Домашен
Антиќ стартер во новата победа на Атланта
Двете најдобри екипи во своите конференции, Голден Стејт и Атланта ги продолжија победничките серии во НБА лигата. Голден Стејт го совлада Мајами (104:89) и ја забележа 15-та последовна победа на домашен терен, додека Атланта во Бостон победи со 105:91 и го запиша 10-от последовен триумф.
Македонскиот интернационалец Перо Антиќ натпреварот во Бостон го започна во стартната петорка, на теренот мина нешто повеќе од 24 минути и имаше учинок од шест поени, пет скока, четири украдени топки и една асистенција.
Најефикасни кај лидерот на Истокот беа Демар Керол и Џеф Тиг со по 22 поени, односно Пол Милсап со 18 поени и 10 скока. Тренерот на Атланта на овој натпрева ги одмораше членовите на стартната петорка Ал Хорфорд и Кајл Корвер.
Атланта победи на 24 од последните 16 натпревари и со скор од 31 победа и осум порази е лидер на Истокот, додека воопшто во лигата пред ’јастребите’ е само Голден Стејт.
Ваков старт во првенството Атланта немала уште од 1997 година кога за овој тим настапувале Стив Смит, Дикембе Мутомбо, Муки Блејлок и Кристијан Лејтнер.
Голден Стејт против Мајами ја запиша 15-та последовна победа на домашен терен, вкупно 31-ва во 36-от меч сезонава.
Екипата од Оукленд до победата ја предводеше Стефон Кари со 32 поени (седум тројки), додека Клеј Томпсон псотигна 19 поени. Кари со изданијата во првиот дел од сезоната сериозно ја истакнува кандидатурата за МВП наградата.
Мајами, кој има скор 17/22, го предводеше Крис Бош со 26 поени.
Портланд во дербито забележа пораз на домашен терен од ЛА Клиперс (94:100). Џамал Крафорд влегувајќи од клупата ги предводеше Клиперси со 25 поени, Крис Пол постигна 23, а ДеАндре Џордан имаше учинок од 17 поени и 18 поени.
Портланд загуби и покрај одличната игра на Ламаркус Олдриџ кој мечот го заврши со 37 поени и 12 скокови.
На другите натпревари: Шарлот загуби од Сан Антонио (93:98), Орландо го совлада Хјустон (120:113), Мемфис победи во Бруклин (103:92), Њу Орлеанс му го нанесе на Детроит вториот пораз на последните десет натпревари (105:94), Торонто ја порази Филаделфија (100:84), Вашингтон триумфира во Чикаго (105:99), а Денвер го победи Далас (114:107). крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.