Спорт
СОС Детско село ја доби наградата од Фондацијата за деца на УЕФА за проектот Football is power
Денеска во просториите на Фудбалската федерација на Македонија се одржа прес-конференција по повод наградата од Фондацијата за деца на УЕФА доделена на СОС Детско село Македонија за проектот Football is power.
Европската фудбалска Асоцијација (УЕФА) ја препозна и прифати иницијативата на
Фудбалската федерација на Македонија, СОС Детско село – Македонија да добие награда од Фондацијата за деца на УЕФА во износ од 50 000 евра наменети за развој на спортските активности за децата од СОС Детско село Македонија.
Во соопштенеито од СОС Детско село се посочува дека на почетокот од оваа година, УЕФА преку својата фондација за деца побарала од 55 национални асоцијации да номинираат организација од нивната земја што исполнува зададени критериуми, а чија работа е од особена важност за децата од социјално ранливи категории, Фудбалската федерација на Македонија со оваа номинација потврдува дека ја препозна и ја поддржа нашата работа, изјави Зорица Серафимовска Арсовска, претседател на УО на СОС Детско село.
„Ние веќе 17 години посветено работиме и се грижиме за децата без родители и родителска грижа во нашата земја.Нашата работа и мисија се поклопуваат во една многу важна работа, нашата работа е да менуваме животи, а вашата да обезбедите исто така подобра иднина за децата и младите преку спортот, односно фудбалот.
Исто така, анализите докажуваат дека физичката активност го подобрува и психичкото здравје, што е важно за секој млад човек, а посебно за деца и млади кои поминале низ многу предизвици во животот, благодарност до Фудбалската федерација на Македонија“, изјави Зорица Серафимовска Арсовска.
„Спортот игра клучна улога во правилниот раст и развој на секое дете. Раното откривање на спортскиот потенцијал е појдовна основа за тоа како детето понатаму ќе се развива на спортски професионален план. Преку тимскиот спорт се учи тимска работа, делење, самодисциплина, лидерство, толеранција и фер-плеј. Ви благодариме на довербата, многу талентирани дечиња ќе имаат можност да се развијат во големи фудбалски ѕвезди“, изјави Јулијана Гапо, национален директор на СОС Детско село.
Фудбалската федерација на Македонија секогаш се труди да има активна улога во
општеството, давајќи придонес во проекти и активности што ја истакнуваат нашата социјална одговорност. Така било отсекогаш, а со радост ќе ги продолжиме сличните активности и во иднина, беше пораката што ја испрати в.д. претседателот на ФФМ.
Муамед Сејдини додава дека исклучително им е драго што токму СОС Детското село ја доби наградата од Фондацијата за деца на УЕФА во износ од 50 000 евра, средства што ќе ги инвестираат во понатамошен развој на спортските активности на децата.
Генералниот секретар на Фудбалската федерација на Македонија, Филип Поповски, пак, во своето обраќање ја истакна една од суштинските заложби на ФФМ, како социјално одговорна организација која придонесува преку фудбалот да се збогати квалитетот на живот на деца од социјално ранливи категории.
„Ние искрено се надеваме дека со реновирањето на спортското игралиште ќе се поттикнат и инспирираат повеќе деца што живеат таму да уживаат во играњето фудбал. Во рамки на нашата фудбалска академија досега имавме двајца млади фудбалери кои ни доаѓаа од СОС Детско село, а со овој проект ќе бидеме среќни ако тој број се зголеми. Благодарност што заеднички ќе реализираме една подолгорочна соработка“, изјави генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Емери уште три години во Бирмингем
Раководството на Астон Вила реши да го задржи тренерот Унаи Емери. Клубот на шпанскиот тренер му понудил нов, тригодишен договор.
Вила од „јо-јо“ тим, повторно стана релевантна сила во англискиот фудбал. Оваа сеозна се бори за место во Лигата на шампионите и трофејот во Конференциската лига. Не е изнендување што управата сака да го задржи Емери кој е најзаслужен за овие резултати.
