Спорт
Ѓоковиќ за „Макфакс“: Не сум задоволен од мојот спонзор и тоа ме фрустрира

На прес-конференцијата по натпреварот против Холге Руне, Новак Ѓоковиќ одговори и на две прашања на известувачот на „Макфакс“ од Вимблдон.
Запрашан како гледа на фактот што во Лондон може во секоја спортска продавница да се купи дрес и од третокласен фудбалер од Премиер лигата, а капа со иницијалите од неговото име и презиме не може да се најде никаде во метрополата и дали е задоволен како спонзорите го следеле сите овие години додека ги постигнувал резултатите, кои го прават најдобар тенисер на светот и еден од најдобрите спортисти на сите времиња, Ѓоковиќ одговори:
„Во последните неколку години имам незадоволство и фрустрација што многу луѓе, кои ги бараат моите работи, немаат можност да ги најдат во продавниците на моите спонзори. Некои нешта сега се менуваат на подобро, но јас и понатаму не сум задоволен бидејќи сè може да биде и подобро. Се надевам дека спонзорите ќе го подигнат постојното ниво на производство и квантитет, но и достапност за луѓето да имаат можност да ги најдат. Нивото на тенис на кое јас играм е многу популарно во целиот свет. Секако, моите призводи може да се купат онлајн, но поинаку е кога луѓето одат во продавница“.
На прашањето на „Макфакс“ дека неговиот татко Срѓан уште во 2020 година за еден македонски неделник изјави дека набргу на „Кнез Михајлова“ требало да се отвори музеј на Новак Ѓоковиќ и зошто сè уште не постои, српскиот тениски ас рече:
„Што се однесува до музејот, тоа, сепак, е само идеја. За ‘Кнез Михајлова’, искрено, дознав од она што го слушнав од татко ми. Но, повеќе не се работи да се најде локација таму. Идејата да се изгради музеј во кој ќе ги изложам трофеите и работите што ги носев на некои важни натпревари. Меѓутоа, не само тоа; се надевам дека ќе можеме да имаме спортски музеј, не ние како семејство, туку државата Србија, Сојузот, Олимпискиот комитет. Не би вперил прст кон никого, туку едноставно колективно мислам дека Србија имала толку многу успеси во спортот и тој спорт навистина ја задолжил Србија. Едноставно, несфатливо ми е што сè уште немаме спортски музеј, па секој турист или странец што ќе дојде во Белград или Србија тој музеј треба да го стави во топ 10-те дестинации што мора да ги посети. Се надевам дека и државата ќе направи нешто бидејќи спортот навистина го заслужува тоа“, заклучи Ноле.
Инаку, од 2017 година главен спонзор на Новак Ѓоковиќ е францускиот спортски моден бренд „Ла Кост“. Договорот е со важност до 2025.
Од Вимблдон,
Ненад Живановски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Ливерпул најде замена за Нуњез

Тренерот на Ливерпул, Арне Слот е решен да направи одредени промени во нападот на својот тим, се очекува да си замине Дарвин Нуњез, а како негова замена се споменува Брајан Мбуемо од Брентфорд.
Ливерпул ќе освои титулата во Премиер лигата, веројатно во наредното коло таа и матаметички ќе биде обезбедена.
Најавено е заминувањето на Нуњез, а како негова замена се споменува 25-годишниот Мбуемо, пишува „Дејли мирор“.
Камерунецот е голема желба на Арсенал и за тоа многу се пишуваше во зимскиот преоден рок, но сега тимот од Лондон доби голема конкуренција во Ливерпул.
Во Ливерпул веруваат дека Мбуемо би се вклопил со Мохамед Салах, Луис Дијаз и Диого Жота.
Репрезентативецот на Камерун оваа сезона постигна 18 гола во Премиер лигата.
Тој е „врзан“ со договор со Брентфорд до средината на 2027 година, а според информациите на бројни англиски медиуми е „слободен“ за 60 милиони евра.
Таа бројка не би требало да биде проблем за Ливерпул и Арсенал.
Мбуемо е во Брентфорд од 2019 година, тој пристигна од Троа, Франција. Досега има забележано 237 настапи за премиерлигашот.
Спорт
Сити и Јунајтед заинтересирани за Аклиуш, ситуацијата ја следи и Њукасл

Градските ривали од Манчестер, Сити и Јунајтед, во летниот преоден рок ќе водат голема борба за потписот на десното крило на Монако, Магнус Аклиуш, пишува „Лекип“.
Пеп Гвардиола минатата недела зборуваше во суперлативи за суперталентираниот Французин со алжирско потекло.
Покрај Манчестер јунајтед и Манчестер сити, се претпоставува дека и Њукасл се сериозно заинтересирани за Аклиуш уште следниот ден. Интересот на богатите клубови веднаш влијаеше и висината на обештетувањето.
Раководството на Монако првично проектира откупна цена од 50 милиони евра, но може да добие уште 20 до 30 милиони кога ќе започне лицитацијата.
Спорт
Наполи и Шахтјор почнале преговори за Судаков

Сергеј Палкин, генералниот директор на Шахтјор Доњецк, ја најави продажбата на младиот фудбалер Георгиј Судаков.
Овој млад фудбалер би можел да се пресели во Наполи, а Палкин истакна дека двете страни ги започнале преговорите.
„Да, во преговори сме. Не можам да зборувам за бројки, но верувам дека ќе ја завршиме работата. Ако не ја завршиме работата со клубот со кој преговараме, можеме да го направиме тоа со некој друг клуб. Не сум загрижен за Судаков, тој е еден од најдобрите во светот на својата позиција”, изјави Палкин.
Судаков е играч од средниот ред, за украинската репрезентација веќе одигра 28 натпревари и дефинитивно летово го очекува голем трансфер.
Цената, според информациите со кои располагаат италијанските медиуми, е околу 60 милиони евра.
Доколку Наполи не е подготвен да ја плати споменатата цифра, челниците на Шахтјор ќе преминат на преговори со Јувентус или Брентфорд.