Домашен
Вардарци во пресрет на мечот со Загреб: Не смееме да киксираме
Ракометарите на Вардар, в сабота, ги продолжуваат натпреварите во Лигата на шампионите. Противник на Вардар ќе му биде Загреб, а натпреварот во „Јане Сандански“ ќе започне во 17:30 часот.
Пет натпревари ќе одиграат ракометарите на Вардар до крајот на фазата по групи, првиот е в сабота против Загреб, тим кој на „црвено-црните“ му го нанесе еден од трите порази во досегашниот тек на натпреварите во Б групата. Загреб на 22.октомври минатата година минимално славеше против Вардар 28:27.
„Три пати веќе игравме оваа сезона, тука во СЕХА лигата победивме, но имавме многу проблеми. Во Лигата на шампионите игравме во Загреб, загубивме еден разлика, тогаш првото полувреме го одигравме добро, но во второто полувреме имавме големи проблеми со нивната одбрана. Исто така бевме поразени во Загреб и во СЕХА лигата. Треба да бидеме подготвени, треба да ги почитуваме 100 отсто доколку сакаме да ги победиме. Очекувам полна сала, бидејќи помошта од навивачите ќе ни биде потребна. Задоволен сум како трениравме и работевме оваа недела“, рече на прес конференцијата во пресрет на натпреварот тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.
Инаку, ракометарите на Загреб се веќе неколку дена во Скопје, тие во средата играа во СЕХА лигата и загубија од екипата на Металург.
„Треба да ги заборавиме сите досегашни натпревари кои сме ги играле против нив, како што треба да заборавиме дека тие загубија од Металург. Треба да се фокусираме само на она што ќе се случува в сабота. Нè очекува тежок меч, иако некои предвидуваат дека лесно ќе победиме по поразот на Загреб од Металург. Многу е важно дома да победуваме, да не си дозволиме кикс каков што го имавме против Рајн Некар“, рече капитенот на тимот Столе Стоилов.
Инаку, 10.коло во Б групата, денес ќе го отворат Рајн Некар и Кјелце (19 часот), односно Мешков Брест и ПИК Сегед (20:30 часот).
Вардар по мечот со Загреб ќе одигра уште четири натпревари до крајот на фазата по групи: гостинските против ПИК Сегед (18.02) и Мешков Брест (04.03) и домашните против Цеље (25.02) и Кристијнаштад (12.03). крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.