Спорт
Дејли Мејл: Роналдо треба да биде на клупата, повеќе не е најдобриот играч на Португалија

Репрезентацијата на Португалија, во вторник од 20 часот, во осминафиналето на Светското првенство игра против Швајцарија. Во групата со Уругвај, Гана и Јужна Кореја, Португалија го обезбеди првото место по првите две кола, во последното коло загуби со 2:1 од Кореја, со што им овозможи на Корејците пласман во нокаут фазата.
Кристијано Роналдо постигна еден гол на овој турнир, во првиот натпревар против Гана, а потоа беше еден од најслабите играчи во тимот на Фернандо Сантос. Всушност, според статистиката на SofaScore, Роналдо се најде во најлошиот тим на турнирот со просечна оценка од 6,37.
Португалија и Роналдо беа една од темите на мундијалскиот подкаст на порталот „Дејли Мејл“, чии новинари и уредници жестоко ја критикуваа најголемата португалска ѕвезда. Според нив тој не би требало да биде во првиот тим. ,
„Роналдо повеќе не е најдобриот играч во тој тим. Всушност, тој не е ни блиску до најдобриот играч во португалската репрезентација. Ова Светско првенство е доста отворено и не можеме да кажеме дека некој е изразит фаворит. Има многу кандидати за титулата, а Португалија е секако еден од нив. Но, ако сака да има реални шанси да ја освои титулата, ќе мора да го исфрли Роналдо од првиот тим“, изјави новинарот Ијан Холт и додаде:
„Сигурно, многу млади играчи во тој тим го доживуваат Роналдо како идол и сакаат да бидат како него. Се е во ред и не би ме изненадило ако тоа е главната причина зошто тој е во тимот. Но, време е за некои други играчи“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Евертон ќе го именува Шон Дајш за нов менаџер

Англискиот стручњак Шон Дајш ќе биде новиот менаџер на Евертон, кому му претстои тешка битка за опстанок во Премиерлигата. Откако му се заблагодарија на Френк Лампард за соработката, челниците на Евертон почнаа да бараат негов наследник.
Нивниот прв избор беше Марсело Биелса, но според островските медиуми не постигнале договор со поранешниот тренер на Лидс, па се насочиле кон други решенија.
Одлуката е донесена, Дајш до крајот на денот треба да биде именуван на клупата на славниот англиски клуб.
Дајш го водеше Барнли од клупата во изминатите десет години, а беше и на кормилото на Вотфорд.
Спорт
Калин Ивановски се пласира во полуфинале на турнирот во Тунис

Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски продолжува со одлични игри на ИТФ фјучерс турнирот во Монастир (Тунис), кој има награден фонд од 15.000 американски долари.
Ивановски во четврт-финалето го совлада Австриецот Себастијан Соргер со 2:0 во сетови (6:3, 6:4).
Во полуфиналето македонскиот тенисер за ривал ќе го има Стефанос Сакеларидис од Грција.
Спорт
Македонски и бугарски клубови сепак играат фудбал: Македонија ЃП загуби од Берое

Македонски и бугарски клубови сепак играат фудбалски натпревари на подготовките во Анталија. И покрај дел од бугарските клубови кои одбија да играат, сепак, денеска беше одигран меч меѓу Македонија ЃП и Берое.
Македонскиот прволигаш Македонија ЃП загуби од бугарскиот тим Берое со 3:2.
Кристијан Стојковски донесе водство за Македонија ЃП, а на почетокот на второто полувреме Берое израмни преку Вини Трибуле.
Во 80. минута Дамјан Јорданов се погрижи за пресврт, а потоа Трибуле постигна втор погодок за 3:1. Конечниот епилог го постави Славков.