Домашен
АМС со кампања за штетноста на допингот во спортот
Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Марјан Спасески во понеделник ја најави новата кампања за подигнување на свеста за ризикот од користењето на допингот во спортот.
Станува збор за проект добиен со грант од „Фондот за елиминација на допингот од спортот“ на УНЕСКО во висина од 20 илјади евра.
АМС во соработка Националната анти-допинг почнувајќи од денеска ќе реализира низа работилници, семинари-едукативни предавања за штетноста од користењето на забранети супстанци.
„Целта е низ ваквите семинари и работилници, како и преку печатените материјали и медиумската кампања да се подигне свеста за штетните последици од допингувањето, свеста за важноста од зачувувањето и негувањето на спортската етика и фер-плејот, како и свеста за последиците по кариерата на спортистите кои произлегуваат кога надлежните ќе констатираат употреба на недозволени допинг средства и методи, рече Спасески на денешната прес конференција.
Целната група на овој проект се спортисти, спортскиот персонал и медицинските лица вклучени во тренажниот процес, националните спортски федерации, клубовите, спортистите.
Директорот на АМС очекува одлична соработка од партнери во Проектот, а тоа се националните спортски федерации, Македонскиот олимписки комитет, Сојузот на спортските федерации на Македонија, факултетите за спорт и физичка култура и медиумите.
„Во духот на Конвенцијата би кажале дека започнувањето на ваков вид едукативни семинари е во правец на помагање во заштитата на спортската етика како и во правец на зачувување на интегритетот на „чистиот“ спорт. Ангажираните експерти од оваа област, ќе ги запознаат присутните со новините од областа на допинг супстанците, забранетите допинг средства и методи, односно ќе обезбедат едукација и информираност во правец на борбата против допингот во спортот“, истакна Спасески.
Македонија од 2008 година е потписник на Меѓународната конвенција за борба против допингот на УНЕСКО и со чинот на ратификацијата нашата држава презема обврска да спроведе сопствена национална политика во однос на борбата против допингот во спортот.
Во таа насока, согласно одредбите на Законот за спорт формирано е Национално координативно тело за борба против допингот во спортот односно Комисијата за анти-допинг која функционира во рамките на Агенцијата за млади и спорт.
„Проектот кој денес започнува, е од огромно значење за Република Македонија и Агенцијата за млади и спорт. Тоа значи дека Република Македонија ги следи европските стандарди и е држава која во целост ги спроведува допинг контролите врз спортистите согласно меѓународната конвенција и правилата и процедурите на ВАДА“, потенцира директорот на АМС.
За важноста на проектот на средбата со новинарите говореше и д-р Илија Стоилов кој побара поддршка од медиумите во борбата против допингот.
„Чистиот спорт подразбира заштита на интегритетот на спортот, заштита на физичкото здравје и менталниот интегритет на спортистите, и обезбедување на еднакви услови за сите натпреварувачи така што резултатите ќе бидат фер рефлексија на природните способности на натпреварувачите“, нагласи Стоилов и додаде дека со оваа кампања ќе бидат заштитени и спортистите кои ненамерно, од незнаење за забранетите супстанци, прават допинг прекршок.
Спортистите преку изработените брошури може да се информираат за процедурата како да ги користат потребните забранети супстанции поради здравствени причини, односно за терапевтска употреба (ДТУ) и да избегнат евентуални казни наменети за допингуваните.
Проектот е предвидено да трае до март следната година. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.