Емери и се приклучи на Вила во октомври 2022 година, кога тимот се бореше за опстанок. На крајот од таа сезона со тимот избори место во Конференциската лига, во кое оваа сезона стигна до полуфиналето.
Во лигата жестоко се бори со Тотенхем за четврто место и пласман во Лигата на шампионите. Откако Емери ја презеде Астон Вила, само Манчестер Сити, Ливерпул и Арсенал имаат освоено повеќе бодови во Премиер лигата.
Унаи Емери е поранешен тренер на Алмерија, Валенсија, Спартак Москва, Севилја, Пари Сен Жермен, Арсенал и Виљареал.
Спорт
Репрезентациите на Евро со 26 наместо со 23 играчи
Европската фудбалска унија (УЕФА) е блиску до конечна одлука за зголемување на бројот на фудбалери во репрезентациите за овогодинешното Европско првенство во Германија, пренесува „Скај Спортс“.
Иако долго се споменуваше, оваа промена за првпат беше официјално предложена на почетокот на април во Дизелдорф, на иницијатива на селекторот на Србија, Драган Стојковиќ Пикси, каде што се одржа завршната едукативна работилница на УЕФА.
Како што пренесува „Скај Спортс“, делегатите на националните натпреварувања во понеделникот гласале за промена и зголемување од 23 на 26 фудбалери кои треба да им бидат на располагање на селекторите во Германија.
Тоа не е конечна одлука, бидејќи прво треба да биде одобрена од Извршниот одбор. Се очекува тоа да се случи пред 22 мај, за кога е закажана следната седница на ова тело.
Последен пат проширените тимови беа користени во 2021 година на Европското првенство, како мерка што им олесни на селекторите да се справат со пандемијата на коронавирусот.
Фудбалските сојузи имаат рок до 7 јуни да ги испратат конечните списоци со играчи за Европското првенство.
Натпреварувачката сезона во Европа ќе заврши со финалето на Лигата на шампионите на 1 јуни, а Европското првенство ќе се одржи од 14 јуни до 14 јули во Германија.
Спорт
(Видео) Отказ, па казна за Вујовиќ – Му забранија да биде тренер во Хрватска
Дисциплинскиот судија на Хрватскиот ракометен сојуз ги изрече казни за претставниците на екипата на Нексе од Нашице за инцидентот на мечот со Загреб на 8 април.
Делегатот на тој натпревар, во мешаницата која настана кај записничјката маса, намерно беше удрен од играчот на Нексе, Словенецот Марко Безјак, а натпреварот набргу потоа беше прекинат.
Лекарска помош му беше укажана и на делегатот Анте Јосиќ, а судиите по дваесетина минути означија крај на натпреварот. Натпреварот подоцна беше регистриран со службен резултат 10:0 во корист на Загреб
Инцидентот се случи како последица на големото незадоволство на домашните поради низа судиски одлуки. Во еден момент сите тргнаа кон делегатот, таму беше и тренерот Веселин Вујовиќ, а врв на се беше неспортскиот потег на Безјак.
На се’ му претходеше протест на Вујовиќ до делегатот поради спорната одлука на судијата да го поништи голот на неговиот тим и наместо тоа да покаже седмерец.
Поради ова, дисциплинскиот судија Среќко Илиќ изрече забрана за играње ракомет на Безјак 12 месеци, а на Андраж Велкаврх му изрече суспензија на четири натпревари.
На Веселин Вујовиќ му е изречена дисциплинска мерка забрана за вршење на тренерска функција во траење од три месеци. Вујовиќ неодамна доби отказ од клупата на Нексе по поразот од Пореч. Тимот во преостанатиот дел од сезоната ќе го води поранешниот помошник Крешо Иванковиќ.
Покрај тоа, клубот е казнет со 4.000 евра.