Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведени крадци во Битола
Вчера во Битола, полициски службеници од СВР Битола ги лишиле од слобода К.Б.(30) и Н.Б.(41), двајцата од Битола.
При претрес во домот на К.Б., извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени пари во различни апоени и повеќе предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело „тешка кражба“ по член 236 од Кривичниот законик.
Додека, при претрес во домот на Н.Б., извршен исто така со судска наредба, биле пронајдени повеќе предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело „тешка кражба“ по член 236 од Кривичниот законик.
Црна хроника
Казни за 140 возачи, возеле над дозволеното
Во текот на вчерашниот ден Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 140 возачи.
Од нив четири возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 86 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 54 надвор од населено место.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови, најави МВР и апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.
Црна хроника
Девојче нападнато од соученичка во основно училиште во Гази Баба
Ученичка била нападната пред два дена во основно училиште во Гази Баба.
Според пријавата, девојчето било нападнато од негова соученичка, а за случајот алармирал таткото на натепаното девојче.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.