Контакт

Спорт

Ексклузивно интервју со Матс Виландер: Федерер е симфонсики диригент, а Ѓоковиќ игра поедноставно

Објавено пред

Од Лондон Ненад Живановски

dobivaj vesti na viber

Матс Виландер, жива легенда на тенискиот спорт. Поранешен број еден и седумкратен освојувач на гренд-слем турнирите. Последниве години ангажиран како стручен коментатор за тенис на Евроспорт. Колку неговата тениска кариера е блескава, толку новинарскиот ангажман му е следен со контроверза. Барем кога е во прашање односот на публиката од нашиот регион за ставовите кои Виландер ги изнесуваше за Новак Ѓоковиќ на почеток од неговата кариера. Овој разговор беше можност да се добие објаснување и за тоа.

Сепак, и во улога на новинар, Матс ги задржал главните карактери особини кои ги имал како тенисер. Не е суетен, нема предрасуди и претенциозност и секогаш е подготвен за разговор со своите „колеги“, излегувајќи им во пресрет за интервју, анализа, совет. Во мојот случај, неговата колегијалност беше и над очекуваните граници: интервју планирано да трае десетина минути, спонтано се продолжи на половина час. Без никакво негово негодување или вртење со очите за уште едно и уште едно прашање. Напротив, трпеливо одговараше, иако постоеше реален ризик да задоцни во својата програма на Еуроспорт.

– Колега Матс или господине Виландер, како го оценувате текот на турнирот до сега? Дали има некој резултат што ве изненадил?

– За мене најголемо изненадување е што Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ на 36 и 35 години сè уште играат на Вимблдон и се во полуфиналето. Тоа е неверојатно да имаме тенисери во средните триесетти и да бидат фаворити да победат на турнирот. Не само овде, туку на сите четири гренд-слемови. Тоа сега не е изненадување, но ако ме прашавте пред пет години тогаш би било незамисливо вакво нешто да се очекува. Тоа е за мене изненадувањето, но, воедно, и воодушевување како можат тие сè уште да го прават тоа на така врвно ниво. Во женската страна тоа го немаме. Мажите играат подолги мечеви, а сè уште се витални. Тоа ме воодушевува најмногу. Јас кога го видов Рафаел Надал на Роланд Гарос во 2005 никогаш не помислив дека тој ќе игра на Вимблдон 2022.

Во врска со прикажаната игра, изненаден сум што сè уште се игра на основната линија, да бидам искрен повеќе би сакал играчите да излегуваат на мрежа, сервисот да биде малку побрз и опцијата да се игра сервис-волеј да биде многу поприсутна.

– Раната елиминација на Ига Швентек не е изненадување за вас?

– Не, воопшто не е изненадување за мене. Јас ја гледав на Роланд Гарос три пати, таа два пати победи на овој гренд-слем, но тоа ништо не ви значи на Вимблдон. За Ига најголем проблем беше нејзиното движење, таа не можеше да игра на трева како на тврда подлога. Таа е премногу млада, за да игра на трева и ѝ требаат уште неколку години искуство. Но, тоа важи за секој млад играч, дека му треба доволно искуство за да игра на трева. Сепак, сигурен сум дека Ига ќе биде шампион на Вимблдон еден ден.

– Да се вратиме на машкиот дел од турнирот. Има доста контроверзи околу повредата на Рафаел Надал. Денеска се огласи и Фабио Фоњини, кој рече да не се верува сè што ќе каже Надал.

– Воопшто не ме интересира што кажал Фоњини… Повредите се составен дел од тенисот и секој кој игра тенис може да биде повреден.

– Сепак, и лекари кои се експерти за повреда каква има Надал тврдат дека не е можно да се игра тенис на такво ниво со таква повреда и дека таа вообичаено ги напаѓа двете нозе, а не само едната.

