Спорт
Бензема и Вини за голема победа во продолженија во жестокото мадридско дерби

Реал Мадрид се приклучи на Барселона, Осасуна и Атлетик Билбао во полуфиналето на Копа дел реј, откако во интересен, интензивен и контроверзен меч на „Сантијаго Бернабеу“ успеа да ги совлада лутите градски ривали, Атлетико Мадрид со 3:1 по продолженијата.
На мечот му претходеа контроверзи, откако навивачите на Атлетико Мадрид „обесија“ кукла од Винисиус Жуниор на еден од мостовите во Мадрид со порака: „Мадрид го мрази Реал“, а во деновите пред мечот во шпанските медиуми нашироко се пишуваше за наводната „забрана“ на навивачи на Атлетико на „Бернабеу“. Ова од Реал го демантираа, но потврдија дека доделиле под 350 билети за навивачите на Атлетико, бидејќи тие го направиле истото на претходниот меч на „Метрополитано“.
На теренот, првото полувреме, дефинитивно му припадна на тимот на Диего Симеоне, а поранешниот фудбалер на Реал, Алваро Мората во 19. минута го отвори резултатот по асистенцијата на Нахуел Молина. Второто полувреме, пак, започна со поинаква игра на „кралевите“, кои постојано вршеа притисок на голот на Јан Облак, пред во 79. минута од мечот супер-замената Родриго, конечно, да израмни.
Ритамот целосно се смени во продолженијата, кога Стеван Савиќ успеа да добие два жолти картони за две минути во 97. и 99. минута, за само пет минути подоцна, Карим Бензема да постигне гол за водство на Реал. Винисиус, кој беше во центарот на контроверзите пред мечот, во 120. минута од мечот стави точка за полуфинале на „кралевите“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Барди: Малта само мислеше како да се одбрани, ќе бидеме подобри со Украина и со Англија

„Десетката“ на Македонија, Енис Барди, смета дека нашиот национален тим сосема заслужено стигна до победа од 2:1 на вечерашниот меч против Малта во Скопје. Елмас и Чурлинов беа стрелци на головите.
„Заслужено победивме, постигнавме два гола, можевме и уште некој. Првиот чекор од овие квалификации беше успешен, очекувам да играме уште подобро против Украина и против Англија. Тешко е да се игра против Малта која само мисли како да се одбрани. Ќе бидеме уште подобри во иднина. Сакам да се заблагодарам и на навивачите за поддршката“, изјави Енис Барди.
Македонија на 27 март ја очекува и пријателски натпревар против Фарски Острови на арената „Тодор Проески“.
Спорт
Хари Кејн најдобар стрелец во историјата на Англија

Kапитенот на Англија, Хари Кејн, со 54 гола вечерва стана рекордер во историјата на фудбалска репрезентација на гордиот Албион, откако беше стрелец на натпреварот против Италија во Неапол, во квалификациите за ЕП 2024 година.
Англија ја победи Италија со 1:2 во првото коло од групата Ц, а Кејн за националниот тим го постигна 54. гол на 81 натпревар.
Фудбалерот на Тотенхем го собори рекордот што го делеше со Вејн Руни, кој постигна 53 гола на 120 натпревари за англиската селекција.
Кејн ќе може да го подобри својот рекорд веќе о недела, кога Англија во второто коло ја пречекува Украина на „Вембли“.
Спорт
Милевски: Ваквите мечеви со ривали како Малта се најопасни, важен е триумфот

Фудбалската репрезентација на Македонија со победа од 2:1 над Малта го стартуваше новиот циклус квалификации за пласман на ЕП 2024. Елмас и Чурлинов беа стрелци на головите за нашиот национален тим, кој, сепак, не блескаше.
Селекторот Благоја Милевски доби црвен картон во завршницата од мечот.
„Добив црвен картон затоа што сум го напуштил просторот за водење на тимот крај клупата. За тоа се добива жолт картон, но ете јас поцрвенев. Сакам да им честитам на момците, за енергијата, за желбата и тактичката дисциплина што ја покажаа на овој натпревар. Ваквите мечеви со ривали како Малта се најопасни. Најважно е дека победивме, а од натпревар во натпревар сме сѐ подобри. За жал, имаме повреди. Ѓоко Зајков со итна помош е одведен во болница, а Адеми се повреди на последниот тренинг“, изјави селекторот Благоја Милевски.