Домашен
Анте Назор нов тренер на МЗТ Скопје Аеродром
Поранешниот тренер на Сплит и на Задар, Анте Назор, е нов тренер на МЗТ Скопје Аеродром, откако во петок официјално потпиша договор со клубот, кој е со важност до крајот на сезоната, но со можност истиот да се продолжи ако двете страни бидат задоволни од меѓусебната соработка, објави кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром.
Станува збор за 38-годишен хрватски стратег, кој зад себе има повеќе од солидно искуство предводејќи го задарскиот тим неколку сезони во АБА-лигата. Со само 26 години дебитира на клупата на поранешниот европски шампион Сплит, со кој една години подоцна (2005) доаѓа до победничкиот пехар во Купот на Хрватска. Новиот предводник на „металците“ има и импресивна репрезентативна кариера во младинските хрватски репрезентации со златен медал на Европското првенство (ЕП) за кадети во 2011 година, европско сребро и две бронзи со јуниорите во 2013 односно 2008 и 2014 година како и сребро и две бронзени медали со У17 и У19 на Светските првенства (СП) во 2015 односно 2009 и 2012 година.
Назор, кој ќе биде првиот тренер од Хрватска на клупата на МЗТ Скопје Аеродром во поновата ера на клубот, доаѓа на местото на Александар Јончевски, кој, пак, претходно го замени Емил Рајковиќ со кого беше почната сезоната. Неговото доаѓање во Скопје се очекува за сабота вечер, а првото запознавање со играчите треба да го има в недела.
Сино-белите, во петок, ќе ги одмерат силите со ФМП (18 часот) во меч од 10. коло од АБА-лигата, на кој ќе бидат предводени од помошниците Горан Крстевски и Драган Миленковиќ, кои потоа ќе му се стават на располагање на новиот тренер. Назор пред себе ќе има една седмица до дебито на клупата на аеродромци, следната недела на гости против Игокеа, време кои максимално ќе го искористи за аклиматизација, напорно тренирање и поставување на сопствениот систем врз кој ќе игра МЗТ Скопје Аеродром на следните натпревари./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.