Спорт
Британскиот премиер ги „искара“ навивачите на Челси за пеењето за Абрамович

Пеењето на името на Роман Абрамович од страна на навивачите на Челси е „целосно неприфатливо“ и мора да сопре, порача портпаролот на британскиот премиер, Борис Џонсон.
Додека Абрамович е под санкции и му беше „одземен“ Челси, односно ставен под контрола на британската влада, навивачите на Челси продолжија да го пеат името на Абрамович, рускиот милијардер под чие водство „сините“ станаа европска фудбалска сила. Од британската влада велат дека тоа е неприфатливо.
„Ја сфаќаме силата на поврзаност на луѓето со своите клубови, но тоа не оправдува однесување кое е целосно неприфатливо во овој момент. Мислам дека навивачите можат да ја покажат страста кон својот клуб без такви песни“, изјави портпаролот на Џонсон.
Тој потврди дека владата е подготвена за продажба на Челси, но дека тоа мора да се направи под „вистински услови“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Тијаго и Фабињо ќе му бидат на располагање на Клоп за финалето на ЛШ

Тијаго Алкантара и Фабињо се вклучени во тимот на Ливерпул за претстојното финале во Лигата на шампионите против Реал Мадрид и денеска заедно со соиграчите ќе отпатуваат во Париз, објави клубот на својата официјална веб-страница.
Тијаго продолжи со тренинзите откако предвреме го напушти теренот за време на натпреварот со Вулверхемптон минатата недела поради истегнување на мускулот.
Фабињо нема играно од натпреварот со Астон Вила на 10 мај, кога исто така заработи повреда на мускулот. Тие двајца сега се достапни за Јирген Клоп за утрешниот натпревар.
Сепак, сè уште не е јасно дали се подготвени да започнат како стартери.
Спорт
Винисиус Жуниор: Ова е најважниот натпревар во мојата кариера
Бразилците Винисиус Жуниор и Родриго ќе го одиграат првото финале во Лигата на шампионите со Реал Мадрид. Шпанскиот гигант ќе се сретне против Ливерпул утревечер на „Стад де Франс“ во француската престолнина Париз.
„Замислувавме дека еден ден тоа може да се случи, но не очекувавме дека ќе се случи толку брзо“, изјави Родриго, кој во Реал дојде во 2019 година од бразилскиот клуб Сантош. „Работевме многу напорно за тие моменти и многу сме среќни за се што се случува“, додаде тој.
Винисиус Жуниор го засили мадридскиот тим една година порано од друг бразилски тим, Фламенго. Тој потпиша порано, како тинејџер, а мораше да чека во Бразил пред да замине во Шпанија, откако наполни 18 години.
„Ова е најважниот натпревар во мојата кариера. Не е лесно да се пристигне толку млад во клуб како Реал Мадрид, но имаш шанса да играш во Лигата на шампионите. Се надевам дека ова е моето прво финале од многуте што следуваат“, изјави Винисиус, кој оваа сезона постигна 21 гол.
Спорт
Македонија ЃП почнува од второто коло во Конференциската лига, Шкендија и Академија Пандев претходно

Трите македонски тима кои ќе играат во Конференциската лига на УЕФА ги знаат своите можни ривали. Македонија ЃП како освојувач на Купот ќе игра во второто квалификациско коло, додека Академија Пандев и Шкендија почнуваат рано, со таа разлика што Шкендија ќе биде носител.
Шкендија ќе биде носител во првото коло, а за можни противници ќе ги има: Борац Бања Лука (БиХ), Интер Турку (Финска), Тре Фиори (Сан Марино), КР Рејкјавик (Исланд), црногорските Дечиќ и Искра, Санта Колома (Андора), Бруно (Гибралтар), Њутаун (Велс), Хамрун (Малта) и Дила Гори (Грузија).
Академија Пандев не е носител и може да добие посериозен противник. Можни противници на струмичани се Флора од Естонија, Рига (Летонија), Алашкерт (Ерменија), Олимпија (Словенија), Купс (Финска), Будуќност (Црна Гора), полските Легија и Погон, Крусејдерс (Ирска), Сент Јозеф (Гибралтар), Тре Пене (Сан Марино), Бала Таун (Велс).
Од втората квалификациска рунда настапот го почнува Македонија Ѓорче Петров и ќе биде неносител. Можни ривали за „лавовите“ се екипи како Базел, Славија Прага, Јанг Бојс, ПАОК, Истанбул Башакшекир, Макаби Тел Авив, Астана, Молде, Апоел, ФЦСБ, Бате Борисов, Ријека, Антверпен.