Спорт
Tешко на Русите aко играме како против Шпанија
Ако избраниците на селекторот Докузовски успеат да шутираат како против „фуријата“ (на моменти имавме дури 70-отстотна прецизност), тешко дека бавната руска одбрана ќе може да излезе на крај со нив на утрешниот меч за третото место (16.30 часот) на кошаркарското ЕП во Литванија
Ако кошаркарите на Македонија успеат да ја повторат играта како на вчерашниот полуфинален дуел против Шпанија на Европското првенство (ЕП) во Литванија, кој, сепак, го загубивме со 80-92, тогаш тие ќе имаат огромна шанса да дојдат до триумф на утрешниот меч за третото место против Русија (16.30 ч.), а со тоа и до бронзениот медал. Тоа би било најголем успех во досегашната историја на македонскиот репрезентативен спорт.
Една од главните причини за поразот од рускиот тим во втората фаза од натпреварувањето, кога Сергеј Моња буквално ја расплака целата македонска спортска јавност со тројка во последните секунди од мечот, беше лошиот шут, особено за два поени. Жолто-црвените имаа само 35,3-отсто пред неколку дена во дуелот со „баќушките“, додека вчера против „црвената фурија“ имаа извонредна 59,2-отстотна прецизност во ударите за два поени, а на моменти таа ја надминуваше дури и границата од 70-отсто. Ако избраниците на селекторот Марин Докузовски успеат да го одржат овој шутерски ритам, тешко дека бавната руска одбрана ќе може да излезе на крај со нив. Уште, пак, ако ни фати шутот за три поени, избраниците на селекторот Дејвид Блат нема да знаат каде да бегаат.
Важен фактор на патот кон победата ќе биде и играта под кошевите, каде што во првиот меѓусебен меч на утрешните ривали на ова ЕП доминираа високите руски центри, кои имаа дури 15 скока повеќе (47-32). Перо Антиќ, Предраг Самарџиски и Ѓорѓи Чековски ќе мора да дадат речиси натчовечки напори за да го затворат македонскиот рекет и да го направат недостапен за двометрашите од Русија. За тие да успеат во тоа, ќе им биде потребна помош и од пониските играчи во нашиот состав, пред се’ од браќата Војдан и Дамјан Стојановски, Владо Илиевски и Дарко Соколов, кои ќе мора да се спуштат во рекетот и да им помогнат на своите повисоки колеги. Процените се дека со поизедначен дуел под кошевите драстично се зголемуваат шансите на Македонија за историската бронза.
Без разлика на квалитетот на рускиот состав, во кој има неколку НБА-ѕвезди, меѓу кои најзвучно е името на Андреј Кириленко, сепак, најголем противник на македонските кошаркари ќе биде преголемиот замор. Пеколниот, па дури и нехуман ритам на мечеви на првото ЕП со 24 репрезентации (за двете селекции ова ќе биде дури 11-ти меч), но и малиот фонд на играчи, кои Докузовски ги користи во ротација, се главната причина за тежината во нозете на македонските играчи. Но познавајќи ги нив и според сето тоа што го прикажаа досега во Литванија, апсолутно никој не се сомнева дека тие повторно ќе одиграат со срце, борбено и со огромна желба уште еднаш да му приредат огромна радост на македонскиот народ.
„Сакаме да им вратиме на Русите и тоа на најдобар можен начин, во борбата за бронзениот медал. Нема дел од телото што не ме боли, но тоа нема да биде пречка уште еднаш да се ‘истепам’ под кошевите со руските центри. На болката и на лекувањето ќе мислам од понеделник“, вели нашиот највисок репрезентативец Предраг Самарџиски.