– Не, не, не…! Со таква повреда не е можно да сервирате јако, како што вообичаено сервира Надал. Но тој трча добро. Факт е дека неговите сервиси потешко ги изведува. Има голема разлика кога сте повредени и не можете да се движите и кога имате повреда поради која послабо сервирате. За мене нема никаква контроверза околу повредата на Надал. Тој веруваше дека може да го победи Тејлор Фриц во четвртфиналето и ако не може да сервира сто проценти од своите можности. Тоа ви кажува колку Рафаел Надал е добар и е вистинско чудо како тој најде начин да го добие мечот. За мене не е дебата контроверзноста на повредата на Надал, туку вистинска дебата треба да се води како Фриц не успеа да победи противник кој не може да сервира со сто проценти од својот капацитет.

Погледнете ги фудбалерите, противникот ќе ги шутне, сопне, тие ќе се превиткуваат, но ќе продолжат да играат. Тоа е спорт, го правиш најдоброто со она што го имаш иако не си 100 проценти подготвен.

– Каква импресија ви остана од мечот Стефанос Циципас и Ник Кириос? Наместо тенис, тоа наликуваше како да ќе гледаме стрит фајт.

– Мојата импресија се однесува на она што Ник го прави за тенисот со тенискиот рекет. И во тоа е многу добар. Тој има еден од најприродните сервиси што било кога сум ги видел и има неверојатно разбирање на играта, се движи одлично, антиципацијата на играта му е, исто така, извонредна. Тоа е сè. Остатокот е надвор од нашата моќ.

– Сепак, најблаго оценето, невообичаена појава за тенисот е Кириос?

– И во минатото имавме многу одлични тенисери кои беа на граница да ги прекршуваат правилата. Сетете се на Џон Мекинро, Џими Конорс, Илијан Настасе. Дали јас сакам секој да биде како Ник Кириос, или како Новак Ѓоковиќ, или како Рафа Надал или Роџер Федерер? Не! Имате милион луѓе, со милион различни карактери и персоналити. Предизвикот со некој како Ник Кириос е предизвик за родителите и тренерите да ги научат децата да разберат што е добро кај Ник, но и кај Новак, Рафа, Роџер, а што не сакам моето дете да прави. Дали сакам да биде повеќе како Надал кога игра тенис и кој се бори за секоја топка и покажува позитивна емоција, или да биде тивок како Новак, но да прави подготовки и загревање како него. Или, пак, да игра со тенискиот рекет како Федерер или сакате да сервира како Ник Кириос. Што се однесува за Циципас, мислам дека тој не беше подготвен за тој хаос меч на Ник Кириос.

– Со оглед дека доаѓам од Македонија, која е дел од регионот на поранешна Југославија, морам да ве прашам како гледавте на коментарите кои доаѓаа на почетокот на кариерата на Новак дека не го сакате, дека во вашите коментари сте премногу критичен кон него и дека ги фаворизирате Надал и Федерер?

