Спорт
Златниот гонг за Русинот Максим Газизов
Рускиот Боксер Максим Газизов сосема заслужено го освои годинешниот Златен гонг. Во финалната борба во средна категорија со 5:0 го победи Кубанецот Емилио Кореа Бајо во меч кој ги дигна гледачите на нозе и во кој беа разменети силни удари. Русинот сепак беше попрецизен зададе почисти удари кои судиите ги бодираа и на крајот го нанесе единствениот пораз на Кубанците оваа вечер.
Примислав Димовски во супертешка категорија со 3:0 го победи Србинот Горан Деспотовиќ и беше прогласен за најдобар техничар на финалето.
Кубанските боксери извојуваа пет победи во финалето па нивниот тренер прими награда како најуспешен. Јосвани Сото го победи Бугаринот Георги Андонов со 3:0, во лесно мува категорија. Рамирез Карзана во мува категорија го победи Бугаринот Стефан Иванов со 3:0, Карзана беше прогласен за најмлад победник, а Иванов за најборбен боксер. Во Бантам категоријата Јорге кастил (Куба) го победи Стефан Куцаров (Бугарија) со технички нокаут во втората рунда.
Нашиот Ибраим Мустафи во лесна категорија се предаде во првата рунда против Русинот Семен Гривачев.
Во останатите мечеви се постигнати следните резултати:
Лесна велтер Хулио Вренози (Алб.) – Дарио Вангели (Ит.) 2:0
Велтер: Карлос Бандеур Суарез (Куба) – Велибор Видиќ (БиХ) 3:0
Лесно тешка: Хулио Пераза (Куба) – Џемал Бошњак (БиХ) 3:1
Тешка: Марко Радоњиќ (Ц.Гора) – Михал Олас (Пол.) 4:0
„Ова беше добро организиран турнир на кој можев да ги покажам моите можности. Противникот беше одличен и силен боксер па имавме прилика за добра борба“ изјави по добивањето на наградата 26 годишниот Максим Газизов кој во кариерата има победено на меѓународни турнири во Австрија и Турција и е актуелен вицешампион на Русија.крај/макфакс/м.н
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
УЕФА го суспендира Емилијано Мартинез
Голманот на Астон Вила, Емилијано Мартинез, поради суспензија ќе го пропушти првиот полуфинален натпревар од Конференциската лига против Олимпијакос, потврди Европската фудбалска унија (УЕФА).
Мартинез, во четвртокот, во реваншот од четвртфиналето против Лил доби жолт картон во 39. минута, а втор жолт картон при изведувањето на пенали поради неспортско однесување кон домашните навивачи.
Аргентинскиот голман не беше исклучен, бидејќи жолтите картони во текот на натпреварот не важат во пенал серијата.
Сепак светскиот првак со Аргентина доби суспензија. УЕФА го казни Мартинез бидејќи во пенал-серијата константно ја провоцираше домашната публика.
Астон Вила по изведувањето пенали го победи Лил со 4:3, а Мартинез одбрани два пенали, во првата и петтата серија им одбрани на Бенталеб и Андре.
Првиот натпревар од полуфиналето на Конференциската лига меѓу Астон Вила и Олимпијакос ќе се одигра на 2 мај во Бирмингем, а реваншот седум дена подоцна во Грција.
Спорт
Барселона сака да го врати Олмо
Дани Олмо, веројатно ќе го напушти Лајпциг во летниот преоден рок. Шпанскиот репрезентативец има откупна клаузула од 60.000.000 евра, сума која за богатите клубови не претставува никаков проблем.
Меѓу заинтересираните екипи се Манчестер јунајтед, Баерн и Барселона, од чија младинска школа потекнува Олмо.
Шпанецот оваа сезона одигра 22 натпревари за Лајпциг, постигна осум гола и забележа пет асистенции.
Како јуниор од Барселона премина во Динамо Загреб, како дел од трансферот на Ален Халиловиќ, а потоа за 29 милиони евра се пресели во Лајпциг.
Спорт
Ферстапен на пол-позицијата во Кина, Хамилтон ќе стартува од 18.место
Макс Ферстапен по победата во спринтот, доминираше и во квалификациите во пресрет на трката за Големата награда на Кина. Апсолутната доминација на Ред Бул ја потврди Серхио Перез кој трката ќе ја стартува од второто место.
Актуелниот светски првак со време 1:33.660 ја освои 37 пол-позиција во кариерата, а на Ред Бул му ја донесе јубилејната 100. победа во квалификациите.
Зад возачите на Ред Бул, од вториот ред трката ќе ја започнат Фернандо Алонсо (Астон Мартин и Ландо Норис (Мекларен).
Во Топ 10 место изборија Оскар Пјастри (Мекларен), двоецот од Ферари, Шарл Леклер и Карлос Саинц, односно Џорџ Расел (Мерцедес), Нико Хулкенберг (Хас) и Валтери Ботас (Заубер).
Во квалификациите потфрли Луис Хамилтон. Седумкратниот светски првак, откако спринт трката ја заврши на второто место, во квалификациите заврши на 18.место.
Траката за Големата награда на Кина, утре ќе започне во 9 часот по македонско време.