Спорт
Бекам е првиот британски спортист милијардер
Дејвид Бекам стана првиот британски спортист кој станал милијардер, според листата на најбогати Британци за 2026 година објавена од „Сандеј Тајмс“.
Заедничкото богатство на Бекам и неговата сопруга Викторија се проценува на 1,185 милијарди фунти. Со тоа, тие го зазедоа второто место меѓу спортските личности, зад семејството на поранешниот шеф на Формула 1, Берни Еклстоун, чие богатство се проценува на две милијарди фунти.
Бекам, поранешниот капитен на Англија, е ко-сопственик на американскиот клуб Интер Мајами, кој се проценува дека е највредната франшиза на МЛС лигата со вредност од 1,45 милијарди долари.
Педесет и едногодишниот Бекам, кој беше прогласен за витез минатиот ноември, работи и како амбасадор за брендови како што се Адидас и Хуго Бос.
Голем дел од богатството на Викторија Бекам доаѓа од нејзиниот моден бренд, откако таа се здоби со глобална слава како членка на Спајс Грлс.
На листата на најбогати спортски личности во Велика Британија се наоѓа и голферот Рори Мекилрој со проценети 325 милиони фунти по освојувањето на втората последователна Мастерс титула.
Промоторите Бери Ерн и Еди Ерн исто така влегоа во британскиот „клуб на милијардери“, со вкупно богатство од 1,035 милијарди фунти. Нивната компанија „Мехрум Спорт“ е еден од лидерите во светот на боксот, пикадото и снукерот.
Меѓу најбогатите спортисти се и Ентони Џошуа со 240 милиони фунти и неговиот ривал Тајсон Фјури со 162 милиони.
Седумкратниот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, е на петтото место со 435 милиони фунти, додека капитенот на Англија, Хари Кејн, и двократниот шампион на Вимблдон, Енди Мареј, се на десеттото место со по 110 милиони фунти.
Foto/ Depositphotos
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Голчиште на Мбапе, Франција го победи Сенегал
Франција го победи Сенегал со 3:1 (0:0) во првиот натпревар, одигран во И групата на Светското првенство. На „МетЛајф“ стадионот, во Њу Џерси, Французите го преспаа првото полувреме, во второто го демонстрираа квалитетот и славеа со головите на Килијан Мбапе (два) и Бредли Баркола. Ибраихм Мбај во 95-та минута го постигна голот за Сенегал.
Франција се дозволи да не се „појави“ на теренот во првиот дел, а сепак рутински да слави против една од најсилните африкански селекции.
Само еден обид имаа Французите во првиот дел, а Сенегал пропушти две одлични шанси за гол. Николас Џексон ја погоди стативата, а на истекот на полувремето, Ислаила Сар од добра позиција ја испрати топката над голот.
И покрај тоа што неговите избраници не одиграа ништо во првиот дел, Дидие Дешан, не се реши да прави измени, направи само една тактичка промена, им ги смени позициите на Мајкл Олисе и Усман Дембеле.
Кога играчот на Баерн започна да ја организира играта, се раздвижија и неговите соиграчи.
Олисе и Мбапе не реализираа во ситуација „еден на еден“ со Менди, потоа Франција не доби пенал по дуелот на Мане и Мбапе.
Конечно иницијативата на „триколорите“ вроди со плод во 66-та минута, Олисе ја распара одбраната на Сенегал со топка во простор, а Мбапе без проблем го совлада Менди.
Вториот гол го постигна Баркола, само неколку минути по влегувањето во игра. Целата работа ја заврши Рабио, претрча 40 метри, потоа му асистираше на Баркола, кој мајсторски го префрли Менди.
Кога се очекуваше крај на мечот, играчот на ПСЖ, Мбај, го матираше Мањан, кој лошо реагираше на овој удар, а само 30 секунди подоцна, Мбапе потигна голчиште од 25 метри за конечни 3:1
Foto/ EPA
Спорт
Бернардо Силва потпиша за Реал
Бернардо Силва, како слободен играч го засили Реал Мадрид.
Искусниот португалски репрезентативец, кој беше еден од клучните играчи на Манчестер Сити во претходните години, се согласи на две годишна соработка, со можност договорот да биде продолжен за уште една година.
Силва со тоа стана третото големо засилување на Реал ова лето, откако претходно беа ангажирани Дензел Дамфрис и Марк Кукуреља. Клубот, сепак, не планира да застане, бидејќи се очекува наскоро да се финализира доаѓањето на францускиот дефанзивец Ибрахима Конате.
Да ве потсетиме, покрај доаѓањето на нови играчи, клубот го обезбеди и останувањето на еден од дефанзивците, бидејќи Антонио Ридигер го продолжи договорот.
Foto/ Depositphotos
Спорт
Вардар против КУПС во Лигата на шампионите
Македонскиот шампион Вардар го доби противникот во првото коло во Лигата на шампионите. Црвено-црните пласман во втората рунда ќе бркаат преку финскиот првак КУПС.
Во таборот на македонскиот првак можат да бидат задоволни од ждрепката, прблем може да биде само формата, бидејќи во Финска сезоната е во пол ек.
Првите натпревари од првото коло од квалификациите ќе се играат на 7 и 8 јули, додека реваншите се закажани за 14 и 15 јули. Точните датуми ќе бидат одредени подоцна од УЕФА.
Парови од првото коло од квалификациите за Лигата на шампионите:
Сабах (Азербејџан) – Њу Сеинтс (Велс)
Флора (Естонија) – Иберија (Грузија)
Линколн (Гибралтар) – Интер Ескаладес (Андора)
Флоријана (Малта) – Шамрок Роверс (Република Ирска)
Тре Фјори (Сан Марино) – Ларне (Северна Ирска)
Арарат-Ерменија (Ерменија) – Рига (Латвија)
Вардар (Северна Македонија) – КуПС (Финска)
Кауно Жалгирис (Литванија) – Дрита (т.н. Косово)
Витебск (Белорусија) – Универзитет во Крајова (Романија)
Петрокуб (Молдавија) - Егнација (Албанија)
Борац (БиХ) – Левски (Бугарија)
Викингур (Исланд) – Ѓер (Унгарија)
Каират (Казахстан) – Сутјеска (Црна Гора)
Клаксвик (Фарски Острови) – Атерт Бисен (Луксембург)
Победниците од двата натпревари ќе се квалификуваат во втората рунда од квалификациите за елитното европско натпреварување, додека поразените ќе ја продолжат европската сезона во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА.
Foto/ ffm.mk
