Спорт
Роналдо: Флорентино Перез никогаш не зборува од срце
lanЗборувајќи првпат отворено по заминувањето од Реал Мадрид, Кристијано Роналдо призна дека е разочаран што претседателот на клубот, Флорентино Перез секогаш зборувал за бизнисот, а никогаш од срце.
Во интервју со „Франс фудбал“, португалската ѕвезда …
Зборувајќи првпат отворено по заминувањето од Реал Мадрид, Кристијано Роналдо призна дека е разочаран што претседателот на клубот, Флорентино Перез, секогаш зборувал за бизнисот, а никогаш од срце.
Во интервју со „Франс фудбал“, португалската ѕвезда зборува за времето во Реал, каде што помина 9 години и освои сѐ што можеше пред ова лето да замине во Јувентус, каде што повторно има статус на прв фудбалер на тимот. Роналдо вели дека недостигале човечките односи од Перез, главниот човек и архитектот на фантастичните успеси на „кралскиот клуб“.
„Флорентино Перез никогаш не ме гледал поинаку, туку само дел од бизнис-врска со него. Работите што ги кажуваше никогаш не ги велеше од срце. Остварив многу работи во Реал Мадрид и имаше неверојатни моменти со фантастични соиграчи и тоа секогаш ќе биде дел од моите сеќавања. Секогаш ќе се сеќавам и на одличните фанови, но по девет години, беше време за промена. Чувствував промена во клубот, посебно од претседателот, како да не ме сакаа толку како на почетокот. Веќе ме сметаа дека сум заменлив“, вели Роналдо.
Тој додава дека и покрај фантастичните пари што ги заработува во Јувентус како најплатен фудбалер на „чизмата“ одлуката не била финансиски мотивирана, туку дека сметал оти совршено ќе се вклопи во гигантот од Торино.
„Да беше за парите, ќе одев во Кина, каде што ќе заработував петпати повеќе отколку тука или во Реал Мадрид. Не дојдов во Јувентус за парите. Заработував исто и во Мадрид, ако не дури и повеќе. Разликата е во тоа што Јувентус ме сакаше во тимот. Тие ми го кажаа тоа гласно и јасно. Ми покажаа дека сакаат да сум во Торино“, додава Португалецот.
Фото: ЕПА/Франс фудбал
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Инзаги по освојувањето на титулата: Неверојатно чувство, момците се исклучителни
Со победата од 2:1 над градскиот ривал Милан, фудбалерите на Интер синоќа ја освоија 20. титула во италијанската Серија А и ја сошија втората ѕвезда над грбот на својот клуб.
Интер ја круниса доминантна сезона во Италија и на пет кола до крајот има 17 бода повеќе од Милан.
„Нероаѕурите“ беа убедливи во текот на целата сезона, на 33 натпревари претрпеа само еден пораз, и тоа на домашен терен од Сасуоло.
Тренерот Симоне Инзаги конечно стигна до Скудетото во неговата трета сезона во Интер.
Едвај ја задржа работата на крајот од првата сезона, кога во финишот на сезоната 2021/2022. му ја предаде титулата на Милан, но минатата сезона го одведе Интер до финалето на Лигата на шампионите, а сега ја освои Серија А.
„Неверојатно е чувството, постигнавме нешто извонредно. Има многу протагонисти во овој успех. Пред се, играчите, исто така и директорите, а потоа и Стивен Жанг, за се што ни овозможи на ова патување. Моите мисли одат и кај моето семејство, сопругата и децата, родителите… Мојата мана е што понекогаш не можам да ја напуштам работата и да ја носам дома, но моето семејство е основата на сè“, рече Инзаги.
Спорт
И Аргентинец ќе суди на ЕП во Германија
Европската фудбалска федерација (УЕФА) го објави списокот на судии на кои смета за претстојното Европско првенство во Германија.
Најмногу претставници, по двајца имаат Англија, Италија, Франција и Германија. Од судиите од регионот, во Германија ќе го видиме само Славко Винчиќ од Словенија, кој ќе работи заедно со неговите помошници Томаж Кланчник и Андраж Ковачиќ.
Словенија ќе има претставници и во ВАР-собата, Нејц Кајтазовиќ (како ВАР судија), Раде Обреновиќ и Јуре Прапротник (како помошни ВАР судии или четврти судија).
Меѓу ВАР судиите ќе бидат и Ирфан Пељто и Сенад Ибришимбеговиќ од Босна и Херцеговина.
Факундо Тељо од Аргентина доби специјална покана врз основа на соработката на УЕФА и КОНМЕБОЛ.
Судии на ЕУРО:
Ентони Тејлор, Мајкл Оливер (Англија), Марко Гуида, Даниеле Орсато (Италија), Даниел Зиберт, Феликс Цвајер (Германија), Клемон Турпан, Франсоа Летексиер (Франција), Дани Макели (Холандија), Шимон Марчињак (Полска), Артур Диас (Португалија), Иштван Ковач (Романија), Иван Крузлиак (Словачка), Славко Винчиќ (Словенија), Хесус Хил Манзано (Шпанија), Глен Ниберг (Шведска), Сандро Шерер (Швајцарија) и Халил Умут Мелер (Турција) + Факундо Тељо (Аргентина).
Спорт
Коман го пропушта Евро 2024
Кингсли Коман (27), крилниот напаѓач на Баерн го повреди адукторот во 49. минута од првенствениот меч со Келн (2:0), го напушти теренот на носилки бидејќи не можеше да застане на десната нога, а се испостави дека станува збор за сериозна повреда.
Требаше да паузира неколку недели, а се испостави дека францускиот репрезентативец ќе го пропушти ЕП во Германија, дознава „Лекип“.
Магнетна резонанца утврди дека закрепнувањето ќе трае подолго од очекуваното, а од самиот почеток беше јасно дека сезоната за него е завршена, но имаше индикации дека ќе се опорави за ЕП, со оглед на тоа што селекторот на триколорите, Дидие Дешам сериозно сметаше на него.
Франција го игра воведниот натпревар против Австрија во Дизелдорф.
Инаку, Коман поради претходни повреди оваа сезона веќе пропушти 13 натпревари во сите натпреварувања, а на тоа ќе додаде уште најмалку шест, во зависност од тоа дали Баерн ќе се пласира во финалето на Лигата на шампионите.
Коман, роден во Париз, ги помина сите младински селекции на Франција, а за сениорската селекција дебитираше во 2015 година. Досега има 55 настапи со осум постигнати голови.