Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Крадел во викенд-куќа во Берово: уапсен 36-годишен маж
Вчера, во 18.40 часот, во викенд-куќа на улицата Туристичка во Берово, полициски службеници од Полициската станица Берово го лишиле од слобода Б. Ч. (36) од Берово.
Тој бил затекнат при извршување кривично дело тешка кражба од викенд-куќата, од каде што одзел повеќе предмети.
Бил задржан во полициска станица и во службен разговор признал уште едно кривично дело тешка кражба од друга викенд-куќа.
Некои од одземените предмети биле пронајдени и вратени на оштетените граѓани. По комплетирање на случаите, против Б. Ч. ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Црна хроника
Двајца уапсени, пукале пред кафеана во Охрид
Денеска, во 00.15 часот, пред угостителски објект во охридската населба Чекоштина, полициски службеници од СВР Охрид ги приведоа 67-годишниот К. Б. и 37-годишниот М. П., двајцата од Охрид, извести СВР Охрид.
„Тие претходно го нарушиле јавниот ред и мир со пукање во воздух од пиштол ‘радом’ во калибар од 9 милиметри, сопственост на М. П.“, велат од СВР Охрид.
Пиштолот е одземен и по целосно документирање на настанот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Топ
Нападната и ограбена охриѓанка, со тешки повреди пренесена во болница
Вчера во 10.15 часот во СВР Охрид е пријавено дека, на улицата „Марко Несторовски“ во Охрид, едно лице физички ја нападнало 53-годишната О.Т. од Охрид и ѝ одзел пари, извести СВР Охрид.
„Притоа, таа се здобила со тешки телесни повреди констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид“, велат од СВР Охрид.
За настанот, известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.