Домашен
Червар: ПСЖ е фаворит, нека го покаже тоа и на теренот
Македонскиот шампион Металург, в недела на домашен терен ќе ја отвори новата сезона во ракометната Лига на шампиони. Прв противник на Металург ќе биде Пари Сен Жермен, екипа против која тимот на Лино Червар играше и во минатата сезона во фазата по групи.
Францускиот тим и оваа сезона има најголем буџет од сите учесници во Лигата на шампиони, а за разлика од минатата сезона која не им донесе успех, екипата е засилена со голманот Тиери Омејер и бекот Вилијам Акамбре. „ПСЖ е фаворит на нашиот меѓусебен дуел. Тешко е пред натпреварот на некого да му признаете дека е фаворит, но тоа е вистината. Омејер е вистински победник, кој сè уште важен играч за француската репрезентација, го донесоа шутерот Акамбре. Веќе тука се Абало, Орумбија и Нарсис, им фали уште Карабатиќ и да ја имате првата постава на француската репрезентација, без сомнение најдобриот тим во ракометот. Кога тука ќе ги додадете Хансен кој е најдобар дански играч, потоа тројцата хрватски репрезентативци Копљар, Вори и Гојун, тогаш сè е кажано. Тврдам дека имаат најдобар тим на светот. Никој нема толку пари и така моќен тим. Зошто не беа први тоа е веќе друго прашање, јас тука говорам за структурата на нивниот тим“, рече на прес конференцијата тренерот на Металург Лино Червар.Во слична позиција Металург беше и минатата сезона пред мечот со ПСЖ и тогаш скапиот француски тим беше фаворит, но тимската игра која тогаш ја презентираше Металург му донесе победа од два гола разлика. Поради тоа, Червар и неговите избраници немаат намера однапред да се предадат. „Ние нема однапред да се предадеме, ќе се обидеме да се спротивставиме. Доколку сакаме да им парираме мора да покажеме тимски квалитет, не поединечен. Поединечно сигурно не можеме да им се спротивставиме, но тимскиот квалитет е важен, тоа треба да биде победничката карта. Мора да ги победиме со нашата борбеност, мора срцето да го оставиме на теренот, доколку не го сториме тоа тогаш нема да имаме никакви шанси.“Клучен фактор против ПСЖ треба да биде играта во одбраната, која мора да биде на високо ниво, далеку подобра од онаа која Металург ја играше во СЕХА лигата против Веспрем. Исто така, како што потенцираше Червар, неговите ракометари не смеат да му дозволат на противникот да развие брз игра и да постигнува лесни голови од контранапад. „Минатата година ни покажаа некои работи во таа брза транзиција, тогаш Нарсис беше голема загатка за нас. Тој е одличен игра, многу тешко можете да го сопрете кога е во движење. Добија ширина во нападот со доаѓањето на Акамбре. Мора исто така да се пазиме од крилата Абало, Оримбија и Мелиќ. Доколку нашиот напад не биде ефикасен тогаш тие тоа ќе знаат да го казнат.“Голем проблем за Металург ќе биде неиграњето на Ренато Вугринец, кој одработува еден натпревар суспензија, поради црвениот картон кој го доби во минатосезонското четвртфинале против Кил.„Неиграњето на Вугринец е голем хендикеп за нас. Ќе играме на два начини во нападот, ќе играме со Липовина на десен бек, но и без играч кој шутира со левата рака значи таа позиција ќе треба да ја покријат Атман, Мојсо, Миркуловски, Циндриќ, Борозан. Имаме играчи со кои ќе се обидеме да најдеме вистинско решение.“Натпреварот помеѓу Металург и ПСЖ ќе се одигра в недела во 19 часот во арената Борис Трајковски. Покрај овие два тима во групата се наоѓаат уште и Кил, Загреб, Ла Роиха и Брест Мешков. крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.