Домашен
Антиќ: Немам амбиција да бидам претседател на МКФ
Македонскиот кошаркарски интернационалец Перо Антиќ, член на Фенербахче, во интервју за порталот Mozzartsport.com, вели дека „не сака да биде претседател на Македонската кошаркарска федерација (МКФ).
Перо Антиќ има импресивна кариера, двократен европски шампион со Олимпијакос, две успешни години во НБА лигата, каде стана најстариот дебитант на Ол Стар натпреварот, беше предводник на македонската репрезентација која во 2011 година на Европското првенство го освои четвртото место.
Во интервјуто вели дека од сите клубови во кои играч „на срцето“ најмногу му лежи Црвена звезда, дека на овој клуб му простил долг од 68.000 евра, дека Жељко Обрадовиќ е најдобриот тренер и го нарекува Пикасо, а во Фенербахче најмногу се дружи со играчите од балканските простори и дека Мелих Махмутоглу зборува српски бидејќи потекнува од Нови Пазар.
Антиќ од македонската репрезентација се повлече во 2013 година по Европското првенство во Словенија, но неговото име секогаш се споменува кога е во прашање репрезентацијата. За време на ЕП во Хрватска, а и потоа со првиот човек на МКФ, Петар Наумовски, преку социјалните мрежи водеа не баш пријатни „разговори“.
„Не, никогаш“, рекол Антиќ одговарајќи на новинарското прашање „дали размислува за претседателската функција во МКФ?“.
„Не сакам да бидам претседател, а да не можам на играчите да им обезбедам нормални услови. Јавно ги напаѓам луѓето во МКФ и сугерирам дека она што тие го работат „на страна“ најлесно можат да го „исперат“ преку спортот. Се пензионирав во 2013 година бидејќи не сакав да им го држам местото на талентираните деца. За мене не е проблем на натпревар да земам 20 шутеви, но тие деца треба да стекнат искуство. И сега по се претседателот плука и говори дека мене ми дале многу работи“, вели Антиќ.
Крилниот центар во интервјуто вели дека не се плаши од јавноста поради ваквата негова изјава.
„Немам од што да се плашам. Створив име и презиме, ништо не сум украл, ниту некому сум му наштетил. Постојат луѓе кои ме сакаат и кои не ме сакаат. Завидуваат кога некогаш нешто ќе стекнеш. Тоа е толку нормално за Балканот. Југословенска школа“.
Перо Антиќ има 34 години, но не размислува за крај на кариерата, вели дека ќе игра се додека ужива во оваа игра. крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.