Домашен
ПМФЛ: Работнички го победи Вардар, трагичар голманот Гачевски
Работнички му го нанесе првиот првенствен пораз на Вардар, откако попладнево во рамките на 15-коло, славеше со 3:0 (1:0). Поразот на Вардар го искористи Шкендија и со триумфот во Ѓорче Петров ја намали разликата во однос на лидерот на четири бода.
Фудбалерите на Работнички ја прекинаа негативната низа против градскиот ривал Вардар која траеше уште од април 2014 година и со три гола ја вратија неизвесноста во шампионската трка.
Централана фигура на натпреварот беше голманот Гачевски кој му го подари првиот гол на Работнички, кај вториот можеше и мораше подобро да реагира, а потоа непотребно направи пенал од кој Работнички го постигна третиот гол.
Работнички со јасна цел, да ја сочува својата мрежа и да го нападне Вардар од полуконтра и контра влезе во натпреварот и на крајот таквата определба му донесе победа.
За разлика од противникот Вардар во текот на целиот меч делуваше анемично и неорганизирано, без јасна цел во играта, а дополнителни проблеми на тимот му направи голманот Гачевски со своите лоши интервенции.
Работнички првиот гол го постигна преку Сахити во 33.минута. Силјановски од левата страна упати нешто помеѓу шут и центаршут, лесна топка, но не и за Гачевски, таа помина низ неговите раце, а на гол линијата Сахити ја смести во голот.
Во второто полувреме Асани ја имаше шансата на мечот, но младиот напаѓач на Вардар во 70.минута од еден метар го промаши голот.
Казната за промашувањето стигна десет минути подоцна, кога Ерера упати удар од 25 метри, Гачевски само ја одби топката, на која налета Дурански и погоди за 2:0.
Конечниот резултат го постави Ивановски од пенал во 92.минута. Претходно Гачевски непотребно го сруши Марковски во својот шеснаесетник.
Киксот на Вардар го искористи Шкендија која славеше над Македонија ЃП со 4:0 и ја намли предноста на лидерот на четири бода. Два гола постигна Хасани, а по еден Ибраими и Положани.
Резултати, 15.коло:
Пелистер-Шкупи 2:0
Ренова-Силекс 2:2
Брегалница-Победа 2:3
Македонија ЃП-Шкедија 0:4
Работнички-Вардар 3:0
Табела: 1. Вардар 34, 2. Шкендија 30, 3. Пелистер 28, 4. Работнички 23, 19, 5. Ренова 20, 6. Силекс 19, 7. Шкупи 15, 8. Победа 14, 9. Македонија ЃП 10, 10. Брегалница 9. крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.