Спорт
Челси ќе врши истрага за „токсичната култура“ во клубот

Челси ангажираше надворешни соработници за да извршат истрага по обвинувањата за „токсична“ работна култура во тимот, по написот кој го објави „Њујорк тајмс“.
Во написот објавен во среата, повеќе сегашни и поранешни вработени во маркетинг одделот на клубот се пожалија на условите за работа и за „токсичноста“ на шефовите, која предизвикала заминувае на најмалку 10 вработени. Ричард Бигнел, поранешниот шеф на „Челси ТВ“ во јануари се самоубил, а истрагата покажала дека бил во депресија откако бил отпуштен.
Новите газди на клубот, Тод Бели и „Клирлејк капитал“, кои го откупија клубот од Роман Абрамович, веднаш наредија истрага.
„Новиот борд на клубот верува во безебедно место за работење, во кое вработените ќе се чувствуваат вклучени, безбедни, вреднувани и доверливи. Направени се првите чекори во оваа насока. Нашето сочувство оди до целото семејство на Ричард. Неговата смрт влијаеше на сите негови колеги и на фудбалската заедница. Клубот именуваше надворешен ревизор кој ќе ги испита обвинувањата кои беа направени под претходното сопствеништво“, се вели во објавата на Челси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Осум месеци по „драмата“ со Ѓоковиќ, Австралија посака добредојде на невакциниран американски пливач

Американскиот пливач, Мајкл Ендру ќе се натпреварува за својата земја во „Дуелот во базенот“, пливачката атракција против Австралија во Сиднеј оваа недела, откако ова земја ги „опушти“ правилата за влез на невакцинирани луѓе, неполни осум месеци откако Новак Ѓоковиќ помина една недела во камп за нелегални имигранти и беше депортиран поради истата причина.
23-годишниот Ендру минатата година невакциниран пливаше на Олимпијадата во Токио, по што беше критикуван од медиумите во САД за неговиот став.
„Не сакам да ставам во моето тело нешто што потенцијално би ми пречело. Како спортист на елитно ниво, сите работи кои ги правиме се пресметни. Не сакав да ризикувам“, се правдаше тогаш Ендру.
Во јули, Австралија го отстрани барањето за вакцинирање против КОВИД за влез во земјата. Ѓоковиќ во јануари пристигна во Австралија со медицинско оправдување за невакцинираност, но беше сопрен на аеродромот во Мелбурн и пратен во имиграциски центар додека преку суд се обидуваше да ја добие правдата. Наа крајот, тој беше депортиран од земјата. 35-годишниот Ѓоковиќ оттогаш играше на Ролан Гарос и на Вимблдон (каде што победи), но уште не е сигурно дали ќе му биде дозволен влез во САД за настап на САД опен во Њујорк, исто така поради вакцината.
Спорт
Глејзери го ставаат Јунајтед на продажба – клубот проценет на 5 милијарди фунти!

Газдите на Манчестер јунајтед, семејството Глејзер, го смениле својот став околу потенцијалната продажба на клубот, и подготвени се да продадат дел од клубот или целосно да се „ослободат“ од „ѓаволите“, тврди „Блумберг“, посочувајќи дека веќе има три американски конзорциуми подготвени за дил. Тие поставиле цена од 5 милијарди фунти за славниот англиски клуб.
Навивачите на Јунајтед протестираа против газдите на клубот пред првиот домашен меч од новата сезона против Брајтон и планираат да го направат тоа и на дербито со Ливерпул, бесни на одлуките на Глејзери по преземањето на клубот во 2003 година. Според британскиот „Индепендент“, по сите критики, американските газди можеби го смениле своето мислење, и го посочуваат како главен кандидат за купување на клубот, најбогатиот Британец, Сер Џејмс Ретклиф, газдата на „ИНЕОС“ и голем навивач на „ѓаволите“.
Според „Индепендент“, преговорите меѓу милијардерите веќе почнале од мај и има чувство дека може да се направи „здека на столетието“. Ова се надоверзува на бурата коментари кои ги предизвика Илон Маск на Твитер со шегата дека би сакал да ги купи Јунајтед.
Британските медиуми тврдат дека Глејзери го смениле мислењето откако Челси беше продаден за астрономски 4 милијарди фунти. Да потсетиме, Глејзери платија за Јунајтед 800 милиони фунти пред речиси 20 години.
Спорт
Левандовски: Барселона оваа сезона ќе освои неколку трофеи

Новиот напаѓач на Барселона, Роберт Левандовски, уште еднаш изрази уверување дека тимот ќе освои трофеи оваа сезона, и покрај неуспешниот старт во Ла Лига против Рајо Ваљекано (0:0).
„Мислам дека беше доволно време Барса да не освои трофеј. Сигурен сум дека ќе освоиме неколку пехари оваа сезона“, изјави полскиот напаѓач.
Тој уште еднаш потенцираше дека го направил вистинскиот потег со трансферот на „Камп Ноу“.
„Кога првпат дознав дека Барселона е заинтересирана да ме донесе во тимот, веднаш помислив дека ова е совршен момент и за мене и за клубот“, истакна Левандовски.