Домашен
Американецот Ксавиер Темс е новото засилување на МЗТ Скопје
Американецот Ксавиер Темс (25 год., 191 см.) е најновото засилување за екипата на МЗТ Скопје Аеродром во летниот преоден рок, откако потпиша двегодишен договор со македонскиот шампион, пред кого е напорна сезона со настапи во Еврокупот, АБА-лигата и во двете домашни натпреварувања.
Станува збор за бек-шутер пред кого допрва претстои докажување и кој досега има само неколкумесечно европско искуство настапувајќи за шпанскиот прволигаш Севиља во втората половина од 2014 година. Во меѓувреме, Темс играше за „лудите мравки“ од Форт Вејн во американската развојна НБДЛ-лига, а две години по ред беше дел од Бруклин нетс во Летната НБА-лига (2014 и 2015), екипа која ги откупи правата за него откако на драфтот пред две години беше избран како 59. пик од страна на Торонто репторс.Новото засилување на МЗТ Скопје Аеродром е и делумно познато на кошаркарската јавност кај нас, со оглед на тоа што настапи за комбинираната репрезентација на Македонија на неодамнешната турнеја во Кина. Темс остави солиден впечаток во жолто-црвениот дрес, со оглед на тоа што беше меѓу најефикасните на поголем дел од средбите на македонската селекција на двата турнири кои ги одигра на Далечниот Исток.Американецот е осмиот играч кој летово потпиша договор со актуелниот првак, по сонародниците Џеремаја Мејси и Џош Скот, Холанѓанецот Шарлон Клоф, Србите Урош Лучиќ и Ѓорѓе Дреновац, Хрватот Јуре Лалиќ како и македонскиот репрезентативец, Марко Симоновски. Под договор се уште и Љубомир Младеновски и Адем Мекиќ, а новитет има и во стручниот штаб, со оглед на тоа што сезонава улогата на предводник од клупата ќе ја има Емил Рајковиќ. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.