Спорт
Близнаците Њокас потпишаа за Металург
Браќата близнаци, Кевин и Оливие Њокас од денеска и официјално се дел од Металург. Близнаците со Металург потпишаа двегодишен договор. Кевин и Оливие се први Французи во историјата на клубот од Автокоманда.
Браќата открија дела долго време преговарале со Металург. Оливие, за клубот, слушнал само убави зборови од својот соиграч, Кирил Лазаров.
Кевин Њокас е десен бек, кој професионалната кариера ја почна во Пари Сен Жермен за кој настапувал од 2006 до 2012 години. Потоа по две години играше во Шамбери и во Гепинген, а една сезона го носеше дресот и на Гумерсбах. Од 2018 година е дел од Бенфика од каде и доаѓа во Металург. За репрезентацијата на Франција одигра 41 натпревар и има златни медали од ЕП 2014 во Данска и СП 2015 во Катар.
Оливие Њокас е лев бек, кој исто така првиот професионален договор го потпишал со екипата на Пари Сен Жермен, за која настапувал од 2006 до 2008 години. Оливие по заминувањето од ПСЖ една сезона мина во шпанскиот Алкобендас, а потоа пет сезони беше дел од Кретеј.
Од 2014 до 2016 години го носеше дресот на Балинген, а последните пет сезони ги мина во Нант, каде настапуваше со селекторот и капитен на македонска репрезентација, Кире Лазаров.
За репрезентацијата на Франција одигра 32 натпревари и е носител на сребрен медал од ОИ 2016 во Бразил и на златен медал од СП 2017 во Франција.
Фото/rkmetalurg.mk
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Гвардиола за Жоао Кансело: Ќе видиме на крајот на сезоната
Жоао Кансело е член на Манчестер Сити, а моментално е на позајмица во Барселона до крајот на сезоната. Прашање е дали Барселона сака да го отткупи неговиот договор, откако Португалецот беше означен како еден од главните виновници за елиминацијата од ПСЖ од Лигата на шампионите и поразот од Реал во Ел Класико.
Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола изјави дека на крајот на сезоната ќе одлучи дали Кансело ќе се врати во клубот, пренесуваат британските медиуми.
„Се уште не сме разговарале за иднината на Кансело во нашиот клуб. Ќе разговараме на крајот на сезоната“, изјави Гвардиола.
Кансело (29) е член на Манчестер Сити од 2019 година. Тој има договор со англискиот клуб до 30 јуни 2027 година.
Вториот дел од минатата сезона Кансело го мина на позајмица во Баерн, а потоа Манчестер Сити го испрати португалскиот фудбалер на едногодишна позајмица во Барселона.
Кансело оваа сезона одигра 36 натпревари за Барселона и постигна четири гола.
Спорт
„Заминувам ако Алегри остане тренер“
Федерико Киеза (26) е подготвен да го напушти Јувентус. „Газета дело Спорт“, дури тврди дека италијанскиот репрезентативец им поставил ултиматум на клупските челници.
Енрико Киеза, сезонава не игра на вообичаеното ниво откако се опорави од тешката повреда.
Иако италијанскиот репрезентативец постигна скромни осум гола и две асистенции за неговите стандарди, Јувентус би сакал да го задржи, но се уште нема никаков напредок во преговорите.
Неговиот актуелен договор е до 2025 година, што значително го намалува просторот за маневрирање на клубот.
Киеза на лето би можел да влезе во последната година од договорот и тоа ќе биде последна шанса да клубот заработи од неговиот трансфер.
„Газета дело Спорт“, пишува дека Киеза својот потенцијален останок во клубот го условува со ултиматум. Италијанскиот весник пишува дека Киеза на затворен состанок јасно им кажал на клупските челници дека сигурно ќе го напушти клубот доколку Масимилијано Алегри остане тренер и во следната сезона.
Сериозен интерес за Киеза покажа Рома, односно нејзниот тренер Даниеле Де Роси, кој ќе ја доби довербата да го предводи тимот и наредната сезона.
Спорт
Барселона подготвува мегатрансфер, го продава Араухо за 100 милиони евра
Барселона е подготвена да го продаде Роналд Араухо (25), објави каталонски „Спорт“. Овој извор наведува дека Барселона мора да заработи од трансфери на играчи во летниот преоден рок за да избегне финансиски проблеми и да ги исполни критериумите од финансискиот фер-плеј.
Уругвајскиот дефанзивец е еден од фудбалерите кои имаат најголема пазарна вредност. Раководството на Барселона смета дека од неговиот трансфер би можеле да заработат повеќе од 100 милиони евра.
„Трансфермаркт“, неговата вредност ја проценува на 70 милиони евра, а неговиот договор со Барселона истекува во јуни 2026 година.
Барселона смета, тврди „Спорт“, дека во суперталентот Пау Кубарси (17), има квалитетна дефанзивна опција. Доколку би го продале Араухо, Барселона би се обидела да донесе слободен играч кој би му бил партнер на Кубарси.
Араухо ја започна својата кариера во уругвајските клубови Рентистас и Бостон Ривер. Во 2018 година Барселона го донесе за речиси пет милиони евра, а оттогаш забележа 147 настапи, постигна осум гола. Со Барселона има освоено три трофеи.