Спорт
Не мина и третата српска драма на Мундобаскет
Во финалето на Светското кошаркарско првенство се пласираа Турција и САД. Јенките очекувано лесно минаа со Литванија, но домаќинот буквално во последниот миг успеа да ја совлада Србија во вечерашново полуфинале
Керем Тунчери е новиот турски јунак, откако постигна кош само пет десетинки пред свирежот на сирената. Србите изведоа брз шут преку Величковиќ но Ерден го блокираше и тоа беше знак за почеток на експлозијата од одушевување на 15,500 навивачи а потоа и во цела Турција. Овојпат времето беше кратко, добро беа затворени приодите кон кошот, па „орлите“ не успеаја да ги доведат до очај Турците, како што тоа го сторија во осминафиналето со Хрватите и во четвртфиналето со Шпанците. Србија иако најмладата репрезентација на Мундобаскетот го презентираше големиот потенцијал и талент кој сигурно ќе биде надоградуван од сратегот Душан Ивковиќ. Така и вечерва во Инстанбул младите српски кошаркари до средината на третата четвртина го имаа водството откако на полувреме имаа седум поени предност (42:35). Меѓутоа истанбулскиот вулкан еруптираше во третата четвртина кога ја анулираше предноста на противникот и создаде предност од четири поени во третите десет минути (25:21), со што ја намали предноста на Србија на само една „тројка“. Во четвртата четвртина почна играта поен за поен, во која на четири секунди пред крајот Новица Величковиќ и’ донесе на Србија предност од 82:81. И тука дојде до израз младоста и недоволното искуство на српските кошаркари затоа што победничкиот кош на Тунчери беше постигнат повеќе благодарение на грешка во недоволно брзо затворениот простор во српската одбрана. Еден од моментите што го решија победникот вечерва е и тоа што турскиот селектор имаше повеќе играчи расположени за поентирање од кои дури четворица постигнаа двоцифрен број поени предводени од Хидает Туркоглу, додека кај Србите најдобри беа Кешељ со 18 кошеви и седум скокови и Теодосиќ со 13 поени и 11 асистенции. Така Турција во финалето ќе се сретне со големиот фаворит САД кој ја совлада Литванија во второто полуфинале со 89:74. Во овој меч Литванците се држеа некако во првите пет минути и откако Американците го преземаа водството со 12:11 до крајот не дозволија ниту да се помисли на изненадување. Всушност ова беше своевидна симултанка на најдобриот кошаркар на турнирот, Кевин Дурант кој го заврши мечот со 38 поени и девет скокови, помогнат од Ламар Одом со 13 кошеви и десет скокови и Расел Вестбрук со 12 поени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Адријан Њуи ќе го напушти Ред Бул
Главниот директор за дизајн на Ред Бул, Адријан Њуи, треба да го напушти тимот по контроверзата, која вклучува обвинувања против шефот на тимот Кристијан Хорнер.
Њуи, кој важи за најдобар дизајнер во историјата на Формула 1, одлуката да го напушти тимот им ја сооптшил челниците на Ред Бул, објави денеска Би-би-си.
Адријан Њуи е вознемирен од ситуацијата во Ред Бул, откако Хорнер беше обвинет за сексуално вознемирување и насилно однесување кон колешка. Хорнер ги негираше обвинувањата, а тимот по спроведена интерна истрага ги отфрли обвинувањата против Хорнер и жената ја суспендираше од работа.
Тој има договор со Ред Бул до крајот на следната сезона, а претходно беше поврзуван со преселба во Ферари.
Спорт
Помошникот на Артета ќе го преземе Феенорд?
Челниците на Феенорд се свесни дека тренерот Арне Слот ќе го напушти клубот во летниот преоден рок.
Англиските медиуми пренесуваат дека тој ќе го наследи Јирген Клоп во Ливерпул. Овие извири тврдат дека двете страни се блиску до конечен договор.
Ливерпул ќе треба да му плати на Феенорд десет милиони евра како обештетување, бидејќи Слот има уште две години од договорот со клубот од Ротердам.
Замената за Слот, како што пишува холандскиот весник „АД“, Феенорд ќе ја донесе од Арсенал. Според овој извор, нов тренер на Феенорд ќе биде асистентот на Микел Артета во Арсенал, Алберт Стуивенберг (54).
Стуиенберг, работел во јуниорските категории на Феенорд, потоа во Англија му беше помошник на Луис ван Гал во Манчестер Јунајтед.
Тој е со Артета во Арсенал од 2019 година, а доколку биде ангажиран во Феенорд, тоа би му била прва самостојна работа.
Спорт
Удинезе и Рома го завршија прекинатиот натпревар, славеа гостите
Фудбалерите на Удинезе и Рома го завршија прекинатиот натпревар од 32. коло во италијанската Серија А. Гостите од Рим славеа со гол во судиското надополнување со 1:2.
Натпреварот кој се играше на 14 април беше прекинат во 72. минута, откако дефанзивецот на Рома, Еван Ендика колабираше на теренот. Вечерва се одиграа преостанатите 18 минути.
Од 72.минута дуелот продолжи со резултат 1:1. Рома забележа значајна победа со голот на Брајан Кристанте во судиското надополнување, на асистенција на Пауло Дибала.
На двете екипи им беа неопходни бодови, Удинезе бидејќи се бори за опстанок, Рома е во трака за место Лигата на шампионите. Рома е петта на табелата со 58 бодови, четири помалку од Болоња на четвртото место. Удинезе е на 17. место со 28 бодови, колку шт има и Фросиноне.