Спорт
Баерн домаќин на европскиот првак
Вечерва, од 21:00 часот на „Алијанц Арена“, Баерн го чека Пари Сен Жермен, кој доаѓа во Минхен со предност од 5:4 од првата средба на „Паркот на принцовите“.
Пред осум дена во Париз, овие тимови одиграа антологиски натпревар, еден од најдобрите во историјата на елитното натпреварување.
Навивачите, како и неутралните фудбалски фанови, се надеваат на исто или барем слично сценарио кога станува збор за ефикасноста.
Многумина веруваат дека ова е практично „финале пред финалето“, знаејќи дека Арсенал, кој го елиминира Атлетико (2:1), не беше особено убедлив.
Трилер каков што се случи во француската престолнина ретко се гледа, особено во оваа фаза од натпреварувањето.
За време на викендот, Венсан Компани и Луис Енрике успеаја да ги одморат главните ѕвезди за еден од најочекуваните натпревари во годината.
Девет гола во првите 68 минути во Париз ја оставија публиката желна за повеќе во реваншот.
Баерн знае дека им е потребна победа од најмалку два гола, додека ПСЖ едноставно мора да избегне пораз. Доколку Баварците слават со еден гол, се оди на продолженија, а потенцијално и на пенали.
„Повеќе, уште повеќе“, рече Компани кога беше прашан дали Баерн би играл со слична жестокост и слобода во реваншот.
Шампионите на Бундеслигата едноставно не се во можност да играат поинаку, нивното напаѓачко оружје е ослободено со полн потенцијал во секој натпревар. Исто така, малку е веројатно дека ПСЖ ќе ја промени својата тактика. Иако можат да си дозволат малку поконзервативна поставеност на играта, момците на Енрике сигурно ќе играат со застрашувачко темпо и во Минхен.
Бројките се во корист на Баерн. Статистички, тие беа подобри и на првата средба, тука е и предноста на домашниот терен (само еден пораз во последните 29 натпревари во ЛШ и победа во 20 од 23 натпревари на Алијанц Арената оваа сезона).
Тука е и факторот Хари Кејн, кој постигна дури 54 гола во 47 натпревари оваа сезона.
Не треба да се очекуваат промени во составот на Баерн. Рафаел Гереиро и Серж Гнабри сè уште се отсутни, додека тинејџерот Ленарт Карл е под знак прашалник.
Ашраф Хакими нема да игра за ПСЖ поради повреда, а најверојатно ќе биде заменет од Ворен Заир-Емри, што би отворило простор во средината за Фабијан Руиз да го започне натпреварот овој пат. Напаѓачкиот трилинг Дуе-Дембеле-Кварацхелија ќе биде главната опсност по голот на Ноер.
Фото/ ЕПА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Леон Горецка има нов клуб
Леон Горецка го напушта Баерн по осум години. 31-годишниот играч од средниот ред ја продолжува кариерата во Милан.
Договорот на Горецка истекува на 30 јуни, а клубот уште пред два месеци објави дека нема да му понуди нов. Тој во Милан ќе пристигне како слободен играч.
Германскиот репрезентативец се согласи на тригодишен договор со Милан со плата од пет милиони евра по сезона. Сè треба да биде официјално потврдено наскоро.
Леон Горецка пристигна во Баерн во 2018 година од Шалке како слободен играч. Во изминатите осум години освои 16 трофеи.
Дресот на баварскиот гигант го носеше 310 пати, постигна 51 голл и забележа 52 асистенции.
Foto/ Depositphotos
Спорт
Неизвесна е судбината на Дибала во Рома
Паоло Дибала (32) откри дека Рома сè уште не го контактирала за продолжување на договорот, потврдувајќи дека дербито против Лацио следниот викенд ќе биде неговиот последен домашен натпревар за клубот доколку не се постигне договор.
Неговата изјава следеше по драматичната победа на Рома од 3-2 на гости против Парма, која им ги спаси надежите за пласман во Лигата на шампионите, пишува „Фудбал Италија“.
По натпреварот, Дибала отворено зборуваше за „Скај Спорт“ за својата неизвесна иднина.
„И јас би сакал да знам што ми носи иднината. Мојот договор истекува за два натпревари. Како што стојат работите, дербито ќе биде мојот последен натпревар пред нашите навивачи“, рече аргентинскиот фудбалер.
Кога беше директно прашан дали клубот го контактирал во врска со нов договор, одговорот на Дибала беше краток и јасен: „Не“.
Ситуацијата со Аргентинецот фрла сенка на инаку извонредната вечер за Рома, која губеше во Парма до 93-та минута, но на крајот успеа да победи. Решавачкиот гол го постигна Дониел Мален од пенал во 101-та минута. Со таа победа, Рома се изедначи со Милан на четвртото место.
Дибала, сепак, се обиде да го сврти вниманието од индивидуалните проблеми кон успехот на тимот.
„Ова е тим кој дава сè од себе до самиот крај. Знаеме дека пласманот во Лигата на шампионите не зависи само од нас, но ќе се бориме до последен момент“, рече тој.
За да ги задржи своите шанси за Лигата на шампионите, Рома мора да ги победи своите градски ривали во последното коло. Трката за елитното европско натпреварување е исклучително напната бидејќи тимовите од третот до шестото место: Јувентус, Милан, Рома и Комо ги делат само три бода, а само два од тие четири тима ќе обезбедат место меѓу првите четири.
Foot/ Depositphotos
Спорт
Шпанците тврдат дека Мурињо е новиот тренер на Реал
Португалскиот тренер Жозе Мурињо повторно е главна тема на шпанските медиуми, а сè повеќе извори тврдат дека неговото враќање на клупата на Реал Мадрид е практично завршена работа.
По турбулентната сезона без трофеј и бројните проблеми во соблекувалната, Флорентино Перез наводно се одлучил за потег за да ја врати стабилноста и авторитетот во тимот. Изборот паднал на Мурињо.
Португалецот на тој начин би се вратил на „Сантијаго Бернабеу“, по повеќе од една деценија, каде што веќе работеше од 2010 до 2013 година.
Во Мадрид веруваат дека Мурињо е тренерот кој може да ја смири напнатата атмосфера во соблекувалната и да ја врати дисциплината меѓу ѕвездите на Реал. Во последните недели, клубот го потресуваат приказни за инциденти меѓу играчите, поделби и незадоволство во тимот.
Наводно, на Мурињо ќе добие големи овластувања во создавањето на тимот, во превод би влијаел на летните трансфери. Се очекуваат и сериозни промени во соблекувалната, а некои играчи би можеле да го напуштат клубот ова лето.
Во својот прв мандат, тој го предводеше Реал во 178 натпревари и го освои првенството, Купот на Кралот и шпанскиот Суперкуп. Иако во тоа време не успеа да ја освои Лигата на шампионите, многумина во Мадрид веруваат дека тој ги постави темелите за последователниот европски успех на клубот.
Според истите информации, официјалната потврда би можела да пристигне веднаш по завршувањето на сезоната.
Foto/ Depositphotos
