Домашен
Давитков нов селекторт на кошаркарската репрезентација
Јорданчо Давитков е новиот селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија. Давитков на функцијата го наследи Драган Раца, кој си замина откако доживеа дебакл со националниот тим во квалификациите за пласман на Европското првенство.
Јорданчо Давитков своевремено го наследи Марин Докузовски на клупата на националната селекција во 2001 година, а по низа неуспеси да се пласира на континенталното првенство, Давитков успеа да го направи (дотогаш) најголемиот успех на националниот тим откако во 2005 година обезбеди место во Дивизија А.
Неуспешните квалификации за Евробаскет 2007 беа причината поради која Давитков одлучи да го отстапи селекторското столче за да повторно седне на истото, десет години подоцна.
„Бев селектор од 2001 година до 2007 година, за моја среќа или несреќа, во еден од најтешките периоди на македонската репрезентација. Тоа беше период кога поради суспензијата од страна на ФИБА се натпреварувавме во Дивизија Б. Успеавме да се вратиме во Дивизија А што можам да кажам дека тоа беа темелите за сите понатамошни успеси. Овој период ме потсетува токму на тој период, време кога треба да се вратиме на местото што ни припаѓа, а не каде што сега се наоѓаме. Се надевам со ангажман на сите вклучени, од селектор до стручен штаб, но и од федерацијата дека ќе успееме да ја вратиме македонската репрезентација на местото кое ѝ прилега“, вели Давитков.
Новиот селектор е повратник во македонската кошарка, бидејќи речиси цела деценија работеше во Кувајт и Обединетите Арапски Емирати.
Инаку, иако сé уште официјално не е потврдено, помошници на селекторот ќе му бидат младите стратези Александар Јончевски и Љупчо Малинков./крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.