевски почнаа фуриозно и постигнаа четири гола за половина час, а потоа малку го намалија интензитетот.
Енис Барди го отвори резултатот во четвртата минута од слободен удар, а десет минути подоцна асистираше за погодокот на Бојан Миовски со удар со глава.
Напаѓачот беше стрелец и на третиот гол, додека четвртата реализација ја имаше Дарко Чурлинов во 31.минута од мечот.
На овој натпревар дебитираа и неколку нови имиња, Валон Етеми, Бојан Димоски, Енис Фазлагиќ и Томче Гроздановски.
Грузија и Бугарија во Тбилиси ремизираа без голови, па сега разликата со Грузијците се намали на само три бода.