Домашен
Ангеловски: Агресивно и борбено против Бугарија
Македонската фудбалска репрезентација, во вторник (19 ч) на „Филип Втори“, ќе одигра контролен натпревар против селекцијата на Бугарија. Во пресрет на натпреварот прес-конференција одржаа селекторот Игор Ангеловски и репрезентативците Ванче Шиков и Иван Тричковски.
Двате селекции, иако се работи за контролен натпревар, ќе излезат со цел да забележат победа, која ќе значи и дополнително згоелмување на самодовербата. „црвено-жолтите“ ќе се обидат да ја прекинат серијата од два минимални пораза, во контролните натпревари со Либан, во ноември во Скопје 0:1 и со Словенија, во Копер на 23.март 0:1. Од друга страна, Бугарите се набиени со оптимизам по минималниот триумф над Португалија.
„Најбитно е ние како ќе одиграме. Секоја почит за Бугарија, која на последниот пријателски натпревар ја совлада Португалија. Очекувам од моите фудбалери да одиграат квалитетно, максимално борбено и агресивно. Како и на секој натпревар, така и на овој атакуваме на победа. Сите тие што викаат дека победата не е важна, бараат само алиби. Секој наш противник има слаби страни, и ние мораме истите да ги искористиме”, рече на прес-конференцијата македонскиот селектор.
Слично како селекторот размислуваат и фудбалерите, кои потенцираат дека евентуалниот триумф уште повеќе ќе влијае на атмосферата во националниот тим.
„Атмосферата никогаш не била подобра и се надевам дека тоа ќе донесе резултат. Оваа недела сите заедно работевме многу напорно и подготвени сме за натпреварот со Бугарите. Не очекува доста тежок натпревар, ги знаеме квалитети на нашиот противник. Станува збор за една незгодна селекција која успеа да ја победи Португалија практично од една шанса. Ќе го дадеме максимумот и се надеваме на позитивен резултат”, рече дефанзивецот Ванче Шиков.
Македонија во комплетен состав ќе ѝ се спротивстави на Бугарија, тројцата кои се жалеа на повреди по мечот со Словенија (Тричковски, Пандев, Жута) се рехабилитираа од повредите.
„Репрезентацијата на Бугарија е незгоден противник, тоа се виде и на натпреварот против Португалија. Резултатот од тој натпревар им дава голема самодоверба пред утрешниот дуел. Нашата задача е да одиграме максимално борбено, да ги искористиме можностите што ќе ни се укажат и да славиме победа”, изјави Тричковски./крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.