Спорт
Бушар успеа да се квалификува на Вимблдон
Поранешната финалистка на Вимблдон, Канаѓанката Јуџини Бушар успеа да се квалификува на овогодишниот турнир, откако со 6:3/6:2 ја победи Колумбијката Маријана Дуке-Марињо во последното квалификациско коло.
Како 191-рангирана тенисерка, Канаѓанката мора…
Поранешната финалистка на Вимблдон, Канаѓанката Јуџини Бушар успеа да се квалификува на овогодишниот турнир, откако со 6:3/6:2 ја победи Колумбијката Маријана Дуке-Марињо во последното квалификациско коло.
Како 191-рангирана тенисерка, Канаѓанката мораше да победи во три меча во Роухемптон за да добие шанса да игра против најдобрите.
„Бев навистина солидна денес, иако бев нервозна. Мислам дека заслужувам да бидам меѓу најдобрите не само поради рејтингот. Бев повредена подолго време, така што целта беше да бидам на турнирот“, вели Бушар, која во 2014 загуби во финалето на Вимблдон од Петра Квитова.
Бушар таа 2014 година стигна до полуфиналето на Австралија опен и Ролан Гарос, и беше светска тенисерка број 5.
33-годишната ветеранка Вера Звонарева, која загуби во финалето во 2010 од Серена Вилијамс, исто така доби место во главната ждрепка со победа над Американката Каролајн Долхајд. Поранешната светска тенисерка број 2, се породи со ќеркичката Евелин во 2016, пред оваа година да се врати на тенисот.
Австралиецот Бернард Томич, кој играше во четврт-финалето на Вимблдон во 2011 година, не успеа да влезе во главната ждрепка откако загуби од Белгиецот Рубен Бемелманс со 6:3/6:1/6:2 во последното квалификациско коло.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Барселона го продава Де Јонг
Фудбалскиот клуб Барселона го подготвува трансферот на Френки де Јонг. Клубот ќе ги разгледа понудите на заинтересираните за услугите на Холанѓанецот. Де Јонг поради повреда ја заврши сезоната, па не е исклучено дека настапот во Ел Класико (во неделата Барселона загуби 3:2 од Реал), да биде негиот последен меч во дресот на Барселона.
Локалните медиуми тврдат дека Чави Ернандез и неговиот стручен штаб повеќе не го сметаат Де Јонг за недопирлив во тимот. Наводно им станало јасно дека не може сам да игра во дефанзивниот ред за врска. Токму на оваа позиција Барселона планира да се засили во летниот преоден рок.
„Релево“ тврди дека Де Јонг е достапен за сум од 70 милиони евра. Тие пари потоа клубот би ги вложил во врвен заден играч за врска, а во оптек се неколку имиња: Мартин Зубименди (Реал Сосиедад), Џошуа Кимих (Баерн Минхен) и Андре Онана (Евертон).
Дополнително, Де Јонг е убедливо најплатен играч на Барселона, а неговата плата дополнително ќе се зголеми во сезоната 2024/25, бидејќи еднаш потпиша нов договор поради коронавирусот каде што неговите приходи постепено ќе се зголемуваат од година во година.
Де Јонг пристигна во Барселона во летото 2019 година од Ајакс за 75 милиони евра, а се чини дека никогаш не го достигна целиот свој потенцијал и не ја направи разликата според очекувањата. Исто така, планот беше тој да биде замена за Серхио Бускетс, но во Барселона најмногу играше како централен, а не како заден играч од средниот ред.
Холанѓанецот претходно беше мета на Баерн Минхен, Пари Сен Жермен и Манчестер Јунајтед.
Спорт
Шпанскиот суд ја блокираше сметката на Пике
Шпанскиот суд нареди замрзнување на банкарската сметка на компанија со која раководи Жерар Пике, додека трае истрагата за бизнис зделката за преместување на Суперкупот во Саудиска Арабија.
Судот ги потврди извештаите на локалните медиуми дека истражниот судија Делија Родриго постапил по барањето на државниот обвинител за замрзнување на банкарска сметка на компанијата „Космос“, чии основач и управител е Пике.
Шпанската полиција го уапси поранешниот претседател на Фудбалскиот сојуз на Шпанија, Луис Рубиалес претходно овој месец како дел од истрагата за корупција и активности за перење пари за време на неговиот мандат.
Уште седум лица беа уапсени во март кога полицијата изврши претрес во канцелариите на Сојузот во Мадрид и домот на Рубиалес во Гранада.
Рубиалес го „пресели“ домаќинството на Суперкупот од Шпанија во Саудиска Арабија во 2020 година, со договор наводно вреден 40 милиони евра по турнир. Пике, кој во тоа време играше за Барселона и играше во Суперкупот на Шпанија, помогна да се заврши договорот преку неговата компанија „Космос“.
Државните обвинители започнаа истрага за договорот во 2022 година, откако беа обелоденети аудио снимки од разговори помеѓу Рубиалес и Пике во врска со провизија од неколку милиони долари.
Во меѓувреме Пике се повлече од фудбалот, а доживеа бродолом и во приватниот живот, бидејќи се разведе од колумбиската поп-ѕвезда, Шакира.
Космос се вклучи и во „реновирањето“ на тенискиот Дејвис куп, а лансираше и алтернативно фудбалско натпреварување – Кралската лига во Шпанија.
Рубиалес поднесе оставка во септември откако предизвика меѓународен скандал бакнувајќи ја во уста Шпанката Џени Хермосо, без нејзина дозвола, за време на церемонијата на доделување медали на Светскиот куп за жени во Сиднеј, каде Шпанија го освои првото место.
Спорт
(Видео) Кам-бек на Хиршер, ќе скија за друга држава
Еден од најдобрите скијачи во историјата, Марсел Хиршер, на 36 годишна возраст реши да се врати во Светскиот куп.
Хиршер, кој осум пати го освои Големиот кристален глобус, се пензионираше во 2019 година.
Интересно е што тој нема да се натпреварува под знамето на Австрија, туку ќе ги брани боите на Холандија.
Имено, Хиршер сака да настапи за Холандија и на тој начин да ја исполни желбата на својата мајка која е од таа земја.
Според правилата на Светската скијачка федерација (ФИС), скијачот може да го смени спортското државјанство на почетокот на новата сезона, а официјално тоа може да го направи од 1 јули.
Во својата кариера, покрај осумте последователни титули на Светските првенства од 2012 до 2019 година, Хиршер освои и три олимписки медали (две златни), 11 светски медали, а има вкупно 67 победи во Светскиот куп.