Домашен
МКФ го пролонгира изборот на селектор на сениорите
Управниот одбор на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), на редовната седница одржана во четвртокот го пролонгира изборот на новиот селектор на сениорската репрезентација, откако претходно и официјално беше разрешен од функцијата Драган Раца, кој не успеа да ја одведе репрезентацијата на Европското првенство.
Управниот одбор и претседателот на МКФ, Петар Наумовски, информираа дека во изминатиот период биле во контакт со тројца странски стручњаци, сите од Србија, Стеван Караџиќ, Саша Обрадовиќ и Александар Трифуновиќ.
„Заклучокот кај нив беше дека ангажманот од два месеци би бил преголем односно дека предолго би отсуствувале од фамилиите. Потоа целосно се насочивме кон македонските тренери“, рече Наумовски.
Прв избор на МКФ потоа бил Сашо Филиповски, кој неодамна го освои Купот на Турција со Банвит, но тој ја одбил понудата, со образложение дека сè уште не бил подготвен да извршува две функции.
„Дојдовме до три имиња за тренер кој ќе ја води „А“ репрезентацијата. За нивна финална селекција, важно ни беше да имаат и одлична хемија со играчите. Тие три имиња, како што веќе знаете, се Марјан Илиевски, Љупчо Малинков и Александар Јончевски. Во последен момент се случи да ’не ја изградиме куќата’. Ги имаме темелите, но останавме без кров и поради тоа бараме дополнителни денови. Сè беше договорено – и соработка (со Марјан Илиевски) и финансии, меѓутоа не се договори соработката со уште еден човек кој требаше да биде дел од стручниот штаб. Тука застанаа преговорите и тој нема да биде селектор“, рече првиот човек на МКФ, Наумовски. крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.