Спорт
Баварската „машина“ против (пре)богатите Парижани за европската титула
Импресивниот Баерн Минхен ќе игра за својата шеста европска титула против богатиот и опасен Пари Сен-Жермен во „мега-финале“ во Лисабон, откако Баварците со 3:0 го победија Лион во второто полуфинале од Лигата на шампионите.
„Четата“ на Ханси Флик влегува во ова големо финале како мал фаворит, посебно по „застрашувачките“ 8:2 против Барселона во четврт-финалето, но и поради искуството кое го има најпопуларниот германски клуб. Сепак, во борбата за трофејот од другата страна ќе биде тим полн со супер-ѕвезди, предводен од Нејмар и Килијан Мбапе, двајцата најскапи фудбалери на светот, кои се гладни за својата прва европска „ѕвездичка“.
Против Лион, тим кој успеа да ги елиминира гигантите Јувентус и Манчестер сити на патот до полуфиналето, патникот во финалето беше одлучен во првото полувреме, благодарение на фантастичниот оваа сезона, Серж Гнабри, кој постигна два гола и покажа дека сезоната 2019/20 е негова најдобра во кариерата, што не е лошо за 25-годишниот Германец, кого во Арсенал го сметаа за неталентиран и „вишок“ во клубот, а сега има вкупно 9 гола во 9 меча од Лигата на шампионите оваа сезона.
Во 18. минута, Гнабри имаше фантастична соло акција, и од работ на шестнаесетникот упати „бомба“ која голманот Антони Лопеш едноставно не можеше да ја фати. Во 33. минута, по една мешаница пред голот на Лион и обидот на Роберт Левандовски, Гнабри се најде на вистинско место за да „забие“ за 2:0. Овојпат Баерн можеби не успеа да стигне до осум гола, но тоа не значеше дека тие не се трудат – имаа над 65 отсто од поседот на топката, пред Роберт Левандовски во 88. минута постигна гол за печат на победата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
УЕФА ќе го разгледа предлогот секој тим да има по 26 фудбалери на ЕП
Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе разговара за можноста за проширување на бројот на играчи за претстојното ЕП 2024 во Германија на состанок следниот месец.
Според актуелните правила, секоја репрезентација може да има по 23 пријавени фудбалери на ЕП. Српскиот селектор, Драган Стојковиќ Пикси, предложи, секоја селектор да може да пријави 26 играчи. Овој предлог доби поддршка од селекторите на 24 репрезентации кои ќе учествуваат на континеталниот шампионат.
„Добивме неколку пораки од селекторите на репрезентациите во врска со бројот на играчи ЕП 2024. Работната група на УЕФА и претставниците на репрезентациите учесници ќе ги разгледаат предлозите на селекторите на 8 април и ќе ги проучиме сите можни решенија и идеи“, најавија од УЕФА.
На последното ЕП во 2021 година, поради епидемијата на коронавирус, секоја репрезентација имаше 26 фудбалери.
Спорт
Колку заработи Иванишевиќ од соработката со Ѓоковиќ?
Прекинот на соработката меѓу Новак Ѓоковиќ и Горан Иванишевиќ е топ тема кај регионалната спортска јавност.
Ниту една страна не ги откри точните причини за разделбата, освен што Ѓоковиќ изјави дека „достигнале точка на заситеност“.
Ѓоковиќ најверојатно пукна по лошиот почеток на сезоната во која се уште нема освоено трофеј, пред најважните турнири во годината, додека Хрватите пишуваат дека, без разлика на се, Иванишевиќ добро заработил од оваа соработка.
Соработката на ова дуо траеше речиси шест години, во кои Ѓоковиќ освои 12 грен слем титули.
Наводно, Ѓоковиќ му плаќал на Иванишевиќ од 6.000 до 10.000 евра неделно, односно легендарниот Хрват добивал 10 отсто премија од заработката на српскиот тенисер на турнирите.
Иванишевиќ заработил повеќе од 300.000 евра само од плата минатата година.
Ако ја земеме таа бројка како просечна заработка на Иванишевиќ за време на соработката со Ѓоковиќ и процентот од освоените турнири, Иванишевиќ во последните шест години како тренер на најдобриот тенисер во светот заработил помеѓу два и четири милиони евра.
Инаку, Иванишевиќ во кариерата како активен играч заработи околу 16 милиони евра. Кариерата во која освои еден грен слем (Вимблдон), Иванишевиќ ја заврши во 2011 година.
Спорт
Калафиори: Татко ми го презира Јувентус, а јас го почитувам татко ми
Јувентус бара нови играчи во одбраната, откако е извесно дека Бремер ќе се пресели во Манчестер јунајтед.
Еден од можните наследници на Бразилецот е фудбалерот на Болоња, 21-годишниот Рикардо Калафиори. Барем така сметаат во клубот, бидејќи фудбалерот не е ни најмалку импресиониран од интересот што за него го покажа славниот италијански клуб.
Играчот чија вредност според „Трансфермаркт“, скокна од пет милиони евра на 25 милиони евра од октомври минатата година е под договор со Болоња до летото 2027 година.
Калафиори вели дека сака да го испочитува договорот што го има со актуелниот клуб отколку да се пресели во Јувентус.
„За мене Јувентус би бил чекор назад во споредба со Болоња, клуб кој работи на вистински начин. Попрво би останал овде отколку да го облечам дресот на Јувентус. Татко ми го презира Јувентус, а јас го почитувам татко ми. Нема пари за кои јас би отишол таму“, изјави Калафиори.