Спорт
Заврши рекреативната велосипедска тура „Витолиште 2009“
Во организација на велосипедското спортско друштво „Енерџи“ од Скопје, асоцијацијата МАТА и општина Прилеп, во Мариово денеска се одржа рекреативната велосипедска тура „Витолиште 2009“
На велосипедската тура, околу 80 рекреативци и активни велосипедисти денеска поминаа неколку часа во мариовската природа, возејќи ја само таканаречената Црвена патека долга 28 километри. Патеката е една од четирите неодамна трасирани во близина на Витолиште со вкупна должина од 170 километри. Сите учесници на велосипедска тура „Витолиште 2009“ се согласни дека Витолиште е една од локациите кои нудат можности за планински велосипедизам.„За развој на планинскиот велосипедизам постојат услови и овде во Мариово. Ќе ги расчистиме патеките да бидат безбедни“, изјави Димитар Танев од велосипедскиот клуб „Енерџи“ од Скопје.Според Александар Јовановски, претседател на клубот „Екодрум“ од Охрид, и покрај огромните потенцијали за овој вид туризам Македонија не е доволно искористена за овој спорт. Тој потенцира дека за тоа потребна е помош од туристичките асоцијации и од Стопанската комора на Македонија. Асоцијацијата МАТА купила локации и напуштени куќи во Витолиште кои ќе ги реновира и планира да бидат сместувачки капацитети за селски и друг вид алтернативен туризам во Мариово.„Првите резултати од овој проект ќе се почуствуваат помеѓу три и пет години. Секој што ќе сака ќе може да дојде и да вози. Ќе може да се изнајмат велосипеди, како и да се поправаат“, изјави Весна Аврамовска, директорка на МАТА.Меѓу учесниците на турата беше и аташето за култура во германската амбасада Франк Штесел, кој во јавноста е познат кога на функцијата, од Берлин до Скопје допатува со велосипед, минувајќи 2.500 км за 18 дена.„Македонија е идеално место за велосипедизам. Восхитен сум од природата, фантастично е и чест ми е што сум дел од турава. Треба многу луѓе да ја подржат оваа идеја“, изјави Штесел.Учесниците на велосипедска тура „Витолиште 2009“ ги поздравија прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, сопругата на американскиот амбасадор Солви Рикер и претседателот на велосипедската федерација на Македонија, Сашо Димитриоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
“Робињо и Алвеш? Некој да и го направеше тоа на мојата ќерка, сега немаше да дадвам интервју”
Робињо (40) и Дани Алвеш (40), некогаш фудбалски ѕвезди, сега се осудени силувачи.
Робињо кого на почетокот на кариерата, Бразилците го прогласија за наследник на Пеле, играше за Сантос, Реал, Манчестер сити, Милан. За бразилската репрезентација одигра 100 натпревари. Тој мора да отслужи деветгодишна затворска казна за брутално групно силување на 22-годишна девојка.
Исто така, Дани Алвеш (40), еден од најтрофејните фудбалери во историјата, пред два месеци беше правосилно осуден на 4,5 години затвор за силување девојка во ноќен клуб во Барселона во декември 2022 година. Но, пред два дена беше ослободен откако во затвор помина 14 месеци. За да излезе на слобода тој плати кауција од 1.000.000 евра.
Фелипе Мело, поранешен репрезентативец на Бразил, кој ја делеше соблекувалната со двајцата играчи, го коментираше тој случај за бразилскиот „Глобо Еспорте“.
„Никој нема право да зборува на оваа тема, но не гледам проблем сега да дадам свој коментир. Имам 15-годишна ќерка. Нејзе да и се случеше ова, јас немаше сега да бидам овде и да го давам ова интервју. Човечко суштество треба да се почитува, било да е машко или женско“, рече Мело.
Спорт
Шчесни: Изборивме место на ЕП, во спротивно ќе се повлечев од репрезентацијата
Полскиот голман Војчех Шчесни изјави дека ќе се пензионирал од националниот тим доколку неговата репрезентација не се пласирала на Европското фудбалско првенство.
Во вторникот вечерта, на натпреварот меѓу Полска и Велс во Кардиф, по 120 минути игра немаше голови, па победникот беше решен по изведувањето на пенали. Шчесни ја однесе ПОлска на Европското првенство откако го одбрани пеналот на Ден Џејмс во петтата серија.
„Нема психологија, ги анализирав изведувачите на пенали, што не направи разлика, бидејќи сите почнаа да шутираат во средината, а никој од нив претходно не шутирал така“, изјави голманот на Јувентус, пренесуваат италијанските медиуми.
Полска на пенали го победи Велс со 5:4.
„Кога ќе дојде до решавачкиот пенал, тогаш притисокот е врз изведувачот, а не врз голманот. Има огромен притисок врз играчот при изведувањето на решавачкиот пенал, мислам дека овој пат беше на Џејмс“, изјави Шчесни.
За голманот на Полска ова ќе биде четврто последователно Европско првенство на кое настапува, а досега во дресот на националниот тим се појавил 81 пат.
Европското првенство ќе се одржи од 14 јуни до 14 јули во Германија, а Полска е во групата Д со Холандија, Австрија и Франција.
Спорт
(Видео) Пораз на Денвер во Феникс – Дурент го запре Јокиќ
Три тима, во финишот на регуларниот дел од сезоната, се борат за првата позиција во Западната конференција, во НБА лигата. Изминатата ноќ Минесота забележа победа, додека Денвер и Оклахома беа поразени од Феникс односно Хјустон.
Актуелните шампиони Денвер Нагетс, без Џамал Мареј и со повредениот Никола Јокиќ, забележаа пораз во Феникс 104:97. Денвер немаа решение за Кевин Дурент кој постигна 30 поени, 13 скока, три асистенции и пет блокади.
Јокиќ мечот го заврши со 22 поени, девет скока и 10 асистенции, по 18 поени постигнаа Ареон Гордон и Мајкл Портер.
Оклахома загуби на домашен терен од Хјустон со 132:126.
Хјустон го предводеа Џејлен Грин со 37 поени (14-24 од поле), 10 скока и 7 асистенции, Ајмен Томпсон додаде 25 поени и 15 скока.
Кај Тандер најдобар беше Џош Гиди со 31 поен (12-20 од поле, 7ск, 4ст), Џејлен Вилијамс имаше 23 поени (9-23 од поле) и 10 асистенции.
Во битката за првото место на Западот, Минесота го совлада Детроит со 106:91. Најефикасни беа Наз Рид (21п, 10ск) и Џејден МекДаниелс (20п, 4ск).
Денвер има 51 победа и 22 порази. Оклахома и Минесота имаат скор 50 победи и 22 порази.