Спорт
Чуркоски со кајак ќе го весла Охридското Езеро
За Денот на независноста на Република Македонија, струшкиот кајакар, Ристе Чуркоски, се подготвува да направи несекојдневен подвиг, со кајак ќе го весла Охридското Езеро
Чуркоски кој има 48 години е поранешен репрезентативец на СФРЈ во кајак на мирни води, основач е и претседател на кајак-кану клубот Струга. Чуркоски на 8 септември ќе се обиде со кајак да го обиколи Охридското езеро, етапа пред којa ќе се исправи кајакарот-ветеран е долга 90 километри. Стартот и целта на етапата ќе бидат во Струга, на својот пат Чуркоски ќе ги мине Охрид, Свети Наум и албанските градови Поградец и Лин. Идејата на Чуркоски е преку својот подвиг да ја промовира идејата за добрососедство помеѓу трите крајезерски града. „Сакам меѓудругото да го поттикнам спортскиот интерес кај младата популација, но и да им дадам поттик на другите млади спортисти да не се откажуваат од него. Идејата ми е да покажам дека границата на езерото не треба да биде пречка за поголема соработка меѓу двете земји. Се надевам дека ова ќе наиде на разбирање и кај државните институции“, вели за Макфакс, Чурковски.Поддршка за овој подвиг Чуркоски доби и од градоначалниците на Струга, Охрид и Поградец. Подвигот за кој се подготвува кајакарот предизвикува голем интерес кај граѓаните на Струга и Охрид, голем број од нив се очекува да го пречекаат Чурковски утре доцна попладне на целта кај хотелот „Дрим“. На Денот на независноста, Чуркоски во водите на Охридското езеро ќе заплови во 7:30 часот, доколку го послужи времето, целиот подвиг треба да трае десетина часови.Метеоролозите за утре најавуваат тивко и сончево време, што во целост му одговара на Чуркоски.„Ние сме подготвени и за нешто полоши временски услови. Покрај кајакот во кој ќе бидам јас, со нас ќе носиме уште два резервни кајаци, еден за мирни и еден за диви води“, вели Чуркоски. На 90-километарскиот пат по Охридското Езеро, Чуркоски ќе го придружуваат три помали бродчиња, физиотерапевт и медицинска екипа
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Отказ, па казна за Вујовиќ – му забранија да биде тренер во Хрватска
Дисциплинскиот судија на Хрватскиот ракометен сојуз ги изрече казни за претставниците на екипата на Нексе од Нашице за инцидентот на мечот со Загреб на 8 април.
Делегатот на тој натпревар, во мешаницата која настана кај записничјката маса, намерно беше удрен од играчот на Нексе, Словенецот Марко Безјак, а натпреварот набргу потоа беше прекинат.
Лекарска помош му беше укажана и на делегатот Анте Јосиќ, а судиите по дваесетина минути означија крај на натпреварот. Натпреварот подоцна беше регистриран со службен резултат 10:0 во корист на Загреб
Инцидентот се случи како последица на големото незадоволство на домашните поради низа судиски одлуки. Во еден момент сите тргнаа кон делегатот, таму беше и тренерот Веселин Вујовиќ, а врв на се беше неспортскиот потег на Безјак.
На се’ му претходеше протест на Вујовиќ до делегатот поради спорната одлука на судијата да го поништи голот на неговиот тим и наместо тоа да покаже седмерец.
Поради ова, дисциплинскиот судија Среќко Илиќ изрече забрана за играње ракомет на Безјак 12 месеци, а на Андраж Велкаврх му изрече суспензија на четири натпревари.
На Веселин Вујовиќ му е изречена дисциплинска мерка забрана за вршење на тренерска функција во траење од три месеци. Вујовиќ неодамна доби отказ од клупата на Нексе по поразот од Пореч. Тимот во преостанатиот дел од сезоната ќе го води поранешниот помошник Крешо Иванковиќ.
Покрај тоа, клубот е казнет со 4.000 евра.
Спорт
Але го пропушта натпреварот со Пари Сен Жермен
Напаѓачот на Борусија Дортмунд, Себастијан Але, речиси сигурно ќе го пропушти полуфиналето од Лигата на шампионите против Пари Сен Жермен следната недела, пренесува „Лекип“.
Репрезентатиецот на Брегот на Слоновата коска, го повреди скочниот зглоб на гостувањето кај Борусија Менхенгладбах (2:1), Але ќе мора да паузира најмалку две недели.
Ова е лоша вест за напаѓачот кој неодамна се опорави од рак на тестисите и штотуку почнува да се враќа во добра форма.
Зимава настапуваше за репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска со која го освои Африканскиот куп на нации.
Але одигра 40 натпревари за Дортмунд, постигна 12 гола и забележа шест асистенции.
Борусија се пласираше во полуфиналето на Лигата на шампионите за прв пат по 2013 година, кога го елиминираше Реал Мадрид, а потоа загуби од Баерн Минхен во финалето на „Вембли“.
Спорт
Де Хеа во Бетис?
Давид Де Хеа, минатото лето, како слободен играч го напушти Манчестер јунајтед. Имаше понуди, најмногу од Саудиска Арабија, но тој реши да ја чека вистинската, поради што ја пропушти оваа сезона.
Де Хеа на почетокот на сезоната доби понуда и од Реал Мадрид, кој остана без првиот голман Тибо Куртоа, но одби да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“. Не откри дали го одбил „кралскиот клуб“ поради финансиската понуда или поради тоа што тој е „дете“ на Атлетико Мадрид.
Шпанските медиуми тврдат дека Де Хеа од наредната сезона се враќа меѓу стативите. Според овие извори тој ќе брани за Бетис. Ќе потпише договор со клубот од Севилја кога ќе започне преодниот рок.
Бетис моментално се седми на табелата во Примера.