– Исто како и за Ник Кириос, ќе повторам дека треба да ги одделите карактерот на играчот од она што тој го прави играјќи тенис. Треба да го одделите Новак како личност од она што го правел како играч на 19-годишна возраст и сега. Или Роџер Федерер како личност со неговото однесување на 14 или 15 години, кога ги кршел рекетите, а неговите родители му се заканувале дека нема повеќе да игра тенис бидејќи нема рекети. И тоа не се однесува ниту за Новак, ниту за Надал ниту за Федерер. Тоа се однесува на играч кој мора да го подобри својот говор на тело. Тоа не е лично за Новак, Федерер, Кириос, Надал. Тие се тенисери и можат да се однесуваат како сакаат, но тенисот е спорт кој произвел личности како Били Џ. Кинг. Таа има сторено за женската еднаквост во САД и остатокот од светот многу повеќе од која било друга жена што можела да направи. Зошто? Зашто го имала тенисот како платформа. Артур Еш, исто така, направи многу во неговиот ангажман, бидејќи беше тенисер. Тенисот може да го направи светот подобро место. Ние сакаме да имаме тенисери кои ќе бидат инспирација и водечки модел и кои ќе го третираат тенискиот спорт со почит. Тоа не е лично ниту за Новак ниту за Ник. Заборавете го Новак од минатото, погледнете го Новак сега. Тој е најголемиот амбасадор на спортот во светот. Тој е неверојатен, одличен играч, можеби ќе биде и најдобар на сите времиња. Неговото однесување е неверојатно добро. Неговите интервјуа се неверојатно содржајни. И вие сакате сега да се вратиме назад, што правел Новак на деветнаесет години, и да го споредувате со сега? Тој имал само 19 години и тоа нема врска со Новак, со Србија, со вашиот регион. Затоа, луѓето се збунети ако во минатото не ја воочувале конструктивната критика. Тоа е како со дете. Морате да му речете да не ја фрла храната на под, туку да ја однесе во кујна. Инаку, како самото ќе го знае тоа на петгодишна возраст?! Така и кога ќе дојдете на турнир на 18-19-годишна возраст, вие морате да ги следите правилата кои го прават тенисот така голем спорт. Прашајте го Новак сега што мисли за тенискиот спорт. Видете го како се однесува на централ кортот. Тој е комплетно друга личност. Последно што може да ми се префрли е дека не го сакам Новак. Напротив, токму спротивното. Во моите очи јас немам видено друг тенисер со толку позитивен напредок во однос на говорот на тело од Новак Ѓоковиќ. Тоа е она што јас со години го зборувам за Новак, но некои не сакаат да го слушнат тој дел. Тенисот како спорт е многу повеќе отколку што се Новак, Рафа, Федерер. Тенисот е спорт кој мораме да го заштитиме! Тенисот е традиција, тенисот е начин како да ги воспитувате децата преку спорт. И ако го изгубиме тоа, тогаш подобро да играме пеинтбол или покер.

– Сепак и со толку голем позитивен напредок, Новак како да не е прифатен од публиката како Надал или Федерер. Според популарноста, како постојано да е во нивна сенка.

– Ајде, прво да тргнеме кој како игра. Дали некој друг може да биде популарен како Федерер според тоа како игра? Не! Роџер Федерер е симфониски диригент според играта. Тоа е креативна перфекција. Новак на многу поедноставен начин го игра тенисот. Неговото движење е неверојатно, изгледа како топчето да не може да му избега. Дали е тоа воодушевувачко за публиката? Не е. Федерер е повеќе од уметник за луѓето. Како играч, Новак ги прави истите работи како Федерер, но Федерер ги прави на начин луѓето да бидат воодушевени. Тоа е разликата меѓу нив двајца. Од своја страна, Надал има неверојатна емотивна страст која сака да ја покажува цело време. И тоа предизвикува емотивна реакција и кај луѓето. И тогаш го имате Новак кој е многу потивок, го нема флертот на Федерер и неговата артистичност. Федерер не личи на човечко суштество. Новак личи на човечко суштество кое е неконтролирано во секоја ситуација. За мене е многу поимпресивно кога изгледате неконтролирано како Новак, отколку како Федерер или Рафа. Но кога ќе дојдете до однесувањето и држењето, тоа е до публиката, тоа предизвикува емоции кај луѓето и затоа некои го сакаат Новак, некои Роџер, а некои Рафа.

– Значи дека публиката се раководи само според своите спортски преференции?

– Во минатото имавме двајца тенисери кои беа најпопуларни на сите времиња. Имавме неверојатни финалиња 2007 и 200. и луѓето беа сетирани и подготвени за тоа ривалство како за Бјерн Борг и Џон Мекинро. И оддднаш се појави нов лик кој ги наруши сите очекувања да се гледаат мечеви само меѓу Роџер и Рафа. Но, проблемот не беше зашто тоа беше Новак, туку зашто се појавил трет човек кој го прекинал ривалството во тој момент меѓу двајцата најдобри тенисери. Токму поради тоа што се случи на Вимблдон 2007 и 2008, сите беа подготвени да ги гледаат Рафа и Роџер во сите финалиња во наредните десет години. Луѓето купуваа билети да ги гледаат Рафа и Федерер во финалињата, а, сепак, Новак ги победуваше. Можеби Новак беше несреќникот, но  која личност и да беше исто ќе поминеше бидејќи го нарушила сонот на љубителите на тенисот.

