Спорт
Вардар ја потврди доминацијата во СЕХА лигата
Ракометарите на Вардар ја одбранија титулата во регионалната СЕХА лига. Завршниот турнир од петокот до неделата се одигра во СЦ „јане Сандански“ во Скопје, а Вардар во финалето го победи ППД Загреб 26:24 (14:13).
Вардар ја оправда фаворитската улога на…
Ракометарите на Вардар ја одбранија титулата во регионалната СЕХА лига. Завршниот турнир од петокот до неделата се одигра во СЦ „јане Сандански“ во Скопје, а Вардар во финалето го победи ППД Загреб 26:24 (14:13).
Вардар ја оправда фаворитската улога на завршниот турнир иако во финалето Загреб успеа да му пружи отпор на актуелниот шампион. Црвено-црните победата во финалето ја обезбедија во завршните 10 минути од натпреварот.
Првата половина од првото полувреме целосно му припадна на Вардар, чии ракометари со цврста игра во одбраната имаа предност од три, а потоа и четири гола (6:3, 7:4, 8:4).
Загреб, најпрвин успеа да ја стабилизира својата игра, да го фати вистинскиот ритам во нападот, а до крајот на првиот дел и да се доближи на гол негатива (14:13).
Вардар го постигна првиот гол во второто полувреме, а потоа Загреб возврати со два гола за 15:15, во 33.минута. Потоа следуваше израмнета игра од двете страни, во која доминираа дефанзивните формации, се играше гол за гол се до 49.минута кога ракометарите на Вардар направија серија 3:0, се одлепија на разлика од четири гола (24:20) и го решија прашањето на победникот.
Вардар го предводеа Циндриќ и Кристопанс со по пет гола, додека Загреб во името на Хорват го имаше најефикасниот играч на мечот. Капитенот на Загреб постигна осум гола.
Црвено-црните ја освоија четвртата титула во СЕХА лигата, во сезоната во која поставија апсолутен рекорд во регионалното натпреварување. Вардар во регуларниот дел забележа 17 победи, а еден меч одигра нерешено.
Исто така, Вардар му се реваншираше на Загреб за поразот во финалето на СЕХА лигата во 2013 година, кога играчите на хрватскиот првак ја освоија единствената титула во регионалната конкуренција.
Третото место го освои дебитантот на завршните турнири, Целје. Екипата од Словенија во „малото финале“ го победи Мешков Брест 31:28.
фото: seha-liga.com
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Абердин ќе бара 8.000.000 фунти за Миовски
Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски, во летниот преоден рок ќе го напушти Абердин. Шкотските медиуми пишуваат дека интерес за Македонецот покажале великаните не само на шкотскиот туку и на европскиот фудбал, Ренџерс и Селтик. Според овие извори поголем интерес постои кај „полицајците“.
Глазгов Ренџерс подолг период внимателно го следи Миовски, кој ја игра најдобрата сезона во кариерата. Во сите натпреварувања, Миовски одигра 48 натпревари, постигна 24 гола.
Цената која треба да ја издвојат заинтересираните клубови изнесува 8.000.000 фунти.
Покрај Ренџерс и Селтик, интерес за Миовски наводно има и кај Феенорд. Актуелниот освојувач на Купот на Холандија, бара замена во нападот за Мексиканецот Хименес, кој извесно е дека ќе го напушти клубот.
Спорт
Наз Рид најдобра резерва во НБА лигата
Центарот на Минесота Тимбервулвс, Наз Рид, ја доби нагрдата за најдобар шест играч во НБА лигата.
Рид, од експертите добил 352 гласа, десет повеќе од бекот на Сакраменто Кингс, Малик Монк.
Наз Рид, во регуларниот дел од сезоната имаше просек од 13,5 поени, 5,2 скока и 1,3 асистенции во 81 одигран натпревар. На 67 натпревари тој влегуваше од клупата, како замена за Руди Гобер или Карл Ентони Таунс.
Тимбервулфс на крајот го освоија третото место во Западната конференција со скор од 56 победи и 26 порази.
Во четврток ќе биде доделена наградата „Клач играч на годината“, односно играч кој бил најдобар во клучните моменти, тука финалисти се Стеф Кари, Демар Дерозан и Шеј Гилџис-Александер.
Наградата за тренер на годината се доделува во недела, а меѓу финалистите се Мајк Дагно од Оклахома, Крис Финч од Минесота и Џамал Мозли од Орландо.
Спорт
ФА го казни Компани
Менаџерот на Барнли, Винсент Компани е казнет од челниците на Фудбалската асоцијација на Англија (ФА).
Причината за казната е неговото однесување на натпреварот од Премиер лигата со Челзи на „Стемфорд Бриџ“.
Компани неколку пати го нарекол судијата Дарен Ингланд „е.ен измамник“, откако претходно досуди пенал за Челзи во 40. минута.
Поради непримерното однесување Компани доби црвен картон.
Компани ќе треба да плати 10.000 фунти и нема да може да го води тимот во два натпревари.