Спорт
Шесто издание на највисоката трка во Македонија, државното првенство во скај-трчање – „Титов Врв скајрејс“
На 7.7.2024 се одржува шестото издание на највисоката трка во Македонија, државното првенство во скај-трчање – „Титов Врв акајрејс“.
Шеста година по ред како планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје со многу ентузијазам енергија и мотивација ја организара можеби најтешката трка во Македонија.

„Следејќи ги светските трендови и експанзијата на овој вид трки како земја што го зазема високото 7. место во светот во однос на територија/планини, едноставно не смееме да заостануваме во организација на овие настани од причина што имаме преубави планини и што е поважно и сѐ поголем број момци и девојки што сакаат да се предизвикаат себеси за што побрзо совладување на планинските височини и врвови истовремено уживајќи во прекрасните планински пејзажи“, велат од ПК „Македон“.

„Титов врв скајрејс“, освен во Македонија, е и највисока трка во ексју-земјите, како и една од највисоките трки и на Балканот. Од ПК „Македон“ посочуват дека оваа година трката е официјално лиценцирана од страна на меѓународната федерација за скај-трчање и го носи ISF-сертификатот, со што „Титов врв скајрејс“ е на мапата на светската скајранинг-федерација како трка достапна за сите во светот што посетуваат и се натпреваруваат на овие трки.

„Следствено, сите учесници се бодираат и рангираат по меѓународната стандардизирана скала. Сето ова придонесе оваа година трката да достигне повеќе од 100 пријавени натпреварувачи од нашата држава, регионот и пошироко. Како и претходните години, така и сега од оваа трка се формира и репрезентацијата на Македонија, која оваа година цели кон настап шеста година по ред на светското првенство, кое во септември ќе се одржи во Шпанија. Терминот sky, или по наше – небеско трчање, го доловува карактерот на овој тип екстремен спортски натпревар. Освен тоа што дистанцата изнесува 20 километри, се совладуваат речиси 2.000 метри вертикална висинска разлика во качување и спуштање и притоа самата стартна точка, Попова Шапка, се наоѓа на 1.700 метри надморска височина. Тоа значи дека повеќе од 60 проценти и од рутата се наоѓа над 2.000 метри висина“, велат од ПК „Македон“ и додаваат:
„За споредба, за оние што немале можност да го посетат ски-центарот, највисоката точка на нашето локално Водно изнесува 1.000 метри надморска височина. Настрана од цифрите што ја опишуваат рутата, самиот терен е еден од главните предизвици за тркачите“.

Движењето почнува по самите ски-патеки и продолжува по немилосрден и изложен срт. Стрмните падини се карактеризираат со технички каменест терен. Имајќи го сето ова предвид, безбедното завршување на трката е голем успех само по себе.
На десеттиот километар учесниците го совладуваат Титов Врв, највисока точка на трката и највисок врв на Шар Планина. Покрај Титов Врв, тркачите ги качуваат придружно и Син Врв – 2.550 мнв, Карабунар – 2.600 мнв и Бакардан – 2.704 мнв.
„’Титов врв скајрејс’ се одржува во рамките на нашиот најмлад национален парк Шар Планина, со што трката е еден од неговите најголеми промотори и одлична можност за вметнување на Попова Шапка и Шар Планина на европската туристичка планинарска мапа. Па, така, ‘Титов врв скајрејс’ е повеќе од спортски натпревар, трката е отворена покана за сите поддржувачи на спортот и љубители на природата да го посетат и уживаат природното богатство. Од година на година бројот на посетители расте, и тоа не само тркачи, туку нивната поддршка, бројот на волонтери, планинари и случајни минувачи. Можностите и убавините што ги нуди Шара се неизмерни и неизмерно неискористени и надежно оваа трка ќе послужи како еден вид мегафон за ова“, истакнуваат од ПК „Македон“.
Настанот го организира планинарскиот клуб од Скопје, „Македон“, со поддршка од Федерацијата за планинарски спортови.
