Спорт
(Видео) Џака и Шаќири им го згорчија животот на Србите
Швајцарија успеа да направи пресврт и со 2:1 да ја совлада Србија за да направи чекор напред кон осминафиналето на Мундијалот во Русија, и во исто време на „орлите“ да им постави императив да ги победат Бразилците во последното коло за пласман понатаму…
Швајцарија успеа да направи пресврт и со 2:1 да ја совлада Србија за да направи чекор напред кон осминафиналето на Мундијалот во Русија, и во исто време на „орлите“ да им постави императив да ги победат Бразилците во последното коло за пласман понатаму.
Србија имаше посилен старт на натпреварот и рано дојде во водство, но по неколку пропуштени шанси во првото полувреме, Швајцарија направи пресврт со подобра игра во второто полувреме и преку Гранит Џака и Џердан Шаќири, двајца фудбалери со албанско потекло од Србија и Косово да им нанесат горчлив пораз.
Сега по две кола, Швајцарија и Бразил имаат по четири поени, Србија е трета со три поени, додека Костарика е без поени и веќе елиминирана. Швајцарците се поблиску до осминафиналето бидејќи во последното коло играат со Костарика, додека Србија ќе го „нагости“ фаворитот Бразил.
Мечот започна одлично за Србите, откако по уфрлањето на Тадиќ, напаѓачот на Фулам, Александар Митровиќ го матираше Зомер со глава, за да го постигне својот 15. гол во 18 меча за „орлите“.
Србија ја држеше иницијативата во првите дваесетина минути, а Митровиќ повторно се закани со глава во 14. минута, по што Швајцарија полека ја врати иницијативата. Иако имаа поголем дел од поседот на топката, Швајцарија немаше некоја поизгледна шанса. Србија во 37. минута имаше нова шанса од слободен удар, но обидот на Тадиќ лесно го одбрани Зомер.
Во второто полувреме, Швајцарија покажа дека ремито со Бразил (1:1) не беше случајност, откако тргна опасно во напад. Веќе во 52. минута, Гранит Џака имаше фантастичен удар од работ на шестнаесетникот за да постигне еден од најдобрите голови досега на шампионатот.
По ова следуваше мала провокација, откако Џака, кој има албанско потекло токму од Србија, но е роден во Швајцарија, на српските навивачи, кои беа помногубројни во Калининград им покажа орел со рацете.
Швајцарија го продолжи притисокот и веќе во 57. минута, Шаќири го погодува местото каде што спојуваат дирекот и пречката. Коларов упати опасен удар во 68. минута, но Митровиќ не ја следеше добро ситуацијата.
Притисокот вроди со плод откако во 90-тата минута, Џердан Шаќири (кој инаку е роден во Гњилане на Косово), успеа да избега на српската одбрана и да стави печат на натпреварот. Уште еднаш, за крај, на српските фанови им беше покажан „орелот“.
Фото: ЕПА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Драконска казна во Холандија – клуб исфрлен од првата лига
На фудбалскиот клуб Витезе му беа одземени 18 бодови, по што и официјално испадна од првата холандска лига, соопшти Фудбалскиот сојуз на Холандија (КНВБ).
„Независниот комитет за лиценцирање на КНВБ му изрече санкција на Витезе од минус 18 бодови. Клубот од Арнем ја доби оваа казна затоа што повеќепати не ги исполнуваше барањата од прописите за лиценцирање играчи во подолг временски период“, се вели во соопштението на КНВБ.
Витезе сега има минус еден бод и автоматски го загуби прволигашкиот статус на четири кола пред крајот на првенството.
Најголемиот успех во историјата клубот од Арнем го постигна во сезоната 2016/17 кога го освои Купот на Холандија.
Последен пат Витезе играше во Европа во сезоната 2021/22, кога беа елиминирани од подоцнежниот освојувач Рома во осминафиналето на Конференциската лига.
Спорт
Бакс без Јанис во првото коло од плеј-офот
Милвоки Бакс се соочува со значителен проблем пред почетокот на плеј-оф серијата во која ривал ќе им биде Индијана Пејсерс. Бакс нема да може да смета на Јанис Адетокумбo.
Како што пренесе Шамс Чаранија, Адетокумбо ќе мора да паузира од две до четири недели поради повредата на потколеницата со која се здоби на натпреварот против Бостон Селтикс.
Овие првични проценки за повреди секако значат дека Адетокумбо сигурно ќе го пропушти првото коло од плеј-офот и натпреварите со Индијана.
Плеј-офот за Бакс започнува ноќта помеѓу недела и понеделник, а тие се домаќини во првиот натпревар.
Спорт
Ивановиќ ќе добие отказ во Басконија
Кошаркарите на Басковнија, вечерва (20.30 часот) го играат решавачкио натпревар во Евролигата. Доколку го победат Виртус ќе играат во плеј-оф против Реал Мадрид.
Прашање е дали пласманот во плеј-офот може да ја спаси сезоната, бидејќи Басконија „виси“, кога е во прашање плеј-офот во домашното првенство. Во шпанското првенство се на прагот на плеј-офот.
Шпанските медиуми пишуваат дека Душко Ивановиќ би можел да ја напушти Басконија. Црногорскиот тренер го одработува четвртиот мандат во клубот. Пристигна во текот на сезоната од Црвена звезда.
Замена за Ивановиќ би требало да биде актуелниот тренер на Гран Канарија, Јака Лаковиќ, кој има клаузула во договоорт дека може да замине во тим што настапува во Евролигата.
Локалниот медиуми, „Ла Провинсија“ наведува дека Лаковиќ е првиот избор на баскискиот тим за следната сезона. Овој извор пишува дека Басконија ќе треба да плати одредена сума за да го нагажира Лаковиќ.
Лаковиќ лани со Гран Канарија го освои Еврокупот, претходно тој беше тренер на Улм.