– Сепак фановите на Ноле од мојот регион, па дури и таткото на Новак, се убедени дека Новак не е прифатен од западната публика бидејќи доаѓа од непопуларната Србија, од Балканот, дека на Западот сè уште постои убедување за нивната супериорност во однос на остатокот на светот, а тенисот е господски спорт резервиран за високиот сталеж, а не за плепсот. Што мислите за ваквото размислување?

– Би го проширил прашањето што мислам за неиграњето на Русите на Вимблдон!? Ако ги гледате и обвинувате луѓето според тоа каде се родени, тогаш мислам дека имате проблем. Можеби тоа е локално прашање за вас, но јас немам идеја што да ви одговорам. Јас не ги гледам играчите и Новак од која држава доаѓаат, туку како се однесуваат на теренот и што имаат сторено за тенисот. Запомнете што ќе ви кажам: ако Новак продолжи да чекори на начинот како чекори, тој ќе биде еден од најпочитуваните професионални спортисти и човечко суштество кое било кога сме го виделе.

– Какво финале очекувате в недела? Посакувате ли финале од соништата Новак-Надал?

– Немам идеја бидејќи не ја знам ситуацијата со Надал. Невозможно е да се предвидува. Ако Новак и Рафа играа утре, Новак ќе победеше деведесет проценти. Секако дека сакам да ги видам во финалето во недела двајцата, но сакам да видам и нови лица.

– Како гледате на животната драма низ која поминува вашиот колега Борис Бекер?

– Исусе! Не знам колку многу можам да го поддржам Борис Бекер. Ние сме пријатели, а луѓето прават грешки.

Текст и фото од Вимблдон: Ненад Живановски

Спорт

Дождот направи хаос, Норис пред Хамилтон и Алонсо на пол-позицијата за спринт-трката во Шангај

Објавено пред

Ландо Норис најдобро се снајде во хаотичните услови во квалификациите за првата спринт трката оваа сезона во Формула 1, Големата награда на Кина.

dobivaj vesti na viber

Дождот им создаде големи проблеми на возачите, а во такви услови најдобар беше пилотот на Мекларен. Норис забележа време 1:57.940 минути, кое беше за 1,2 секунди подобро времето на Луис Хамилтон (Мерцедес) и 1,9 секунди побрзо од времето на Фернандо Алонсо (Астон Мартин).

Искуството на Хамилтон и Алонсо пресуди во борбата со пилотите на Ред Бул и Ферари кои возат подобри болиди.

Актуелниот светски првак, Макс Ферстапен спринтот в Шангај ќе го започне од четвртото место, зад него се Карлос Саинц (Ферари), Серхио Перез (Ред Бул), Шарл Леклер (Ферари), Оскар Пјастри (Мекларен), Валтери Ботаси и Жу од Заубер.

Спринт трката во пресрет на Големата награда на Кина, утре се вози во 5 часот по македонско време. Квалификациите за главната трка ќе се одржат четири часа подоцна. Големата награда на Кина започнува во недела во 9 часот.

Прикажи повеќе...

Спорт

„Им посакувам сѐ најдобро на моите браќа на Олимпијадата, јас не сум доволно добар“

Објавено пред

Кошаркарот на Далас Кајри Ирвинг не се најде на списокот на репрезентацијата на САД за претстојните Олимписки игри во Париз.

dobivaj vesti na viber

Плејмејкерот на Маверикс изјави дека не е изненаден што не е меѓу 12-те избрани за олимпискиот турнир.