„На голема жалост и мало изненадување, поддршката што ја даваат државните институции за овој настан е главно во форма на штама. Во споредба со трките од ваков калибар, не само на Западот туку и во блискиот регион, кои се поддржани од разноразни фирми, брендови и државни органи, ‘Титов врв скајрејс’ живее главно од ентузијазмот на членовите на клубот ‘Македон’ и самите пријавени спортисти. Оваа разлика, иако можеби звучи поразително, е доказ за упорноста и потенцијалот не само на клубот, туку и на спортот. Од финансиските средства, логистиката, па сѐ до обележувањето на рутата и поддршката на помошните станици и на самата рута, целиот вложен труд е од волонтерски карактер“, изјавија од „Македон“.
Скај-тркањето кај нас сѐ уште е во својот изгрев. Бројката од стотина пријавени оваа година говори гласно за брзината со која спортот зема замав и се популаризира.
„Без разлика дали имате планинарско искуство или каков било спортски ентузијазам, без разлика дали сте љубител на планините или не, доколку сте барем малку љубопитни и сакате да си поминете викенд на ладовина, далеку од бетонските жештини и во незаборавна атмосфера, сметајте го ова за покана. Бидете дел од вревата на финишот и којзнае, можеби еден ден и вие ќе стоите зад стартната линија одбројувајќи од 10 наназад“, завршуваат од ПК „Македон“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Фламенго го слави Фелипе Луис, за 14 месеци освои пет трофеи
Фламенго го освои бразилското првенство, откако го победи Сеару со 1:0 на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро, благодарение на голот на крилниот напаѓач Самуел Лино. Ова се случи четири дена по освојувањето на Копа Либертадорес, Латиноамериканската Лига на шампиони.
Тимот од Рио има 78 бода, пет повеќе од Палмеирас, нивниот противник во финалето на Либертадорес, на коло до крајот на сезоната.
Ова е осма титула на Фламенго во Бразил (1980, 1982, 1983, 1992, 2009, 2019, 2020 и 2025). Сега се изедначени со Сантос и веднаш е зад Палмеирас, кој има рекордни 12 титули.
Само Сантос на Пеле во 1962 и 1963 година, Фламенго во 2019 година и Ботафого во 2024 година успеаја да го освојат и домашниот шампионат и Копа Либертадорес во една сезона. Фламенго стана и првиот бразилски клуб што освои четири титули во најпрестижното клупско натпреварување во Јужна Америка.
Најзаслужен за успехот на Фламенго е легендарниот фудбалер на Атлетико Мадрид, Фелипе Луис. Предводени од него, фудбалерите на Фламенго освоија сè што може да се освои во последните 14 месеци.
Трофеите од првенството Кариока, потоа Купот на Бразил, Бразилскиот Суперкуп, Копа Либертадорес и сега бразилското првенство.
Младиот бразилски тренер сега треба да го освои Интерконтиненталниот куп за да собере шест трофеи и да стане првиот стручњак што го сторил тоа по Пеп Гвардиола со Барселона во 2009 година.
Foto/ EPA
Спорт
Газдата на Брајтон вмешан во обложувачка афера
Тони Блум, мнозински сопственик и претседател на фудбалскиот клуб Брајтон и Хоув Албион, се најде во центарот на скандал. Тој е обвинет за водење „таен синдикат за обложување“ вреден 600 милиони фунти (686 милиони евра).
Поранешниот шеф на кабинетот на британскиот политичар Најџел Фараж, чии сметки биле користени за обложување, наводно е вмешан во приказната, пишува „Goal.com“.
Според документите на Високиот суд, Џорџ Котрел, близок соработник на лидерот на „Реформ Јукејп“, Најџел Фараж, бил задолжен за голем синдикат за обложување и наводно „давал контрола“ врз неговите сметки за обложување. Во документите се тврди дека Котрел служел како „покритие“ за синдикат во кој бил вклучен и Блум.
