Домашен
ФИФА листа: Македонија „скокна“ за две места
Светската фудбалска организација (ФИФА) во четвртокот ја објави најновата ранг листа, на којашто македонската репрезентација напредуваше за две позиции и сега се наоѓа на 139-то место.
И покрај незначителниот напредок Македонија се наоѓа во долниот дел на листата на која има вкупно 209 репрезентации.
На листата, пред македонската репрезентација, повторно има селекции кои не можат да се пофалат со некоја богата фудбалска традиција. Така, пред Македонија се Азербејџан, Грузија, Танзанија, Намибија, Туркменистан, Виетнам, Бахреин, Гвајана, Кенија, Судан…
Доколку се направи споредба со европските селекции, членки на УЕФА без Косово кое сѐ уште не фигурира на листата на ФИФА, зад македонската репрезентација се наоѓаат само шест селекции: Луксембург (146), Молдавија (159), Малта (166), Лихтенштајн (168), Сан Марино (200) и Андора (202).
Македонија во септември ќе го започне квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство во Русија, а од противниците во групата само Лихтенштајн има полош рејтинг, останатите се далеку пред „црвено-жолтите“: Шпанија (6), Италија (12), Албанија (42), Израел (71).
Мали измени има и меѓу првите десет во светот, Австрија е десетта, оваа селекција првпат се наоѓа во Топ 10, од каде испадна Англија. На врвот е Аргентина пред Белгија и Колумбија и Германија напредуваа за една позиција, петта е селекцијата на Чиле која назадуваше за две позиции. Шпанија, Бразил, Португалија и Уругвај ги задржаа своите позиции од шестото до деветтото место./крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.