Спорт
Анчелоти за заминувањето од ПСЖ: Ми кажаа победи го Порто или добиваш отказ

Карло Анчелоти ја откри причината зошто си заминал од Пари Сен-Жермен во 2013 година, оценувајќи дека ја загубил довербата во клубот откако му дале ултиматум: „Победи или си отпуштен“ пред меч од Лигата на шампионите со Порто.
Откако со Челси ја освои титулата од Премиерлигата во 2010 година, популарниот Карлето беше на „Паркот на принцовите“ од 2011 до 2013, велејќи дека првично уживал во работата со својот поранешен фудбалер, Леонардо, но дека немал поддршка од управата на клубот. Тој освои една лигашка титула и ги однесе до четврт-финале на ЛШ, каде што загубија од Барселона со правилото „гол-на-гости“, но вели дека мечот од групната фаза против Порто во декември 2012 значел дека мора да си замине.
„Отидов таму поради Леонардо, кого претходно му бев тренер. Тоа беше клуб кој Катар неодамна го купи и ми се допаѓаше проектот. Почнавме со менувањето на стратегијата на тренинзите, со поставување кујна, бидејќи француските фудбалери пристигнуваат на тренинг половина час пред тренинг и заминуваат половина час по крајот. Ми се допаѓаше работата, но не ми веруваа. Пред меч од Лигата на шампионите кој не беше важен бидејќи се пласиравме, загубивме од Ница (2:1) и ми кажаа дека ако не ги победам Порто ќе добијам отказ. Им кажав: ‘Како можете да кажете такво нешто, ја нарушивте довербата’. Решив да си отидам во февруари, иако сакаа да ми дадат нов договор“, вели Анчелоти.
По заминувањето, тој првпат седна на клупата на Реал Мадрид, освојувајќи ја славната „Ла десима“, десеттата титула од ЛШ пред да замине во 2015. По година пауза, тој се врати во Баерн Минхен како наследник на Пеп Гвардиола, па замина по една сезона, по што 18 месеци беше на клупата на Наполи, па година и пол во Евертон, пред да се врати во Реал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Герет Бејл подготвен за финалето на ЛШ

Напаѓачот на Реал Мадрид, Герет Бејл, се опорави од повредата на грбот и ќе му биде на располагање на Карло Анчелоти за финалето од Лигата на шампионите против Ливерпул в сабота, на 28 мај.
Пресметката во француската престолнина Париз ќе биде последниот натпревар за Бејл во дресот на „кралскиот клуб“. Велшанецот го напушта „Сантијаго Бернабеу“ по девет години минати во Мадрид.
Бејл нема играно за Реал Мадрид од 9. април, кога тренерот Карло Анчелоти ги објави проблемите на напаѓачот.
На претходниот финален дуел меѓу Реал Мадрид и Ливерпул во ЛШ, Герет Бејл беше одлучувачки фактор.
Спорт
Милан ќе го „врзе“ Томори до 2027 година

Раководството на Милан ќе му понуди нов договор на дефанзивецот Фикаjо Томори, откриваат италијанските медиуми. Поранешниот дефанзивец на Челси имаше импресивна сезона за „росонерите“, кои ја освоија титулата за првпат по 11 години.
Од централата на Милан се фасцинирани од настапот на дефанзивецот и подготвуваат нов договор за фудбалерот до 2027 година.
Томори дојде на позајмица во Милан во 2021 година, но шест месеци подоцна договорот стана постојан. Актуелниот договор на дефанзивецот има важност до летото 2025 година, но Паоло Малдини сака да го „врзе“ до 2027 година.
Спорт
Симона Халеп загуби еден сет, Медведев убедлив на стартот на Ролан Гарос

Романската тенисерка Симона Халеп триумфално стартуваше на првиот меч на Ролан Гарос. Поранешната најдобра тенисерка во светот беше подобра од Настасја Шунк од Германија со 2:1 во сетови (6:4, 1:6, 6:1).
Халеп добро отвори, но имаше пад во вториот сет кој го загуби убедливо. Сепак, се врати во третиот во добар ритам и славеше победа.
Пласман во второто коло во Париз обезбедија и Плишкова, Бадоса, Круниќ, Колинс, Корнет и Пегула.
Кај мажите, вториот светски рекет Данил Медведев без проблеми се пласираше во второто коло откако со 3:0 во сетови (6:2, 6:2, 6:2) го победи Аргентинецот Факундо Бањис. Следен противник на Медведев ќе биде српскиот тенисер Ласло Ѓере.