Целиот случај е дел од правен спор помеѓу Блум и неговиот поранешен соработник Рајан Дадфилд, чии адвокати тврдат дека на нивниот клиент им должат околу 189 милиони фунти (216 милиони долари) профит од обложување.
Се наведува дека колективот, познат како Синдикат за обложување „Старлизард“, остварувал профит од околу 686 милиони евра секоја година, а облозите биле поставувани преку сметките на „фудбалери, спортисти и бизнисмени“, според судските документи.
„Котрел не бил особено успешен коцкар и често губел големи суми пари“, се наведува во документите, додавајќи:
Иако вкупната заработка на синдикатот не е јавно позната, Дадфилд тврди дека може да му се должат дури 17,5 милиони долари бидејќи договорот за распределба на профитот наводно му гарантира седум отсто од заработката.
„На подносителот на барањето му било кажано дека синдикатот престанал да ги користи сметките за обложување на г-дин Котрел“, се наведува во документите.
„Всушност, г-дин МекАливи и г-дин Котрел знаеја дека Синдикатот продолжува да ги користи сметките за обложување на г-дин Котрел и двајцата знаеја дека може да се остварат и се оствариле многу значителни профити како резултат на поставените и идните облози.“
Претседателот на Брајтон, Тони Блум, е еден од најуспешните коцкари во светот, а поголемиот дел од своето богатство го изградил преку покер и сродни активности. Како долгогодишен поддржувач на Брајтон, Блум стана претседател на клубот во 2009 година и наскоро обезбедил 75% удел во сопственоста со инвестирање 106 милиони евра во развојот на стадионот „Амекс“.
Под негово водство, клубот од јужниот брег на Англија се трансформираше од третата дивизија во стабилен член на Премиер лигата, а импресионира и со својот одличен систем за скаутирање. Брајтон оствари огромни профити со продажба на играчи како што се Мојсес Каиседо, Алексис Мекалистер, Ив Бисума, Жоао Педро, Марко Кукуреља и Бен Вајт. Минатата сезона, тимот под водство на Фабијан Хурцелер заврши на осмото место.
Foto/ EPA
Спорт
Распадори сака да се врати во Италија
Италијанскиот фудбалер Џакомо Распадори би можел да се врати во Серија А по шест месеци, бидејќи Рома сериозно се обидува да го доведе на позајмица од Атлетико Мадрид, објавува „Газета Спорт“.
Поранешниот член на Наполи се пресели на „Ванда Метрополитано“ кон средината на август, откако ја освои шампионската титула со овој клуб, во трансфер вреден 22 милиони евра, но барем засега тој не успева да се наметне кај тренерот Диего Симеоне. .
Асистенцијата против Ливерпул и голот против Ајнтрахт Франкфурт во Лигата на шампионите беа само дел од прилично скромните игри на поранешниот првотимец на Сасуоло во црвено-белиот дрес, па затоа има многу шпекулации за неговото враќање во Италија.
Како што објави најпопуларниот спортски весник на Апенинскиот полуостров, првичните контакти веќе се воспоставени. Распадори е заинтересиран да дојде на позајмица, но Атлетико, со кого Распадори има договор до летото 2028 година, поицвеќе сака да го продаде.
Интересот на Рома за Распадори не е нов во италијанскиот фудбал, бидејќи „волчицата“ претходно се распрашуваше за играчот кој постигна двоцифрен број голови за Сасуоло во Серија А во сезоната 2021/22.
Актуелниот тренер на Рома, Џан Пјеро Гасперини, го сакаше Распадори додека беше тренер во Аталанта.
Според истиот извор, планот на Рома е да го доведе Распадори на позајмица со право на откуп на лето за отштета помеѓу 20 и 22 милиони евра, што би ги поништило парите што Атлетико му ги плати на Наполи ова лето.
Останува да се види дали Атлетико ќе се согласи на позајмица или ќе слуша повеќе понуди од други клубови, иако во моментов Рома се чини дека е најсериозен кандидат за потписот на Распадори.
Foto/ EPA