Ирвинг, освои злато со тимот на САД на Олимпијадата во 2016 година во Рио де Жанеиро.

„Им посакувам се најдобро на моите браќа. Едноставно не бев доволно добар за овој тим“, рече Ирвинг.

„Процесот на изборот беше тежок. Но, повторно, немам ништо друго освен почит кон овие момци. Во овој момент од мојата кариера, мислам дека мојот фокус треба да биде на освојување на шампионатот“, додаде бекот на Далас.

Тимот на Стив Кер во Париз го сочинуваат Леброн Џејмс, Девин Букер, Џејсон Тејтум, Кави Ленард, Џоел Ембид, Тајрис Халибартон, Џру Холидеј, Бем Адебајо, Стеф Кари, Ентони Дејвис, Ентони Едвардс и Кевин Дурент.

Прикажи повеќе...

Спорт

Нема повеќе повторување на натпревари во ФА Купот

Објавено пред

Фудбалската асоцијација на Англија (ФА), објави дека од следната сезона, во ФА купот нема да се преигруваат натпреварите кои ќе завршат без победник. Правилото, старо колку и самото натпреварување, од следната сезона ќе важи само во квалификациите. за повторување ќе важи само во квалификациите.

dobivaj vesti na viber

Укинувањето на повторувањата е само еден од неколкуте чекори договорени од ФА и Премиер лигата во следните шест години.

Во иднина сите натпревари од ФА Купот ќе се играат за викенди, со исклучок на четвртото коло, во кое натпреварите ќе се играат од петок до среда. Во четвртото и петтото коло од ФА Купот нема да се играат натпревари од Премиер лигата.

Финалето на ФА Купот ќе се одигра во претпоследниот викенд од сезоната во Премиер лигата. Тој ден нема да се играат натпревари од Премиер лигата. Во петок, на ден пред финалето на ФА Купот, нема да има натпревари од Премиер лигата.

Промените во ФА Купот ќе донесат поинаков вид посветеност на Премиер лигата. Прво, Премиер лигата ќе обезбеди дополнителни 33 милиони фунти за фудбалот, покрај 100-те милиони фунти што досега ги плаќаше на крајот од секоја сезона.

Покрај тоа, Премиер лигата ги задржува сите претходни обврски – на секои три години Премиер лигата исплаќа 1,6 милијарди фунти за сите нивоа во машка и женска конкуренција за да помогне во развојот на фудбалот.

Одлучено е и Комјунити Шилд натпреварот за сезоната 2024/25 да се одигра во сабота на 10 август. Една недела подоцна ќе започне сезоната во Премиер лигата.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија1 час

МОН известило дека деновите на изборите ќе се одработуваат во две саботи, а на 15 јуни и часовите пропшуштени поради самитот на ОБСЕ

Министерството за образование и наука (МОН) ги известило училиштата дека неработните денови на одржување на изборите ќе се одработат во...

Топ2 часа

Детали за кражбата на сефот во скопско Црниче: 23-годишник е еден од осомничените

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 23-годишник осомничен за кривично дело тешка кражба од член 236 став 1 точка...

Свет2 часа

САД ставија вето на приемот на Палестина во ОН

Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации „Државата Палестина да биде прифатена како...

Свет2 часа

Небензја: Америка го крши духот на Палестинците, ги принудува да му се покорат на Израел

САД, кои ја блокираа резолуцијата за Палестина во Советот за безбедност на ОН, се обидуваат да ја скршат волјата на...

Македонија3 часа

Мицкоски: Преземам иницијатива за создавање национално единство, и запирање на сите напади кон Левицата и ЗНАМ, државата е одземена од народот

„ВМРО-ДПМНЕ – ВМРО Демократска партија за македонско национално единство, тоа е многу силно име, кое не само заради историското ВМРО...