Како и да е, без разлика дали победиле или загубиле утревечер, македонските кошаркарски репрезентативци се најголемите победници на годинешниот континентален собир во Литванија. Нивните имиња ќе бидат скандирани, а нивниот пречек в понеделник ќе биде спектакуларен. Ќе биде прекрасно ако кошаркарите низ македонските улици дефилираат со бронзен медал на градите, но и да не се случи тоа, тие пак ќе бидат едни од најголемите македонски јунаци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Баер Леверкузен заинтересиран за фудбалер на Реал Мадрид
Баер Леверкузен има фантастична сезона. Избраниците на тренерот Чаби Алонсо ја освоија Бундеслигата и ставија крај на 11-годишната доминација на Баерн, тие се пласираа во финалето на германскиот куп, противник ќе им биде Кајзерслаутерн, а во Лига Европа, во полуфиналето за противник ја добија Рома.
Логично дека постои голем интерес за фудбалерите, кои под водство на Чаби Алонсо немаат пораз на 44 натпревари во сите конкуренции. Тоа значи дека во клубот веќе работат на потенцијалните засилувања.
„Билд“, пишува дека Баер е заинтересиран за Рафа Марин (21), шпански дефанзивец и репрезентативец до 21 година, кој е под договор со Реал Мадрид и оваа сезона е на позајмица во Алавес.
Марин, ги помина сите младински категории на Реал, додека оваа сезона забележа 31 настап како првиот тим на Алавес.
Пјеро Хинкапи и Џонатан Тах се дефанзивци без кои Алонсо би можел да остане и од чија продажба Баер би можел да заработи пари. Од друга страна, за Марин, клубот ќе треба да му плати обесштетување на Реал, бидејќи тој има валиден договор до летото 2026 година.
„Трансфермаркт“, неговата вредност ја проценува на пет милиони евра.
Спорт
Тен Хаг задоволен по победата над Шефилд Јунајтед
Фудбалерите на Манчестер Јунајтед со пресврт слаеа со 4:2 против нјлошиот тим во Премиер лигата, Шефилд Јунајтед на свој терен го пречекаа последно пласираниот Шефилд Јунајтед .
Славниот клуб двапати загуби, но на крајот успеа да победи. Тренерот на Јунајтед, Тен Хаг, по натпреварот рече дека неговиот тим одиграл добар натпревар,
„Имавме целосна контрола! Извинете, јас на поинаков начин г гледав натпреварот. Да, имавме две грешки, затоа двапати губивме. Зборуваме за две негативности, концентрација и дисциплина. Но, во остатокот од натпреварот имавме целосна контрола. Тимот покажа издржливост. Не е лесно кога губиш, но успеавме да направиме пресврт против компактен тим. Ги надигравме, бевме многу мирни“, изјави Тен Хаг и додаде:
„Мораме да го запреме тој процес. Вакви грешки не смее да се прават на врвно ниво ако сакаш да постигнуваш цели, ако сакаш трофеи. Не смеете да дозволите вакви пропусти во концентрацијата и дисциплината, бидејќи животот е многу полесен без нив.“
Спорт
Заврши сезоната за Енцо Фернандес
Играчот од средниот ред на Челзи, Енцо Фернандес, ја заврши сезоната, бидејќи наскоро ќе мора да оди на операција на препоните, пишува аргентинскиот весник „Оле“. Според овој извор на Фернадес ќе му бидат потребни неколку недели за рехабилитација.
Поранешниот фудбалер на Ривер Плејт и Бенфика, извесно време се жалеше на болки, но сепак играше. Постоеше опција лекувањето да се одложи до лето, но по консултација со лекарите на Челзи и аргентинската репрезентација тој одлучи веднаш да биде опериран.
Планот е Фернандес да има доволно време целосно да се опорави за претстојната Копа Америка која започнува на 20 јуни.
Светскиот шампион пристигна на „Стемфорд Бриџ“ од Лисабон во јануари 2023 година во трансфер вреден 121 милион евра. Неговите настапи оваа сезона, сепак, се во склад со перформансите на повеќето играчи на Челзи – неубедливи и нестабилни.
Енцо оваа сезона одигра 40 од 45 натпревари за „сините“.