Домашен
Англовски ги врати Пандев и Јаховиќ во националниот тим
Игор Ангеловски, селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, во четвртокот го објави списокот на играчи кои ги повика за контролните натпревари со Словенија, во Копер на 23.март и со Бугарија во Скопје на 29. март.
До долга пауза во националниот тим се врати Горан Пандев, кој последниот месец игра во добра форма за Џенова, исто така, во тимот се враќаат напаѓачите Адис Јаховиќ и Јохан Костовски, голманот Мартин Богатинов, и играчот од средниот ред Арменд Алими, кој е еден од четворицата играчи кои настапуваат во домашното првенство, а кои се најдоа на сиписокот на селекторот.
„Имав проблеми со голманите и дефанзивците, Митов-Нилсон е повреден, затоа го повикав Богатинов кој брани во добра форма, проблем е повредата на Мојсов и поради тоа не е повикан, како и нестандарноста во клубовите на играчите кои беа повикани на претходните две средби. Од списокот се гледа дека инсистирам на она што го најавив, дека ќе играат само оние кои се стандардни во тимовите. Исклучок е Трајковски, тој има помала минутажа во Палермо, но таму често ги менуваат тренерите, а тој заслужува да игра, мислам дека треба да биде предводник на оваа репрезентација. Бесарт Ибраими е во добра форма, но не е повикан бидејќи конкуренцијата во нападот е голема“, рече на прес конференцијата Игор Ангеловски.
Македонскиот селектор најави дека списокот не планира да го шири, според него бројката од 18 играчи е доволна, а поширока база од 23-ца или 24-ца играчи ќе биде дополнета со играчи од младата репрезентација, бидејќи, како што рече, „со своите игри тоа го заслужија“.
Ангеловски одговори и на новинарско прашање поврзано со Дејан Трајковски, напаѓачот на Домжале, околу кого деновиве се „крена прашина“, во дел од домашните медиуми.
„Македонија за никого нема да биде резервна опција, додека јас сум селектор ќе барам од играчите да играат со желба и срце за Макеоднија. Едноставно Македонија мора да биде првата опција. Планирам за секого да ги отворам вратите на националниот тим. Не планирам нашиот дрес да биде резервен за некого, поради тоа Дејан Трајковски не е повикан. Јас му посакуван кога ќе добие повик од Словенија да го прифати“, порача селекторот.
Првиот собир на репрезентативците Ангеловски го закажа в понеделник, во Поротрож, во вторник се предвидени два тренинга, а мечот со Словенија е в среда.
Списокот на репрезентативци:
Голмани: Димитриевски (Гранада, Шпанија), Богатинов (Етникос, Кипар)
Одбрана: Жута (Ријека, Хрватска), Ристовски (Ријека, Хрватска), Шиков (Австрија Виена, Австрија), Ристевски (Вашаш, Унгарија), Силјановски (Работнички), Цикарски (Работнички)
Среден ред: Алими (Шкендија), Глигоров (Вардар), Агим Ибраими (Марибор, Словенија), Тричковски (АЕК Ларнака, Кипар), Стјепановиќ (АЕЛ Лимасол, Кипар)
Напад: (Пандев (Џенова, Италија), Јаховиќ (Крилја Совкетов, Русија), Несторовски (Интер Запрешиќ, Хрватска), Костовски (Леувен, Белгија), Трајковски (Палермо, Италија). /крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.