Спорт
Ѓоковиќ за „Макфакс“ со совет до младите спортисти како да ги пребродат повредите: Верувам дека Калин бргу ќе се врати на терените
Новак Ѓоковиќ често изјавува дека со внимание ги следи младите тенисери од нашиот регион и дека секогаш е подготвен да им помогне со тоа што ќе го пренесе своето огромно и драгоцено искуство.
Така, минатата есен, на своите подготовки во Дубаи, ги повика најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски и најголемата српска тениска надеж, Хамад Меџедовиќ, заедно да тренираат.
За жал, нашиот Калин поради повреда, повеќе од шест месеци е надвор од тениските терени, а неодамна во Германија го оперира и колкот. Секако дека еден од најтешките периоди за секој спортист е кога мора да направи долга пауза поради повреда. И, веројатно, повредата многу побргу заздравува отколку менталната криза, што остава последици за успешно да се врати во форма отколку пред повредата.
Токму за тоа го прашавме Новак каков совет би им дал на младите спортисти за полесно да ја пребродат менталната криза кога, поради повреда, мора да бидат одалечени од спортските терени и тренинзите.
„Многу ми е жал за тоа што му се случи на Калин бидејќи тој е одлично момче и кариерата му одеше во нагорна линија. Повредата му е мала пречка на патот што го одеше и само така треба да гледа на неа, како на еден предизвик, кој треба да го реши и преброди. Потоа, тоа ќе му остане како едно ново искуство, на кое треба да му пристапува од перспектива дека тоа ќе го направи уште посилен. Јас не знам колку неговата операција била тешка, но штом се оперирал, сигурно била сериозна. Но, тој е млад, а младото тело е и здраво тело, така што сигурен сум дека тој тоа ќе го преброди и ќе му се врати на тенисот.
На заедничките подготовки во Дубаи ние за тоа разговаравме, тој многу работи ме прашуваше и сега не би му ги повторувал бидејќи тој знае дека своите обврски и тренинзите не ги гледа како такви, туку како свој животен стил, како животен избор. Тоа е многу важно ако тој, и кој било друг млад тенисер или спортист, сака да стигне до највисокиот врв. А Калин е тенисер што има одличен сервис, има одлична игра, висок е и има голема желба. Јас видов колку го сака тенисот и колку сака да напредува.
Многу работи мора да се поклопат, но неговиот став мора да биде дека тој е решен дека сè во својот живот ќе го подреди на тоа да биде што е можно поздрав, и физички, и емотивно, и ментално, и да направи сè за својот ум и своето тело да ги доведе до оптимално ниво за да може да настапува на најдобар можен начин. Бидејќи, ако ти не се грижиш за своето тело, не можеш да очекуваш дека ќе успееш. Ова е индивидуален спорт и сè зависи од тебе. Ти имаш тим на луѓе околу тебе, кои може да те потсетуваат, но ти си тој што решава. Тоа беше случај со нашиот Хамад. Тој ја немаше таа дисциплина, тој исправен став за секојдневните обврски надвор од тенискиот терен, кои се еднакво важни како и овие на теренот. Но, тој тоа го смени и затоа сега е блиску до првите сто на светот. И има потенцијал да оди многу далеку.
Потребни се работа и време. Кога си навикнал да работиш некои работи кои се поинакви од другите луѓе, можеби не се исправни, но рутината ти создава навика и ако е лоша навиката, пак има време сè тоа да се репрограмира во главата.
Му посакувам многу среќа на Калин, секако и на Хамид, и се надевам дека во иднина ќе имаме уште шампиони од нашиот регион“, изјави Новак за „Макфакс“.
Од специјалниот известувач од Вимблдон
Ненад Живановски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Шчесни: Немам загарантирано место, дојдов да се борам
Војчех Шчесни се врати од пензија и потпиша за Барселона. Иако тој потег уследи по тешката повреда на Марк-Андре тер Штеген и затоа се очекува Полјакот веднаш да застане на голот, иако тој самиот истакнува дека нема загарантирано место.
Поранешниот голман на Арсенал, Јувентус и на полската репрезентација најави повлекување на крајот од минатата сезона. Но, тој реши на покана на Барселона повторно да се активира.
– Во фудбалот нема гаранции, така што не ми е загарантирано ниту стартерско место. Јас сум тука да се натпреварувам. Ако ја изгубам таа борба и Инаки Пења е добар оваа сезона, нема да бидам тажен. Клубот ме побара на помош и затоа сум тука, изјави Шчесни.
Негов конкурент ќе биде 25-годишниот Инаки Пења, кој порасна во Барселона, одигра 15 натпревари за првиот тим, а во 2022 година беше позајмен во Галатасарај и забележа шест натпревари.
Спорт
Ла Лига на три натпревари ја затвори јужната трибина на стадионот на Атлетико
Ла Лига ја изрече казната за Атлетико Мадрид за инцидентите кои ги предизвикаа ултрасите на овој тим во дербито против Реал Мадрид.
Дел од ултрасите на јужната трибина, наседната на провокациите на Тибо Куртоа, па почнаа да фрлаат со трврди предмети кон него.
Во следните три натпревари јужната трибина на „Сивитас Метрополитано“ ќе биде празна како казна за однесувањето дуелот против „кралевите“.
Во прашање се околу 5.000 седишта и толку навивачи нема да можат да влезат на стдионот во наредните три натпревари.
Атлетико најави дека ќе ја обжали оваа одлука.
Спорт
Јокиќ: Поразот од САД најтежок во кариерата
Актуелниот МВП на НБА лигата, Никола Јокиќ го окарактеризира поразот од Американците во полуфиналето на Олимписките игри во Париз како најголем во кариерата.
„Тоа беше добар натпревар. Веројатно најтежок пораз во мојата кариера досега. Голема шанса, но… На крајот не победија. За луѓето тоа е нормален пораз, за нас кои бевме на теренот, тоа сигурно беше најтешкиот пораз во нашите кариери“, им изјави Јокиќ на новинарите во Абу Даби.
Јокиќ беше прашан и за (потенцијалното) заминување на селекторот Светислав Пешиќ од клупата на Србија.
„Па, не знам… Јас секогаш имам добри односи со тренерот и, нормално, сакам да остане. Мислам дека зависи од него, не од нас, па сигурно, ако тој е тренер, ние ќе даде се од себе на теренот. Ако реши да не продолжи, мислам дека сигурно ќе го поддржиме, бидејќи мислам дека направи голема работа за нашата кошарка во изминатите неколку години“, додаде Јокиќ.