Македонија3 часа

Маричиќ: Оваа Влада ги покачи пензиите 50 проценти и ветуваме дека во наредниот мандат просечната пензија ќе биде од 500 евра

Меѓународниот секретар на СДСМ и кандидат за пратеник, Бојан Маричиќ, оствари средба со граѓаните пензионери од Изборната единици 1, каде...

Свет3 часа

Си-ен-ен: Остин разговараше со Галант пред нападот на Иран, Вашингтон не ја поддржува оваа акција

Американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, разговараше во четвртокот со израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, за „регионалните закани и...

Свет3 часа

Трамп: Опстанокот на Украина е важен за САД

Доналд Трамп рече дека опстанокот на Украина е важен за Соединетите Американски Држави. Поранешниот претседател поголемиот дел од својата објава...

Свет3 часа

(Видео) Светските медиуми: Израелски проектил го погоди Иран

Израел го нападна Иран, јавуваат светските медиуми. Ројтерс цитираше изјава од три лица запознаени со ова прашање, додека иранските државни...

Македонија13 часа

(Видео) Силјановска -Давкова: На 9 мај ќе го славиме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, но ќе славиме и за Македонија

„На 9-ти мај ќе го прославуваме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа! На 9-ти мај, ќе ја...

Македонија13 часа

Мицкоски: Повикувам на обезбедување на македонско национално единство, обзнанувам мораториум и запирање на сите напади кон партиите Левица и ЗНАМ

Нашето име е ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО – демократска партија за македонско национално единство. Тоа е многу силно име, кое не само...

Македонија13 часа

(Видео) Ковачевски: Со Мицкоски и ДПМНЕ е можно само враќање назад во изолација и режим, далеку од Европа

Со Мицкоски и ДПМНЕ е можно само враќање назад во изолација и режим, далеку од Европа, рече претседателот на СДСМ,...

Македонија15 часа

(Видео) „Мицкоски на чист бугарски јазик му кажа на Борисов дека го поддржува договорот“, рече Пендаровски во Виница

Како дел од изборната кампања, кандидатот за претседател Стево Пендаровски попладнево беше меѓу граѓаните на општина Виница. На прашање на...

Македонија18 часа

Министерството за здравство за приватните специјализанти: Решение ќе има после изборите

„Министерството за здравство секогаш се залага за подобрување на условите за работа на здравствените работници и соработници, кои меѓу нив...

Македонија23 часа

Наместо покачена 12 отсто, вработените во културата не добија никаква плата, од утре излегуваат на протести

Доколку до крајот на денот не им биде исплатена платата за март на 3.000 вработени во културата, од утре тие...

Македонија23 часа

Сексизам, дискриминација, навреди и говор на омраза од Пендаровски и лица вклучени во неговата кампања: Силјановска-Давкова со нова претставка

Гордана Силјановска-Давкова денеска поднесе нова претставка до Државната изборна комисија, Комисијата за заштита од дискриминација, ОБСЕ – Организација за безбедност...

Македонија23 часа

ДУИ симулира седница на која Бугарите влегоа во Уставот, Села е претседател на Собранието, а Османи на државата

„Европскиот фронт“ предводен од Демократската Унија за интеграција симулираше конститутивна седница на Собранието, со тоа, сликовито прикажувајќи што би се...

Македонија1 ден

Пендаровски: Ја вративме слободата, изградивме еднакво општество, имаме силна поддршка од најмоќните демократски држави

Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски вчерашниот ден од изборната кампања го заокружи со граѓански митинг во Гостивар. Пред присутните Пендаровски...

Свет1 ден

ЕУ воведе нови санкции за Иран

Лидерите на Европската унија вчера одлучија да ги зголемат санкциите против Техеран додека светските сили се обидуваат да спречат поширок...

Свет1 ден

Украина предупредува на трета светска војна пред клучната одлука во Америка

Украинскиот премиер изјави за Би-Би-Си дека ќе има трета светска војна доколку Украина ја загуби војната со Русија, апелирајќи до...